Токатноста како препознатлива одлика
Родена во 2002 година во Битола, Злата Даниловска музичкото образование го започнала на седумгодишна возраст во битолското музичко училиште. Веќе на осум години започнала да учи пијано во класата на проф. м-р Марија Шамоска-Буџаковски (студент на проф. Милица Шперовиќ-Рибарски). Таа била нејзин педагог во текот на целото основно и средно музичко образование. Во 2021 година се запишала на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. д-р Кристина Светиева.
Добитник на бројни награди на домашни и меѓународни натпревари, меѓу кои се издвојуваат: третата награда на меѓународниот натпревар “Piano Talents” во Милано (2016), прва награда на Државниот натпревар на млади музичари за основно музичко образование (2016), награди на Меѓународниот натпревар „Пијанофест“ – Битола (2019 – прва, 2020 – втора, 2023 – прва награда), признание за најдобра изведба на Суита оп. 27 од Томислав Зографски, прва награда на Државниот натпревар на млади музичари (2019), прва награда на Седмиот меѓународен натпревар на млади пијанисти во Гевгелија (2017), пласман во втората етапа и освоено шесто место (во група од неделиво прво до петто место) на Меѓународниот натпревар „Петер Топерцер“ (Medzinárodná klavírna súťaž Petra Toperczera) во Кошице, Словачка (2017), како и втора награда на фестивалот „Полихимнија“ во Скопје (2025).
Своето професионално усовршување го надградувала и преку учество на мајсторски курсеви и семинари кај пијанистите Еуген Сковордников (Украина/Канада), Олег Маршев (Русија/Австрија), Дарко Костовски (Македонија/Германија), Јуриј Кот (Украина) и Рустан Рафмедов (Туркменистан/Турција).
Нејзините изведби се документирани преку телевизиските извештаи за битолското музичко училиште, во кои рано се наѕира нејзиниот моторички импулс и склоноста кон токатниот пијанистички пристап. Особено впечатливи се изведбите на Токатата од Исак Берковиќ во 2015 година, Шопеновата етида оп. 25, бр. 10, во рамките на 27. Шопенова вечер во 2020 година, Суитата од Томислав Зографски, како и Танцот со сабји од Арам Хачатурјан во пијано за четири раце со Љубица Здравковска (Duo Muza) изведен истата година.
Истовремено, нејзиниот репертоар е стилски разновиден, што претставува неопходен дел од пијанистичкото образование и развој. Ова се потврдува со нејзините настапи на Меѓународниот натпревар „Пијанофест“ – Битола (2023), како и изведбата на Прелудиумот бр. 1 (посветен на Бил Дејли / To Bill Daly) од Џорџ Гершвин во Концертната сала на ФМУ, кои може да се проследат на нејзиниот канал на Jутјуб.
Покрај солистичките настапи, активна е и како уметнички соработник на повеќе студенти-инструменталисти и композитори, како и на хорот и симфонискиот оркестар на ФМУ, а членка е и на Женскиот младински хор при Младинскиот културен центар во Скопје. Уште за време на студиите започнува да се занимава со педагошка дејност и моментално работи како наставник по пијано во школите “Piano Academy” и „Крешендо“ во Скопје.
Во текот на студиите се издвојува и нејзиниот интерес за заштита на културното наследство и за дигиталното архивирање. Во таа насока, учествувала во две изведби („Моме стоје“ и „Море се разболе млад Никола“) во рамките на проектот Мултимедијален корпус на македонски народни песни на Архивот Бужаровски во 2023 година.
Дипломскиот испит по пијано на Злата Даниловска претставуваше заокружен настап во кој се обединија резултатите од нејзиниот досегашен образовен развој и нејзините уметнички стремежи, при што низ програмата јасно се наметна токатниот карактер како обединувачка линија (станува збор за израз заснован на моторичка енергија, јасна артикулација, прецизен ритам и звучна цврстина). Го проследивме првиот дел од испитот, одржан на 23 јуни 2025 година, со почеток во 14 часот, во Концертната сала на ФМУ.
Настапот започна со Токата во e-moll, BWV 914 од Јохан Себастијан Бах. Делото припаѓа на циклусот од седум токати (BWV 910–916), кои го заокружуваат раниот творечки период на композиторот. Токатата во e-moll е составена од четири делови (Прелудиум, Двојна фуга, Адаџо и Фуга), кои се надоврзуваат без прекин. Изведбата на Даниловска се одликуваше со умерено темпо и јасна артикулација, соодветни на барокниот стил. Во нејзината интерпретација се чувствуваше сигурност: секој тон звучеше цврсто и стабилно, а тематскиот материјал беше прецизно издвоен, овозможувајќи јасно следење на неговиот развој. Ваквиот пристап ја истакна и токатната природа на делото.
Следуваше Сонатата, оп. 81a, бр. 26 (1809/10) од Лудвиг ван Бетовен, позната како Les Adieux (Збогување). Делото е инспирирано од принудното заминување на надвојводата Рудолф (Rudolph Johann Joseph Rainier, 1788–1831), пријател, ученик и заштитник на Бетовен, поради Наполеоновата опсада на Виена во 1809 година, и во него личните емоции се исткаени со тешката историска реалност на војната и разделбата. Во интерпретацијата на првиот став, “Das Lebewohl” („Збогување“). Имајќи предвид дека ставот започнува со една воздржана изразност (отворените акорди од првото движење кои симболизираат повик на збогување), која постепено се развива во подинамичен тек, Даниловска успеа да ја изгради драматуршката линија преку стабилна и дефинирана басова линија и јасно истакната мелодиска линија во десната рака, со што беше постигната потребната емоционална длабочина. Вo вториот став, “Die Abwesenheit” („Отсуство“) таа успеа да ја долови атмосферата на неизвесност и празнина преку динамичките контрасти и со контролирање на звучниот тек. Преминот кон третиот став беше природно и јасно обликуван, со нагласено чувство за формална целина. Третиот став, “Das Wiedersehn” („Повторно обединување“), го започна со полн и енергичен тон, со промислената употреба на педалот и со контрола што повремено преминува во изразена токатност, со што го пренесе чувството на радост и ослободување.
По завршувањето на сонатниот циклус на Бетовен, атмосферата во салата премина во изразено драматично романтичарско расположение на Шопеновата прва Балада во g-moll, оп. 23, означено со темните и меланхолични октави на хармонски сложениот вовед со доминантна подготовка. Во лирските делови десната рака се одликуваше со стабилност и звучна полност, што овозможи јасно истакнување на тематскиот материјал, додека левата рака суптилно ја градеше хармонската основа. Во брзите, виртуозни пасажи Даниловска покажа сигурност, при што повторно внимателно го употребуваше педалот со цел да создаде помасивен звук.
По кратка пауза следуваше концертната етида Gnomenreigen (Танцот на гномите), S. 145, бр. 2 (1863) од Франц Лист. Даниловска демонстрираше високо ниво на контрола и координација во изведбата на брзите стакато украси што се пренесуваат меѓу двете раце, хроматските пасажи и репетираните тонови во левата рака, со што токатниот карактер на етидата дојде до полн израз.
Веќе беше нагласено дека Даниловска поседува изразена внатрешна цврстина, агилност и токатна енергија. Токму ваквиот пијанистички пристап се покажува како една од нејзините најсилни страни, особено во делата на Сергеј Прокофјев, кои редовно се наоѓаат на нејзиниот репертоар (меѓу нив и впечатливите изведби на Сонатата бр. 3, оп. 28 и Етидата оп. 52, бр. 3, достапни на нејзиниот Фејсбук-профил). Оттука, не е изненадувачки што дипломскиот настап на оваа музички интелигентна пијанистка симболично беше заокружен токму со циклусот Сарказми, оп. 17 (1912–1914), создаден во авангардниот период на композиторот. Таа ги изведе првите три пиеси (Tempestoso, Allegro rubato, Allegro precipitato) од овој циклус. Во првата пиеса го нагласи ритмичкиот импулс и експресивната острина, постигнувајќи соодветен саркастичен тон. Втората пиеса се издвои со своите необични фигурации, преку кои ироничниот карактер се изразува посуптилно и со внатрешна напнатост. Во третата пиеса таа го изгради драматичниот тек со прецизна артикулација и јасно обликувана кулминација.
Во дипломскиот настап на Злата Даниловска јасно се препознава континуитетот на нејзиниот досегашен пијанистички развој, како и насоките на обликување на нејзиниот уметнички профил. Техничката сигурност, стабилниот тон и токатната енергија се нејзини квалитети што се наѕираат уште во раната педагошка литература и постепено се изградуваат во зрел уметнички израз во делата со драмски и виртуозен набој. Останува да ѝ посакаме понатамошен успешен уметнички развој, во кој токатноста ќе продолжи да се афирмира како нејзина препознатлива одлика.
Милена Наумовска, 30 јуни 2025 година