Мјузикл за постдигиталното време
Една неочекувана, но знаковита случка пред почетокот на претставата беше појавата на еден тинејџер по име Марко, кој упорно, на својот мобилен телефон „ловеше“ покемон. Се издвојуваше во толпата со јарка жолта јакна и беше конкретен пример на токму она однесување што перформансот го преиспитува, односно занесеноста на дигиталните генерации. Неговите врсници – скринејџери што пристигнуваа на настанот, исто така се движеа на границата меѓу физичкото и дигиталното, и рамнодушно си го носеа својот хибриден идентитет од улицата во салата.
Матијевиќ се појави на сцената во широки зелени панталони и ролка со црно-бели риги, со косата собрана во репче, неформален изглед што го нагласуваше духот и слободата на дигиталните генерации. Околу вратот носеше црвена безжична MIDI-клавитара (keytar). Преку овој интерактивен музички инструмент таа ја обликуваше атмосферата со звучни ефекти, нагласувајќи ја главната идеја дека денешниот живот е неповратно хибриден, како последица на постдигиталното време во кое технологијата повеќе не е додаток, туку интегрален дел од секојдневието и уметничката практика.
Иронијата на темата не ги одмина ни посетителите заинтересирани за музика и технологија, кои веднаш го забележаа необичниот црвен инструмент. За да се идентификува точниот модел, доволно беше да се послужат со Google Lens; со едноставно фотографирање и означување на дел од сликата, алатката веднаш го пронајде производот (Alesis Red Vortex Wireless 2). И тоа само по себе покажува колку дигиталните технологии станаа неизбежен дел од нашето секојдневно функционирање.
Матијевиќ го започна перформансот со вовед во кој се осврна на необичен настан: напади на ајкули врз подморските интернет-кабли во Пацификот. Ова предизвикува неколкудневен прекин на мрежата во Јапонија и широка фрустрација кај населението. Со оваа приказна веднаш го отвори прашањето за нашата зависност од дигиталната инфраструктура. Паралелно, таа ја истакна и темата за здравствените последици кај интернет-генерациите, кои поради прекумерната изложеност на екраните веќе се соочуваат со физички и психички нарушувања.
Еден од највпечатливите моменти се случи на крајот од монологот, кога во салата падна нечиј паметен телефон и звукот на ударот одекна во тишината. Случаен, но симболичен, тој звук стана директен доказ за присуството на овие мали „црни кутии“ што постојано ги држиме во дланките.
Темата потоа се разви интерактивно преку мобилните телефони на публиката. Со скенирање на QR-код присутните беа пренасочени кон специјално создадена веб-страница, активна само за време на перформансот, исполнета со анимирани гифови (gif). Така, публиката активно учествуваше во создавањето дигитален колаж што го одразуваше самото јадро на делото.
Матијевиќ често ги реализира своите уметнички замисли преку спој на музика и поезија, а Screenagers е еден од проектите што произлегуваат од тој пристап. Со право, целиот настап може да се опише како своевиден мјузикл, што нагласува дека музиката не е само придружба, туку суштински дел од структурата и пораката. Музичките фрагменти што ги изведуваше беа заразни и лесно се паметеа (sticky tunes), како на пример, нејзината „Песна за Google“. Составена од секојдневни прашања што луѓето ги внесуваат во пребарувачот, таа духовито ја долови нашата дигитална потрага по знаење и потврда.
Настанот беше проследен со непосредни реакции, главно од основци и средношколци. Како што сугерира и самиот наслов (кованица од screen – екран и teenagers – тинејџери), токму тие генерации се најтесно поврзани со дигиталните екрани (генерациите „залепени“ за нив). Музичко-поетскиот израз беше клучен за да го задржи нивното внимание. Перформансот не само што ги опиша, туку директно им се обрати преку нивното искуство. Иако содржината не течеше како линеарна приказна, присутните останаа ангажирани низ богатиот сценски тек, во кој лесно се препознаваа себеси и спонтано реагираа со смеа, шепотење и восклици. Овој интерактивен момент укажуваше на нивните комуникациски навики – фрагментирани, емотивно обоени и често изразени преку графички и аудиовизуелни форми како емотикони, типични за социјалните мрежи.
Изведбата носеше и критичка дистанца кон младата популација, чија комуникација и самовреднување често се одвиваат посредно, преку екранот. Таа двојност, меѓу подучувањето и иронијата, поттикнуваше размислување кај сите присутни. На тој начин, Матијевиќ создаде ангажиран театар: хибридна форма што комбинира елементи на мотивациски говор, предавање и мјузикл. Настанот доби и педагошка димензија, оставајќи ѝ на публиката самата да ги извлече заклучоците.
Во текот на настапот, преку мотивациските обраќања, Матијевиќ ја нагласуваше пораката за упорност и верување во замислената цел: „Гледајте напред, без разлика што носи иднината. Поставете си ги вистинските прашања и ќе можете да ги надминете сите пречки.“ Ова визуелно беше поткрепено со сцени од видеоиграта Super Mario, проектирани на видеобим. Играта послужи како алегорија за животот. На екранот го следевме Супер Марио како удира со глава во блокови за да собере парички, како расте или се намалува, како паѓа и повторно се крева, сè со цел да стигне до следното ниво. Таа дигитална парабола ја одразува човечката потрага по напредок во услови на постојани предизвици.
Во следниот сегмент, Матијевиќ се појави со камера во рацете и даде мета-коментар за самиот медиум: „Јас ви се обраќам вам, но не гледам во вас, туку гледам во парче хардвер со ограничена видливост. Затоа морам да одберам што ќе ставам во овој минијатурен свет што го создавам. И прашањето што постојано се повторува е: што да снимам?“ Потоа следуваа сцени со селфи-пози и типични туристички фотографии (потпирање на Кривата кула во Пиза или допирање на врвот на Ајфеловата кула со показалецот), кои предизвикаа бурни реакции, како и забавен дел посветен на интернет-мемињата (memes).
Преку овие имитации на секојдневниот визуелен фолклор на социјалните мрежи, Матијевиќ го осветли парадоксот на современата индивидуалност. Луѓето сакаат да бидат уникатни, а сепак масовно ги репродуцираат истите шаблони на изразување, па стануваат копија еден на друг. Но, истовремено, таа ја покажа и креативната страна на овој феномен – можноста брзо и лесно да се биде интересен и да се привлече внимание.
Во следниот дел, таа го претстави т. н. forecasting-пристап, заснован на комбинација од минато и моментално дејствие, пози и движења во интеракција со видеопроекции, односно поврзување на медиумот со реалноста. Прикажа повеќе видеа истовремено, чии звуци се преклопуваа во ритмизирана мелодија со едноставна хармонија, блиска до популарните жанрови.
Потоа ја презентираше клавитарата како инструмент за создавање звучни мемиња (ефекти од видеоигри, полициски сирени, кратки човечки извици). Амбиенталната музичка подлога, со репетитивен бас и џез-ритам (мал тапан, бас тапан и ride-чинела) не служеше само како атмосфера, туку и како структурна матрица врз која се градеа следните сцени.
Следуваше сегмент во кој најчесто поставуваните прашања на Google беа претворени во стихови и изведени како песна. Рефренот “You’re doing it wrong“ иронично укажуваше на несигурноста и недовербата кај современиот човек, зависен од дигиталниот авторитет и вештачката интелигенција.
Последиците од технологијата врз индивидуата Матијевиќ ги долови и преку симболична сцена во која клавитарата ја употреби како оружје, „убивајќи го“ човекот во потрага по совршенство и надворешна потврда. Таа се осврна и на заситеноста од бескрајниот проток на филмови, серии и видеоигри што никогаш не завршуваат, туку создаваат циклус на непрекината потрошувачка, па, коментираше:
„Забележавте ли дека во денешно време ништо не завршува? Хероите умираат, но нивната смрт носи посебно значење за идните генерации; приказните не завршуваат; ажурирањата на социјалните мрежи не завршуваат; сериите и филмовите не завршуваат... А кога веќе ќе се исцрпат идеите, секогаш се враќаме на веќе прикажани содржини, градејќи ѕид од тули кој нè спречува да ја следиме суштината. И јас не сум поинаква; од една страна, сакам да ја завршам оваа приказна, од друга, да останам тука засекогаш; има уште многу приказни што не сум ви ги кажала.“
Во завршниот дел, лаптопот како медиум за генерирање содржини и четботот (ChatGPT), искористен за филозофскиот епилог, ја формираа последната поента. Публиката доби задача да напише стихови со најдлабоки стравови или тајни, но на овој повик, никој не одговори. Тишината што следеше беше коментар за нашата резервираност и склоноста кон пасивно посматрање, дури и кога ни се нуди можност за исповед.
Сумирајќи ги впечатоците, може да се заклучи дека Матијевиќ отвори повеќе прашања отколку што понуди одговори. Таа не даде решенија, туку огледало во кое се гледа какви дигитално-физички суштества сме станале. Иронично, веднаш по завршувањето на претставата, првото нешто кон кое посегнавме беа нашите телефони со што темата на перформансот се потврди на најдиректен можен начин. Можеби навистина треба да очекуваме Screenagers 3.0, и тоа не само како уметнички проект, туку и како нов циклус на нашата колективна самосвест, што се обидува да го именува она што веќе го живееме.