Звучните пејсажи на минатото и сегашноста
На 11 март 2025 година, со почеток во 20 часот, во големата сала на НУ Филхармонија за првпат имавме можност да проследиме концерт на Симфонискиот оркестар на Јеил (Yale Symphony Оrchestra). Оркестарот го води британскиот диригент Вилијам Ботон (William Boughton) и асистент-диригентката Никол Лам (Nicole Lam) (инаку таа е и пијанистка). Концертната вечер започна со говор на диригентот Ботон кој ги поздрави присутните и ја потенцира важноста на овој оркестар во однос на образованието на оркестарските музичари, студенти од други факултети, кои не продолжуваат да се специјализираат во областа на музиката. Тој воедно се осврна и на интерпретациско-техничките можности на оркестарот.
Концертната програма беше опремена со QR-кодови кои водеа до дополнителни содржини за ансамблот, а во хартиената верзија беа наведени имињата на сите оркестарски музичари и организацискиот тим. Ваков детален список на сите учесници во концертна програма е направен со македонската премиерна изведба на делото Посветување на пролетта од Игор Стравински во 1996 година од Меѓународниот студентски симфониски оркестар на Факултетот за музичка уметност во Скопје, по повод 30-годишниот јубилеј на факултетот, проект раководен од тогашниот декан, професорот Димитрије Бужаровски. Оваа практика е знак на почит кон секој поединечен учесник, со оглед на културното и образовно значење на ваквите проекти.
Во првиот дел од концертот Симфонискиот оркестар на Јеил ја прикажа убавината на музичките стилови од западноевропското музичко наследство, поточно австриско-германската основа на класицизмот (Моцарт) и доцниот романтизам (Рихард Штраус). Вториот дел беше резервиран за американското творештво на 20 и 21 век, со избор на дела во кои до полн израз дојдоа тембровите варијанти на удирачките инструменти со определена и неопределена висина, како и разните регистри и техники на гудачките и дувачките инструменти. Сето ова беше умешно споено во кохерентни и нијансирани оркестарски целини.
Делата на програмата беа најавувани од диригентот. За првото дело, Дон Жуан оп. 20 (Don Juan) од Рихард Штраус (1864–1949), една од најзначајните негови симфониски поеми, напишана во 1888/89 година, на стихови на истоимената поема на австрискиот поет Николаус Ленау (Nikolaus Lenau, 1802–1850), Ботон раскажа дека е засновано на шпанската легенда за големиот заводник и во него „прозвучува“ љубовта кон три сакани. Ботон со зборови и со диригентски гест ја издвои љубовната тема во соло обоата, преку која, Штраус ја искажал љубовта кон својата сопруга. Во филхармониската сала се ширеше tutti звук отелотворен во младешка енергија. Оркестарската снажност се стиша со длабоките тонови во дувачите како навестување на трагичниот крај на ликот. Романтичната изразност од оваа изведба се претопи во рафинираност со прозвучување на следното дело, Sinfonia Concertante K. 364 во Es-dur (1779) од Волфганг Амадеус Моцарт (1756–1791), во кое како солисти настапија Тобиас Лиу (Tobias Liu) на виолина и Ерин Ниши (Erin Nishi) на виола. Овие талентирани студенти, како што можевме да се информираме преку концертната програма, исполнуваат повеќе улоги: покрај солистичките, тие се и оркестарски музичари, при што Ниши настапува во групата на први виолини, а вклучени се и во организацијата на настапите со задачи за подготовка на програмата (Лиу), како и односи со јавноста (Ниши). Во првиот став акцентот беше ставен на дијалогот помеѓу виолината и виолата низ префинет звучно нијансиран тонски израз исполнет со грациозност. Бидејќи во програмата не беа наведени ставовите, паузата меѓу првиот и вториот беше прекината со аплауз од импресионираната публика. За вториот став, препознатлив по меланхолијата што произлегува од главната тема во виолината, солистот Лиу, во пропратен текст достапен преку QR-кодот втиснат на програмата, изјавува дека е „еден од најубавите заради плачот на виолината и утехата во виолата, и се чини дека тагата и утехата се преплетуваат и стануваат неразделни“. Танцувачкиот карактер на третиот став беше јасно обликуван преку интеракцијата меѓу двата инструмента. Со префинетост и доза духовитост, оркестарот ја доведе Sinfonia Concertante до триумфален завршеток, што се потврди со аплаузот на публиката, која долго ги отпоздравуваше солистите.
По паузата диригентот го најави делото Billy the Kid (Били Кид, 1938) од Арон Копланд (Aaron Copland, 1900–1990), воскликнувајќи „We have a surprise for you!“ (Следи изненадување за вас!). Делото, инспирирано од познатиот лик од Дивиот Запад, првично било напишано како балет за кореографот Јуџин Лоринг (Eugene Loring, 1911–1982), a подоцна композиторот го преработил и оркестрирал во форма на суита. Звукот на обоата и тимпаните го долови детството на Били, кој израснал во мало гратче во близина на Ново Мексико. Синкопираните удари на клавесите (wood claves), контрастните мелодиски линии, одекнувањето на хорните, како и изразената улога на удирачките инструменти, ги сликаа драматичните настани на Дивиот Запад.
Во продолжение, младите музичари од Јеил, под раководство на Ботон, остварија исклучително прецизна и усогласена интерпретација на “Rainbow Serpent” од Кристофер Теофанидис (Christopher Theofanidis, 1967). Станува збор за вториот од трите става на симфониската поема Dreamtime Ancestors (Предци, 2015). Насловот го симболизира моќниот и преобразлив лик Серпентин од митологијата на Абориџините, со најблиско значење на лакот на виножитото (би можеле да ги употребиме и зборовите божилак или ѕуница). Теофанидис ја претставува легендата преку музичкиот колорит и трансформациите на инструментите: оркестрацијата, со неверојатна промена на боите на оригиналните тембри, создаде пејсаж кој, од една страна, зрачи со мистериозност, а, од друга, со грандиозност и експресивност, евоцирајќи моќ и величественост на митолошкиот лик.
Филмската музика на Џон Вилијамс (John Williams, 1932), особено препознатлив по серијалот Star Wars (Ѕвездени војни/Војни на ѕвездите) започнат во 1977 година, и на овој концерт се најде како неизоставен дел од програмата. Оваа музика секогаш буди сеќавања кај постарите генерации на нивните омилени научнофантастични авантури, кои, од друга страна, продолжуваат да ги фасцинираат новите генерации. На диригентскиот пулт овојпат се појави Никол Лам (Nicole Lam), под чија палка оркестарот ги изведе трите најпознати фрагменти, односно темите: “Princess Leia’s Theme”, “Main Theme’’и “The Imperial March’’. Во првата тема, иако се издвојуваа мелодиските линии во дрвените дувачи, топлата боја на хорните јасно ја прикажуваше убавината и стаменоста на принцезата Леја. Енергичната изведба на главната тема го отслика авантуристичкиот дух и епската величина на оваа сага, додека маршовскиот карактер на последната тема беше нагласен преку лимените дувачки инструменти и добошот.
Првиот бис беше ставот “Tap!” (Степувај!) од суитата Four Black American Dances (Четири афроамерикански танци, 2022) oд Карло Сајмон (Carlo Simon, 1986). Изведбата повторно ги нагласи удирачките инструменти, со што се создаде богата палета на звучни ефекти која ги имитираше ритмизираните удари на чевлите за степување на фон на мелодиски линии и акорди во стил на џезот сместени во гудачкиот и дувачкиот корпус. Во сроден стил и богата текстура на симфонискиот свинг, беше изведен уште еден бис – петтиот став “The Lake” (Езерото) од The River (Реката, една од суитите снимани во периодот од 1968 до 1970 година) од легендарниот композитор и пијанист Дјук Елингтон (Duke Ellington, 1899–1974). Во ова дело особено се потенцираа боите и можностите на овој оркестар, создавајќи звучни пејсажи што го обединија минатото и сегашноста.
Со впечатлива уметничка визија и сценски настап, талентираните студенти од Јеил претставуваат слика за симфониски младински оркестар кој во многу аспекти може да се мери со зрел професионален ансамбл. Целокупниот проект ги истакнува комбинацијата на ентузијазам и дисциплина, клучни за секое успешно претставување, при што се негуваат вистинските музички вредности и се одржува рамнотежа со нивните академски обврски. На овој начин, концертот јасно покажа дека нивната посветеност кон музиката е исто толку силна како и кон кој било друг аспект од нивниот живот.
Милена Наумовска, 14 април 2025 година