Ритамот обединува
Неделата, 3 ноември 2024 година, во 17 часот, ритамот нè обедини во уникатен фестивал посветен на најпопуларните удирачки инструменти – тапаните. “Skopje Drum Festival”, оваа година со мала годишнина, по петти пат, е во организација на здружението Skopje Drum Talks, кое пасионирано ја истражува уметноста на тапаните во сета нивна жанровска присутност и органолошка разновидност. Модератор на петчасовната ревија на светски и домашни тапанари беше тапанарката Тејка Васиљевиќ, член на здружението, која ги водеше присутните низ различни приказни за изведувачите. Младинскиот културен центар, како култно место во скопскиот ноќен живот, каде публиката се однесуваше слободно и релаксирано, што е карактеристично за вакви случувања, беше одличен избор за задржување на неформалниот дух на настанот.
Поставени на средина на сцената на салата „Фросина“ во МКЦ, се менуваа сетови тапани, во сета нивна светкавост, величенственост, звучни новитети и дигитални машини. На нив настапија тапанарите Дарио Циевски, Кристин Неденс и Џорџ Колијас, додека сцената беше обвиена со разновидни светла и лога кои ја надополнуваа возбудливата атмосфера. Фестивалот беше видеодокументиран со поставени камери од двете страни на тапанарот, за да се овозможи подобра видливост на комбинациите на удари и координираноста на рацете и нозете на различните елементи на стандардниот тапанарски сет – во овој случај, нотиравме мал тапан (добош), томови, баритон том (floor tom), бас тапани и повеќе видови чинели (фус или hi-hat, ride чинела, china чинели, crash чинели и splash чинели).
Иако можеби изгледа неспојливо со генералната жанровска насоченост на фестивалот, на ова издание можеше да се проследи и настап на народни свирачи – групата Мајовци, во нивната стандардна формација зурла и тапан. За поздравување е заложбата на организаторот за прoмовирање на традиционалното македонско творештво, кое, меѓудругото, беше застапено и со изложба на рачно изработени тапани од производителите SS Custom Drums, Muloski Handcraft и Христијан Николовски.
Вечерта ја отвори Дарио Циевски (1995), самоук тапанар и активен член во неколку бендови. Циевски на сетот Pearl тапани се претстави со соло кое обилуваше со разновидни ритмички обрасци и техники и неверојатна импровизација, со цел да го прикаже широкиот дијапазон на звуци што може да се произведат на тапаните. Неговиот настап беше збогатен со звучни ефекти од електронскиот инструмент Nord Drum 3P Multi-pad, кој на моменти предизвикуваше занес кај публиката (интересно, со оглед на тоа што Циевски е психолог/психотерапевт по професија).
Фестивалот стана уште поинтересен со настапот на германската џез тапанарка и композиторка Кристин Неденс (Christin Neddens, 1986), која, покрај редовното учество на музички фестивали, издава материјали и програми за усовршување на тапаните. Неденс се претстави со повеќе матрици, (наречени soundtracks), од областа на jazz-funk како поджанр на џезот. По бурните аплаузи, Неденс одржа кратко предавање со технички вежби за paradiddle, double paradiddle, paradiddle-diddle и triple paradiddle, како суштински рудименти за развој на техничките способности. Следеа уште две изведби во кои Неденс ги примени наведените техники, со акцент на десната рака и удари врз ride чинелата, додавајќи џез елементи. Неденс настапуваше на TAMA сет тапани.
Уште при првите реакции на публиката, беше јасно дека повеќето дошле да ја проследат изведбата на грчкиот тапанар Џорџ Колијас (George Kollias, 1977). Колијас бил член на повеќе death metal бендови, меѓу кои ги основал Extrеmity Obsession и Sickening Horror, но зенитот во кариерата го достигнал со бендот Nile. Тој исто така предава и е автор на прирачници за изучување на тапаните. На својот тапанарски сет Pearl, Колијас демонстрираше исклучителна техничка сложеност во екстремно брзо темпо, како главна одлика на death metal. Неверојатната брзина со која ги изведуваше специфичните техники, особено ги импресионираше присутните, кои го извикуваа неговото име во знак на одобрување. Поради претераното озвучување на бас тапаните, понекогаш се појавуваше заматеност на басот, иако Колијас беше прецизен до совршенство. Без разлика на ова, настапот беше проследен со громогласен аплауз. Големата заинтересираност на него продолжи во дискусијата, во која превладуваа прашања за техниката, начинот на вежбање, времето потребно за совладување на техниките и, секако, за самиот инструмент, како и за неговата исклучително висока цена.
Последни настапија Мајовци, најавени како „врв на фолклорниот музички израз во мијачкиот регион“, кои веќе децении настапуваат на манифестацијата „Галичка свадба“. Нивната појава на крајот на фестивалот беше замислена да направи жанровски пресврт во однос на претходните изведувачи, што го направи настанот уште поимпресивен. Групата Мајовци, составена од две зурли и два народни тапани, изведе сплетови од македонската народна музика, во кои публиката уживаше подеднакво како и во претходните изведби.
Фестивалот заврши со стоечки овации за изведувачите. Но, крајот не беше овде. Ритамот продолжи да ги обединува присутните и во сесијата Meet & Greet, која следеше во бифето на МКЦ. Обожавателите им приоѓаа на гостите со прашања за жанровите што ги преферираат во слободно време, за најупотребуваните технички вежби, како и за мислењата за други тапанари, по што се развиваа богати и значајни дискусии. Во текот на сесијата, покрај споделувањето искуства, беше вклучено и фотографирање и делење автограми.
Милена Наумовска, 19 ноември 2024 година