Инспиративен дувачки оркестар на млади музичари
Во вторникот, на 2 април 2019 година, со почеток во 19:30 часот, на сцената на Македонската филхармонија се одржа концерт на Дувачкиот оркестар при Конзерваториумот за музика и балет во Љубљана, Словенија, (Pihalni orkester, OE Glasbena šola Konservatorija za glasbo in balet Ljubljana). Нивниот настап, најпрво инициран од страна на наставниците од Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Вишата балетска школа при Конзерваториумот за музика и балет во Љубљана кои соработуваа во рамките на програмата за размена на наставен кадар Еразмус+, организациски беше помогнат од страна на Државниот музичко-балетски училишен центар „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Овој концерт беше дел од балканската концертна мини-турнеја на учениците од Дувачкиот оркестар, која што ги опфати градовите Белград (29 март), Солун (31 март), Волос (1 април) и Скопје.
Како водач и диригент на оркестарот се претстави професорот Андреј Зупан кој е и истакнат словенeчки кларинетист. Концертот започна со Празничната увертира оп. 96 во A-dur на Дмитри Шостакович, во аранжман за дувачки оркестар на Тохру Такахаши. Делото е напишано во 1947 година како нарачка по повод одбележувањето на 30-годишнината на Октомвриската револуција, но не било изведено сè до 37-та прослава по истиот повод. Увертирата започна со фанфари во лименитe дувачи и уште од самиот почеток публиката беше воведена во свечена атмосфера и заплисната од бран на пријатен, исполнет и топол звук. Композицијата траеше шест минути, но младите музичари со својата експресивност и усогласеност на изведбата ги претворија во секунди.
После одличниот почеток, концертот продолжи со изведбата на композицијата Colors for Trombone на белгискиот композитор, професор и диригент Берт Апермонт. Делото е напишано во 1998 година, посветено на тромбонистот Бен Хемхојтс, иако може да се најде и во верзија за пијано. Colors for Trombone е композиција конципирана во четири става кои што изразуваат чувства базирани на четири бои: жолта, црвена, сина и зелена. Како солист настапи младиот тромбонист Матеј Штих, ученик во класата на професорот Андреј Карба. Оваа композиција се карактеризира со доловување на различни бои или тембри во палетата на звучни можности на тромбонот, а истовремено композиторот ни нуди впечатлива игра со опсегот на инструментот. Штих успеа да ги долови овие карактеристики, а истовремено да го запази емотивниот и програмскиот дел што во себе го носи делото, варирајќи од едно чувство кон друго, односно од една боја кон друга. Тука ќе ја споменеме уште еднаш усогласеноста на оркестарот, но овојпат во контекст на соработката со солистот.
Балканска суита, дело на словенечкиот композитор Петер Шавли која следеше на програмата, внесе позитивна енергија кај македонската публика понесена од препознатливите мелодии и ритми.
Потоа, младите уметници го изведоа едно од највеличествените дела напишани за овој вид оркестар, Mannin Veen на англискиот композитор од ХХ век, Хајдн Вуд. Насловот на композицијата се однесува на островот Ман во Ирското море, познат по спецификите на животот на келтските заедници уште од почетокот на ХI век. Дувачкиот оркестар, и посебно кларинетите, успешно ни ги претставија четирите карактеристични фоклорни теми изградени врз елементи на древната келтска култура и вкомпонирани во едноставична композиција, кои ја смирија атмосферата на концертот и со автентичноста на изведбата нè внесоа во скоро хипнотично расположение.
Официјалната програма на концертот заврши со Greek Folk Song Suite на швајцарскиот композитор Франко Цезарини. Делото се состои од три ставa. Првиот став “O Haralambis” започна со свечен тон во 7/8 ритам со карактеристична тема на грчки фоклорен танц. Во секој од трите става на делото се јавува по еден солист на различен инструмент, па така во првиот став прозвучи соло обоа. Во вториот став “Stu Psiloriti” базиран на тема на песна од островот Крит, се јави соло флејта која што мошне суптилно ја изнесе својата делница. “Vasilikos tha jino”, последниот став, заврши во нам добро познатиот танц сиртаки и соло делница на тромбон.
Освен дувачкиот состав, на концертот не останаа незабележани и групата удирачки инструменти кои заедно со харфата и контрабасот `и подарија на публиката незаборавна музичка вечер.
На крајот од програмата публиката ги награди младите музичари со заслужен долготраен аплауз пропратен со овации. За бис се изведе композицијата Klezmer Classics oд Јохан де Меи, тромбонист, диригент и композитор, базирана на музичката традиција клезмер специфична за еврејската Ашкенази култура, која била користена за свадби и забави. Композиторот успешно поврзал пет познати клезмер теми во една целина во брз, виорен ритам, со суптилна разновидна орнаментика, стилски соодветна, па нејзината декоративност ни ја долови суштината на самата композициона структура.
Mладите музичари покажаа завидна техничкa подготвеност без отстапки во стилот, темпото или интонацијата, и со младешки елан задржаа во публиката константна, мобилизирачка атмосфера во текот на целиот концерт.
За крај, ќе резимираме дека оркестарот се претстави со шест композиции, секоја различна и нова за нашата публика и секоја со свој различен концепт и различни музички елементи кои што во нивното исполнување дојдоа до полн израз. Големата сала на Филхармонијата иако не беше исполнета до последно место, беше исполнета со позитивна атмосфера како сведок дека концертот остави позитивен печат во концертниот живот кај нас. Таква посветеност, музикалност и вештина од млади уметници во средно музичко училиште треба да нè инспирира и поттикне сите нас за подигање на квалитетoт на нашите уметнички настојувања, особено кога станува збор за вистинските можности на дувачкиот оркестар.