Music Review 02

Седумнаесет години традиција и непоколеблив дух

Кон концертот по повод Светскиот ден на хармониката

Седумнаесет години традиција и непоколеблив дух

Кон концертот по повод Светскиот ден на хармониката

Во класичната музика, како најстаро зачувано дело се наведува Thême varié très brilliant, напишано во 1836 година од Луиз Риснер (Louise Reisner). Меѓу композиторите кои оставиле значаен белег во репертоарот за овој инструмент се вбројуваат Зубицки (Владимир Зубицкий, 1953), Семјонов (Вячеслав Семёнов, 1946), Пјацола (Astor Piazzolla, 1921–1992), како и Золотарјов (Владислав Андреевич Золотарёв, 1942–1975), кој се смета за втемелувач на современото творештво за хармоника. Од македонските композитори особено се издвојува Бете Илин (1982), чиј опус вклучува значаен број дела за хармоника, меѓу кои: Duellum за дуо хармоники и гудачки оркестар, The new tomorrow за соло хармоника и гудачки оркестар, Македонска парафраза за трио хармоники, Р’м па па за дуо хармоники, Memories за соло хармоника итн.

Со цел да се одбележи и запамети датумот на патентирањето на овој инструмент, Светската унија на хармоникаши во 2009 година го има прогласено 6 мај за Светски ден на хармониката. Во духот на оваа прослава, здружението „Љубители на класичната музика – Скопје“, кое од 2001 година е член на Светската унија на хармоникаши, годинава по седумнаесетти пат организираше концерт по повод овој меѓународен празник. Настанот се одржа на 26 мај 2025 година во Музејот на македонската борба, со почеток во 20 часот, а на него настапија студенти од Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. м-р Зорица Каракутовска – потпретседател на Светската унија на хармоникаши, претседател на здружението и прв дипломиран хармоникаш од пионерската генерација на ФМУ.

Програмата беше поделена во три програмски блока, а настанот го водеше новинарот Огнен Јанески, кој со својата досетливост и внимателно дозирана духовитост умешно ја воведуваше публиката пред секој следен блок на настапи.

Првиот блок започна со Андалузиска романса (Romanza andaluza, 1878) од шпанскиот композитор и виолинист Пабло де Сарасате (Pablo de Sarasate, 1844–1908), а заврши со Хумореска од рускиот композитор Јозеф Тамарин (Joseph Tamarin, 1948). Андалузиска романса ја изведе квартетот во состав Дарко Кулевски, Христијана Матеска, Милош Кировски и Виктор Кулески, додека Хумореска беше изведена од квартетот Иван Митиќ, Ване Митев, Јован Терзиев и Илија Гелевски. И покрај разликите во карактерот на делата, изведбите се одликуваа со стилска автентичност и полн, заокружен звук.

Меѓу двете камерни изведби беше вметнат соло настап на извонредниот Филип Петрески со делото Малагена од кубанскиот композитор Ернесто Лекoуна (Ernesto Lecuona y Casado, 1895–1963), шестиот став од Суита Андалузија (Suite Andalucía, 1933). Петрески успешно го долови духот на шпанската култура, пренесувајќи ги мотивите од шпанските народни песни malagueñas.

Врвот на првиот блок беше достигнат со настапот на Христијана Матеска и делото Откровение (2000) од рускиот композитор Сергеј Војтенко (Сергей Иванович Войтенко, 1973). Со експресивни мелодии и разновидни динамички нијансирања, Матеска со својата беспрекорна интерпретација и техничка подготвеност ја пренесе емоционалната длабочина на делото, и вешто ја долови борбата помеѓу надежта и тагата, покажувајќи висок степен на музичка зрелост.

Како што забележа и водителот Јанески, првиот блок се одвиваше во еден широк емоционален лак – „ред смеа, ред солзи, секогаш од убаво, кој како ја почувствувал, но и како ја превел музиката“.

Во вториот блок беа изведени дела од аргентинскиот композитор Астор Пјацола и македонската композиторка Бете Илин. Симболично, блокот започна со настап на проф. Каракутовска со делото Дафино, инспирирано од македонската народна песна „Дафино вино црвено“. Композицијата била специјално напишана и посветена на претседателот на Светската унија на хармоникаши, италијанскиот хармоникаш Патарини (Mirco Patarini, 1966), со премиерна изведба во 2022 година.

Следуваше настапот на Дарко Кулевски со делото Доне, инспирирано од три македонски народни песни („Се посврши сербез Донка“, „Не се фаќај Доне, Донке“ и „Не стој Доне, Донке“), напишано за проф. Каракутовска и премиерно изведено во 2021 година на концертот по повод светскиот ден на хармониката.

После двете впечатливи изведби на делата на Бете Илин, од кои извираа препознатливи фолклорни мотиви, на сцената прозвучи Етида на тема од Пјацола (Étude sur le thème Chicuilín de Bachin) од францускиот композитор Франк Анџелис (Franck Angelis, 1962), во изведба на Милош Спасов. Спасов оствари технички сигурна и карактерна изведба на делото, кое ги спојува аргентинското танго со класични елементи, со изразено чувство за динамиката, преку која успешно ја пренесе мешавината на среќа и тага што го определува овој музички спој.

Во духот на музичкиот израз на Пјацола премиерно се претстави и дуото хармоники составено од Христијана Матеска и Зорица Каракутовска со изведбата на Адиос Нонињо (Adiós Nonino, 1959). Преку дијалогот меѓу двете хармоники (мелодијата и придружбата), беше доловена носталгијата и тагата што живеат во ова емотивно дело посветено на таткото на композиторот.

Третиот блок започна со транскрипции од германскиот композитор Рудолф Виртнер (Rudolph Würtner, 1920–1974). Најпрвин настапи Јован Терзиев со впечатлива изведба на La Campanella, а потоа Христијана Матеска со Кармен фантазија (Carmen Fantasie, 1951). Матеска повторно се издвојуваше со сценскиот настап, емоционалната изразност и виртуозната интерпретација на познатите теми од операта Кармен (1875) од Жорж Бизе (1838–1875). Нејзиниот настап беше поздравен со долг аплауз, со кој публиката ја повикуваше назад на сцената.

Во продолжение следеа настапите на Дарко Кулевски со третиот став „Бура“ од „Летото“ од Годишните времиња (1723) на Антонио Вивалди (1678–1741), и на Филип Петрески со вториот став од Карпатската суита на Владимир Зубицки. Кулевски уверливо ја долови драмската напнатост преку јасно артикулирани ритмички структури, додека Петрески внесе топлина со својата изведба, пренесувајќи ги фолклорните елементи од карпатскиот регион.

За крај, присутните имаа можност да слушнат октет хармоники во состав Дарко Кулевски, Христијана Матеска, Милош Кировски, Илија Гелевски, Иван Митиќ, Ване Митев, Виктор Кулевски и Јован Терзиев, кои го изведоа првиот став од „Пролетта“ од Годишните времиња на Вивалди. Изведбата се одликуваше со звучна усогласеност на ансамблот, со што се создаде ведра и свечена завршница.

Новинарот Јанески ја истакна неуморната посветеност на проф. Каракутовска, како и онаа на нејзината сестра Аница Каракутовска и композиторката Бете Илин, велејќи дека со цело срце и непоколеблива енергија, цели 17 години по ред, тие успешно го одбележуваат светскиот ден на хармониката, надминувајќи ги сите пречки и тешкотии на патот. Вечерта беше заокружена со зборовите на проф. Каракутовска, која истакна дека, и покрај отсуството на официјалната поддршка од Министерството за култура оваа година, настојуваат да ја зачуваат традицијата и дека продолжуваат со уште поголема енергија, заблагодарувајќи им се на сите поддржувачи.

Милена Наумовска, 12 јуни 2025 година