Тапанар што ја освојува секоја сцена
Имав можност да разговарам со Бојан Анакијевски, студент по удирачки инструменти на Факултетот за музичка уметност во Скопје и перкусионист кој веќе формира следни генерации. Во нашиот разговор опфативме различни аспекти од неговиот музички пат – од формалното образование и жанровскиот избор до искуствата на концертната сцена. Клучната тема, сепак, беа неговите размислувања и инсајдерски увид во самиот процес на совладување на тапаните.
Роден на 2 јули 2003 година во Битола, Бојан Анакијевски го започнал и завршил своето основно и средно музичко образование во Државното музичко училиште во Битола, во класата по удирачки инструменти на проф. Методија Мешковски, издвојувајќи се како еден од најуспешните во својата генерација. Во 2022 година, неговиот образовен пат го продолжил на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, најпрво во класата проф. м-р Мојца Седеу, а моментално ја заокружува третата година на одделот по удирачки инструменти, во класата на проф. м-р Влатко Нушев. Неговиот талент е потврден со бројни награди: освоил четири специјални и повеќе први награди на натпреварите организирани од ЗДНМБУ (Здружение на директори и наставници на музичките и балетските училишта на Македонија), Меѓународниот натпревар „Дојрана“ и Меѓународниот фестивал со натпреварувачки карактер „Сергеј Михајлов“ во Штип.
Овој разговор се одвиваше во знак на неговиот важен претстоен солистички настап со оркестарот на Филхармонијата, на традиционалниот концерт со наслов „Младите доаѓаат и звукот на идната генерација“, одржан на 5 јуни 2025 година. Под диригентската палка на професорот, маестро Борјан Цанев, тој го изведе Концертот за перкусии и оркестар, оп. 109 од Дариус Мијо. Во меѓувреме, можеме да го следиме и во улога на оркестарски музичар, како соработник во редовниот репертоар на оваа институција. Ова сведочи за довербата што му се укажува во изведбата на најсложените дела од музичката литература.
Уште од најрана возраст покажуваш афинитет кон удирачките инструменти. Со оглед на твојот досегашен успех, како изгледаа твоите музички почетоци? Сè започна кога имав три или четири години. Имав тапани дома, бидејќи мојот дедо, Васко Анакијевски, беше тапанар и од мал бев опкружен со музика и инструменти. Имав и гитара, хармоника и виолина. Не знам зошто, но тапаните најмногу ме привлекоа. На шест години моите родители ме запишаа во основното музичко училиште во Битола каде почнав да изучувам класична музика. На моите први настапи и натпревари имав прилично многу трема, но со текот на времето сфатив дека колку повеќе настапувам, толку повеќе тремата исчезнува. Никој не може да ја отстрани наместо тебе. Тоа мораш сам да го направиш.
До 2022 година беше во класата на професорот Методија Мешковски. Од колкава важност беше комуникацијата со твојот професор во тој период? И воопшто како ја оценуваш улогата и влијанието на професорите во твоето формирање како музичар? Комуникацијата со професорот има важност, се разбира. Би ги издвоил континутетот на наставата, насоките што ми беа давани за полесно совладување на материјалот. Но, сепак, мислам дека е поважно самостојно да размислуваш, отколку да се потпираш единствено на комуникација со професорот. Најважно е сам да најдеш начин да го решиш проблемот. На тој начин се осамостојуваме. Тука ја гледам и улогата и влијанието на професорите – во формирањето на самостоен музичар.
Покрај подготовката на настапите за музичките натпревари, во ученичките денови беше дел од бендот Misanthrope. Сподели го со нас твоето искуство со овој бенд? Misanthrope ми беше прв бенд. Почнавме да свириме cover-верзии од популарни песни и тоа траеше многу долго време. Потоа почнавме да работиме на нашиот прв албум. Подготовката на албумот беше долг процес бидејќи немавме искуство, нити пристап до професионално студио. Албумот го снимавме две години и уште една година го усовршувавме. Во меѓувреме свиревме на повеќе фестивали како “D Fest” и “Loser Fest”.
Што сметаш дека е најважно, вон партитурата и техниката, за успешно заедничко музицирање? Свирењето не е толку голем предизвик колку што е комуникацијата. Таа често претставува проблем во групната работа. Кога се работи на музика мора да има компромис и комплицирано е кога еден сака да доминира. Мора да се дели идејата и членовите на бендот мора барем минимално да го делат истото мислење.
Колку е важно за еден музичар активно да слуша различни жанрови и како тоа се одразува на развојот на неговата техника и музичкото размислување? Важно е сè да слушаш. Не треба длабоко да навлегуваш, но важно е да имаш по нешто од секој жанр.
Твојата патека ги вклучува и интензивните ритмички структури на металот (уште од почетоците претежно свириш хеви метал и треш метал), и импровизациската слобода на џезот. Како да го разграничиме техничкиот пристап при свирењето во овие два дијаметрално различни света? Метал и џез се многу далечни жанрови, дури би рекол дека класичната музика е поблиска до метал отколку џезот. Џезот е многу послободен од метал. Во метал построго се свири, подефинирано, додека џезот има друг пристап. Ние тапаните ги третираме како инструмент што држи ритам. Во џезот замислата е тапаните да се дел од музичкиот израз и најчесто баситот е тој што го држи ритамот.
По доаѓањето во Скопје и запишувањето на ФМУ, започна со соработка со бендот Demency. Дали претставуваше предизвик вклопувањето во поразлична музичка и генерациска средина? Прво, постоеше голема генерациска разлика. Тоа беше првпат некој да ми се јави и да ми понуди да свирам без претходно да се знаеме. На почетокот беше чудно; не комплицирано, но сепак беше ново и различно. Никој не познавав, сè ми беше ново – нов град, нови луѓе. Ова се случи пред да се запишам на ФМУ, но со текот на времето се прилагодив и сè стана полесно.
Според најновите објави на социјалните мрежи, моментално си активен и со бендот Baryogenesis. Дали со овој бенд ја продолжуваш својата досегашна патека на метал-сцената или пристапот е поразличен? Да, музиката што ја свириме е метал, но има елементи што не делуваат на метал. Има fusion-елементи што прават основата на музиката да не е метал, но да биде дел од таа сцена. Идејата е да звучи поразлично: не е типично за метал, ама сепак жанровски, припаѓа таму.
Твоето прво учество на Skopje Drum Festival во 2022 година беше значаен чекор. Кои беа условите за учество и со што избра да се претставиш? Ме побараа и сè зависи од тоа дали имаш нешто да покажеш – ако имаш материјал, одиш и се претставуваш. Се преферира да се свири авторска музика, нешто што јас имам снимано или сум бил дел од некој проект. Јас свирев една од Demency, една од Baryogenesis и една од Misanthrope.
Паралелно со настапите активно се занимаваш и со педагогија. Кога и како се јави оваа желба да го пренесеш знаењето? Предавам во Pianoforte и во Musiclab. Почнав пред нешто повеќе од една година. И во двете школи предавам поп, тапани. Учениците се на возраст од четири до 19 години, но сум имал и повозрасни ученици.
Работата со ученици, особено со помалите деца, носи специфични предизвици. Како пристапуваш кон надградбата на нивната техника и како ги бираш вежбите, имајќи ги предвид нивната возраст и мотивација? Секој ученик е различен. Пример, да имам две деца од по четири години, со двете пристапот ќе биде различен. Голема улога игра карактерот и дисциплината. Прво, колку сака и колку може, но поважно е колку сака. А не е толку комплицирано, само треба трпение. А во однос на техничките вежби, сè зависи од возраста. Помалите деца зборовите кои ги употребуваме за техниката нема да ги разберат. Некои од техниките се Push-pull, Moeller – детето нема да разбере што кажувам. Тоа ќе биде само имитирање на движења што нема да има никаков ефект. Најчесто кај тие деца се скокаат некои елементи. Постепено, преку учење рудименти, природно ќе почнат да се местат рацете, ама важно е детето колку сака да научи. Ќе гледа и други тапанари, ќе ме гледа и мене и полесно ќе научи. А има некои многу мали деца, кои се доволно заинтересирани за да можеме да зборуваме за движење на рака. И ќе ме сфатат и веќе ќе почнат да учат. Целата работа е што процесот на учење трае многу долго време за дете. Ако премногу се форсира со вежби, може да изгуби целосен интерес за инструментот.
Дали се фокусираш исклучиво на сет тапани во наставата или вклучуваш и други перкусии? Предавам само сет тапани. Прво ги учиме сите рудименти, а потоа ги применуваме на целиот сет. Рудиментот ученикот не треба да го научи напамет на добош, туку треба да знае да го „оркестрира“ на сетот. Кога ќе стигнеме до тоа ниво, не треба јас да кажам како ќе се примени, туку треба да размислува сам и да експериментира на тапаните.
Читањето ноти prima vista за сет тапани често се смета за сложено. Според твоето искуство, дали е продуктивно да се воведе ова уште од рана возраст и кои методи ги наоѓаш за ефикасни? Во нашата средина читањето ноти за сет тапани се смета за многу комплицирана работа. Учениците најчесто почнуваат да учат ноти за сет тапани при крајот на средното образование или на почеток на студиите, но, според моето искуство, тоа е премногу доцна. Малите деца многу полесно и побрзо го разбираат начинот на читање ноти за сет тапани. Во мојата класа поголемиот дел од учениците знаат да читаат ноти, можеби не најпрецизно, меѓутоа знаат да изведат prima vista вежба. Тоа дете од 10 години што почнало да учи ноти за сет тапани, кога ќе има 20 ќе му биде многу полесно. Кај нас не се практикува учење триола со мало дете, бидејќи е комплицирана фигура, но има една многу добра книга за тапани што јас ја користам, од Аника Најлс (Anika Nilles), каде се сите тие фигури; целата книга е за субдивизи и неправилни фигури како триола, квинтола и септола. Сите тие фигури се учат преку konnakol. Јас го пробав тој метод и функционира и сите деца знаат да свират квинтола. Зборуваме за деца од 10 години. Konnakol е антички ритмички јазик од Јужна Индија. Целата замисла во тој јазик е изговорот. Како што нè учеле нас со зборот математика, така во овој метод има збор Tha Ki Ta со кој се изучува триолата. Така се прават цели фрази, а тоа изговарање на децата им е интересно и многу лесно ги синхронизираат движењата со говорот.
Колку е важно за почетниците да свират со другите и како ја спроведуваш оваа практична ансамбловска компонента во наставата? Тоа го реализираме во групна настава. Најчесто се работи со две деца бидејќи инструментот е масивен, бара многу простор и тешко е да се организира работа со повеќе ученици истовремено. На овие часови учениците се запознаваат со колективната работа: еден држи ритам, додека другиот прави прелаз. Главната цел е меѓусебно да се слушаат. Тој што го прави преминот мора точно да знае кога и како да почне со ритамот. Не смее да се врати по интуиција, туку мора да го слушне другиот и да се синхронизира.
Како ја замислуваш (и посакуваш) својата иднина: да се надоградуваш во улога на педагог или како активен изведувач? Искрено повеќе би се посветил на концертниот живот, и како солист, како што е случај со мојот настап со Филхармонијата, и како оркестарски музичар, но не сум ни против ова. Не знам каде ќе ме носи животот, но повеќе би сакал изведби, бидејќи ако нема концертен живот, нема да има ни педагошка дејност. Мора и јас да учам за постојано да пренесувам информации на тие што сакаат да учат.
Милена Наумовска, 5 јуни 2025 година