Од баритон до сопран – грандиозниот звучен опсег на саксофонот
Саксофонот во многу земји е подеднакво застапен и како солистички инструмент, но и во различни камерни состави, меѓу кои најкарактеристичен е саксофон квартетот. Во рамките на ваквите состави се комбинираат различни видови саксофони, при што најчести се формациите со два алт-саксофона, тенор и баритон (AATB), или сопран, алт, тенор и баритон (SATB). Во Македонија, саксофонот најчесто се среќава како солистички инструмент, но доколку се издвои камерен ансамбл што оставил позначаен белег во првата деценија од 2000-тите години, тоа е саксофон квартетот „Димов“. Според достапните податоци за нивните настапи, составот го сочинувале Нинослав Димов – сопран, Тони Велков / Стојан Димов – алт, Владимир Трајановски – тенор и Влатко Иванов – баритон.
По речиси две децении, македонската публика повторно имаше можност да проследи концерт на саксофон квартет. На 17 декември 2024 година, во Музејот на македонската борба, со почеток во 20 часот, се одржа концерт во рамките на шестото издание на Меѓународниот фестивал за кларинет и саксофон “SaxClar” Фестивалот е основан во 2017 година од саксофонистот Нинослав Димов, со цел да се промовира репертоарот за кларинет и саксофон и да се поттикне соработката меѓу изведувачите.
На завршната вечер од фестивалот настапи саксофон квартетот во состав: Ѓорѓи Димовски – сопран, Горан Трајковски – алт, Григори Ангелов – тенор и Нинослав Димов – баритон. Димовски и Ангелов се студенти на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Нинослав Димов, додека Горан Трајковски е професор во Државното музичко училиште во Битола.
Овој необичен состав, кој обединува студенти и професори, ја нагласи колегијалноста и солидарноста, но воедно ја истакна и педагошката дејност и менторската посветеност. Овие вредности беа видливи и во самата сценска поставеност, при што квартетот беше распореден во полукруг, овозможувајќи полесна меѓусебна комуникација и ансамблова координација. Редоследот на инструментите беше организиран според штимот (сопран и тенор in b, баритон и алт in es). Од левата страна, вообичаено, беа поставени сопран и тенор, а кон десно следеа баритон и алт саксофонот. Ваквата поставеност, покрај штимот, ја зема предвид и распределбата на регистрите и тембрите. Сопранот и алтот беа позиционирани на краевите за да се истакне светлиот, висок регистар, додека тенорот (до сопранот) и баритонот (до алтот) во средишниот дел придонесоа за постигнување богат, балансиран и хомоген ансамблов звук.
Програмата на концертот опфати дела од повеќе стилски епохи – од барокот до композиции од XXI век, со цел да се прикажат разновидните изразни и технички можности на саксофонот. Квартетот го отвори концертот со аријата„In den angenehmen Büschen“, бр. 8 (1725) од Георг Фридрих Хендл (1685–1759). Аријата е дел од циклусот Neun deutsche Arien, напишан врз либрето на Бартолд Хајрих Брокс (Barthold Heinrich Brocks, 1680–1747). Оригинално, делото е наменето за глас (сопран) и basso continuo (чембало или виолина). Хендл преку музичко „сликање“ на текстот ја изразува својата духовност и восхит кон природата. Публиката имаше можност да ја слушне аријата во несекојдневна верзија, во аранжман за саксофон квартет. Аранжманот е дело на америкаскиот режисер, воедно и композитор Брус А. Еванс (Bruce A. Evans, Калифорнија, 1946), кој активно подготвува транскрипции и аранжмани за саксофон. На неговата веб-страница се објавени повеќе од 150 аранжмани за саксофон квартет. Во оваа верзија, вокалната сопранска делница е доверена на алт-саксофонот, облигатниот инструментациски глас го презема сопран-саксофонот, а басовата основа и хармонската подлога се распределени во тенор-саксофонот. Иако оригиналната композиција има поизразена полифона текстура, во изведбата на квартетот доминираше стремежот кон постигнување хомоген ансамблов звук и единствен звучен впечаток. Притоа, формалните целини беа јасно артикулирани, што овозможи делото да се перципира како прегледна и стилски заокружена полифона структура.
По изведбата на аријата следеше кратко обраќање на проф. Димов, во кое ги поздрави присутните и ги претстави изведувачите. Потоа беше изведено делото Premier Quatour, оп. 53 (1857) од фламанскиот композитор Жан-Батис Сингеле (Jean-Baptiste Singelée, 1812–1875). Делото првично било напишано за ансамбл саксофони, поточно за класата на Адолф Сакс, и претставува еден од најраните примери на саксофон квартет. Како близок соработник и пријател на Сакс, Сингеле го поттикнал развојот на камерниот состав од четири саксофони, што воедно претставува и главната причина за создавањето na ова дело. Квартетот е составен од четири става (Andante – Adagio – Scherzo – Rondo), од кои на концертот беше изведен првиот став – Andante, во аранжман на францускиот саксофонист Жан-Мари Лондекс (Jean-Marie Londeix, Либурн, 1932).
Ставот започнува со бавен вовед, во кој Димовски, со чистиот и продорен тон на сопран-саксофонот, јасно ја истакна водечката мелодиска линија, додека останатите инструменти имаа придружна функција. По воведот следи дел во сонатна форма, што овозможува пошироко претставување на регистарските можности и техничките потенцијали на инструментите. Почетокот на главната тема беше јасно артикулиран преку синхронизираниот влез на сите четири саксофони, како и преку промената на темпото и динамичкото обликување, со што беше нагласен ведриот и подвижен карактер на музиката. За разлика од воведниот дел, тука секој инструмент доби поизразена индивидуална улога. Темата најнапред ја изложи Димовски со светлиот тембр на сопран-саксофонот, по што следеше своевиден дијалог со баритонот. Особено впечатлив момент беше појавата на солистичките делници, преку кои беа нагласени регистарските и тембралните разлики меѓу инструментите. Најнапред се издвои тенор-саксофонот, при што Григори Ангелов со неговиот топол и темен тон ја истакна темата со јасна изразност. Потоа следеа кратки дијалошки пасажи, овојпат меѓу алт и сопран-саксофонот. Во завршницата на ставот вниманието го привлече Нинослав Димов со краток ефектен пасаж, преку кој ги истакна звучните можности и регистарскиот опсег на баритон-саксофонот.
Во продолжение следеше делото Prélude et Rondo Franҫais (1937) од францускиот композитор Пјер Велон (Pierre Vellones, 1889–1939), кој творел во периодот меѓу двете светски војни. Делото беше изведено во верзија адаптирана од францускиот саксофонист Жак Делој (Jacques Desloges, Париз, 1934). Прелудиумот се одликуваше со лиричен и смирен карактер, чија убавина беше истакната преку солистичките делници, редоследно претставени според регистарот – сопран, алт и тенор саксофон. По овој воведен дел следеше изразит карактерен пресврт, означен со промена на темпото и со поразигран, енергичен музички тек, со што јасно беше најавен почетокот на рондото. Рефренот најнапред го изложи Ѓорѓи Димовски, а потоа Горан Трајковски и Григори Ангелов го повторија преку експресивното звучење на алт и тенор саксофонот, што придонесе за поголема звучна полнота и тембрална разновидност. По неговото претставување, квартетот јасно го обликуваше контрастниот средишен дел, внесувајќи нова звучна боја со богата хармонска слоевитост и стилска рафинираност.
Четвртото дело беше првиот став “Bordel 1900” од циклусот Histoire du Tango (1985) на аргентинскиот композитор Астор Пјацола (Astor Piazzolla, 1921–1992). Делото оригинално е напишано за флејта и гитара и се состои од четири става – “Bordel 1900”, “Café 1930”, “Nightclub 1960” и “Concert d’aujourd’hui”, инспирирани од различни периоди од ноќниот живот и развојот на тангото во Аргентина. На концертот беше изведена верзија според транскрипција на композиторот Клод Воарпи (Claude Voirpy). Со ова дело изведувачите успешно го доловија танцовиот карактер на музиката. Особено се издвои Ѓорѓи Димовски, кој со прецизно артикулирани и акцентирани тонови на сопран-саксофонот го навести карактеристичниот milonga ритам, додека водечката мелодиска линија му припадна на Горан Трајковски, кој преку топлиот звук на алт-саксофонот го обликуваше танго-изразот. Длабоките и резонантни регистри на тенор и баритон-саксофонот создадоа стабилна звучна основа, придонесувајќи за поавтентична, динамична и енергична интерпретација.
Следеше делото El Médico de Pianos – Danzón cubano (1998) од кубанскиот композитор Хорхе Лопес Марин (Jorge López Marín, Хавана, 1949). Изведбата се одликуваше со изразени динамички контрасти, богата регистарска распределба и жив, пулсирачки ритам, преку кои беше нагласен танцувачкиот карактер на композицијата. Сопран-саксофонот, со остро артикулирани тонови во високиот регистар, ја зголемуваше звучната напнатост, додека останатите инструменти ја обезбедуваа стабилната хармонска и ритмичка основа.
Претпоследното дело на програмата беше Ulla in Africa (1995) од германскиот саксофонист и композитор Хајнер Виберни (Heiner Wiberny, 1944). Композицијата е посветена на неговата сопруга Ула, голем вљубеник во африканската музика. Уште во воведот, саксофоните го исполнија просторот со топол и пријатен звук, збогатен со џез елементи, со што веднаш беше најавен ведриот и разигран карактер на делото. Темата најпрво се појави во баритон-саксофонот, кој го истакна Latin funk карактерот на музичкиот материјал. Сопран и алт-саксофонот, поставени во еден вид канон, ја повторуваа синкопираната мелодиска линија, додека баритон-саксофонот ја задржа функцијата на остинатен бас. Тематскиот материјал постепено се пренесуваше меѓу инструментите, овозможувајќи негово звучење во различни регистри, а преку внимателното фразирање беше нагласена и изразната длабочина на композицијата.
Следно, квартетот се претстави со Amusement Park Suite (2023) од јапонскиот композитор Хироки Такахаши (Hiroki Takahashi, 1974). Суитата првично била составена од четири мошне кратки става (“Main Street”, “Haunted House”, “Merry-Go-Round” и “Roller Coaster”) и напишана за трио саксофони, а подоцна композиторот ја преработил за квартет, додавајќи уште еден воведен став – “Entrance”. Такахаши умешно ги користи звучните можности на саксофонот за да прикаже различни расположенија и изведувачки техники во едно повеќеставно, а сепак компактно дело. Во првиот став, “Entrance”, саксофоните имаат фанфарен карактер, создавајќи впечаток на свечен вовед. Во вториот став, “Main Street”, квартетот со синхронизирана изведба и со наизменично изложување на мелодискиот материјал во сопран, алт и тенор-саксофонот го истакна енергичниот и жив карактер на музиката, додека баритон-саксофонот, со стакато во длабокиот регистар, обезбеди разиграна ритмичка основа. Третиот став, “Haunted House”, се одликува со изразен контрастен и драматичен карактер, кој асоцира на хорор-атмосфера. Светлиот и продорен звук на сопран-саксофонот сугерираше мистериозност, додека останатите инструменти создаваа дополнителна тензија преку хроматски обоени акорди. За разлика од него, четвртиот став, “Merry-Go-Round”, беше изграден врз валцерски ритам, при што главната мелодија постепено се издвојуваше во секој од инструментите. Последниот став, “Roller Coaster”, по својот карактер беше сроден со вториот, со доминантен подвижен ритам во баритон-саксофонот и брзи, виртуозни пасажи во останатите делници.
Концертот беше заокружен со бис, при што квартетот изведе дел од првиот став “Kalamatianos” од Suite Hellenique на шпанскиот композитор Педро Итуралде (Pedro Iturralde, 1929–2020). Вечерта заврши во живиот ритам на 7/8 метар, со мелодиска линија што се пренесуваше меѓу сопран, алт и тенор-саксофонот, оставајќи впечаток на енергично и заокружено музичко финалe.
Концертната вечер на “SaxClar” саксофон квартетот понуди внимателно осмислена програма која опфати различни стилски епохи и жанрови, откривајќи ја разновидноста на изразните и техничките можности на инструментот. Преку сигурна ансамблова координација, прецизно динамичко нијансирање и изразена тембрална осетливост, квартетот успеа да изгради богат и хомоген звучен баланс. Особено впечатлива беше способноста на изведувачите да го прикажат целосниот звучен спектар на составот – од најдлабоките, резонантни тонови на баритон-саксофонот до светлите продорни висини на сопранот. На тој начин, беше претставен грандиозниот опсег на саксофонот – од најнискиот до највисокиот тон – потврдувајќи ја неговата современа изведувачка виталност и значајното место на македонската музичка сцена.
Милена Наумовска, 1 јануари 2025 година