Две премиерни изведби во Македонската филхармонија попратени со топол звук на виолина
На 21 март 2019 година се одржа уште еден целовечерен концерт на Македонската филхармонија под диригентско водство на Конрад ван Алфен од Холандија, а како солист на вечерта настапи Бенџамин Шмид, виолинист од Австрија. Во првиот дел од концертот на сцената на Филхармонијата прозвучија две композиции со премиерна изведба во Македонија – Jasmine Flowers and Red Chestnuts oд македонскиот автор, дипломец на Конзерваториумот во Амстердам, Владимир Николов и Фантазија апасионата за виолина и оркестар оп. 35 од Анри Виетан. Освен овие две дела се изведе уште едно дело од Виетан – Концертот за виолина и оркестар бр. 5 во a-moll оп. 37. Во вториот дел на концертот публиката беше во можност да ја проследи Симфонијата бр. 3 „Шкотска“ во a-moll оп. 56 на Феликс Менделсон.
Во последниот период Македонската филхармонија е ангажирана во повеќе полиња и разработува и презентира програма од разновидни, популарни жанрови. Овие случувања интригираат луѓе од различни сфери да се заинтересираат за Македонската филхармонија како институција и ја доближуваат музичката уметност на пошироката публика. Гостите на овој концерт спаѓаат во групата квалитетни музичари кои што творат уметност на сцена и одговараат на високото ниво кое што го носи овој оркестар.
Диригентот Конрад ван Алфен мошне вешто и со позитивна енергија ги водеше оркестарот на Филхармонијата и солистот. Впечатливо беше неговото настојување за сè попрецизно динамичко боење кое што го бараше во изведбата на секоја од композициите на програмата. Во неговиот пристап во првата изведена композиција од македонскиот автор Владимир Николов забележавме одлична контрола врз оркестарот која овозможи истакнување на главната линија во делото, контраст на двете мелодии и кинескиот призвук подвлечен со начелата на џезот. Во Симфонијата бр. 3 „Шкотска“ на Менделсон беше доловен елегичен романтичарски звук и впечаток на едноставичност.
Кога станува збор за Филхармонијата забележлив е нејзиниот растечки ентузијазам и сѐ поквалитетните и попрецизни изведби. Дувачкиот отсек, понекогаш проблематичен кога станува збор за конкретна слика на нивните изведби, на овој концерт беше збогатен во групата на хорни со студенти од Факултетот за музичка уметност во Скопје. Во симфонијата на Менделсон нивната делница е богата со карактеристични мелодии кои што даваат топлина на целосниот звук на делото.
Солистот Шмид се претстави пред македонската публика со две мошне сложени дела за виолина и оркестар од белгискиот композитор и виолински мајстор Анри Виетан. Двете дела се во три става и со виртуозни парчиња, особено Фантазија апасионата, дело во кое доаѓа до израз техничката способност и виртуозност на изведувачот. Шмид демонстрираше техничка спремност, виртуозитет и емоција преку динамичкиот план. Сликата од бурни емоции проткаени со меланхолија ја пренесе преку својата скапоцена Страдивари ex Viotti виолина од 1718 година, која владееше со сцената со својот смирен, впечатлив и пријатен звук. Очигледна беше контролата на Шмид врз својот инструмент и одличното владеење на музиката што ја изведуваше. Таквата сигурност придонесе кон целосната позитивна слика на неговата изведба.
Секој концерт на Македонската филхармонија се разликува еден од друг, не постои иста константна слика за нивните изведби, што е условено од умешноста, техничката и уметничката подготовка на диригентот и солистот. Со секој изминат концерт, Филхармонијата освен што ја надградува својата програма со изведби на премиерни дела истовремено се надградува и во квалитетот на изведбата на самата програма.