Мандолината како израз на младите ентузијасти
Мандолината е инструмент што ја буди креативноста и музичката љубопитност, а едноставноста при нејзиното изучување ја прави особено привлечна за младите генерации. Поткрепени од ентузијазмот и желбата за колективно музицирање, мандолинските оркестри претставуваат суштински дел на музичкиот аматеризам. Преку нив, разновидни дела од музичкото творештво низ историјата добиваат нов живот во форма погодна за изведба на аматерите, овозможувајќи незаборавни искуства особено за младите музичари.
Во мандолинскиот оркестар, мандолината, според звуковните и регистарските особености, ја презема улогата на виолината во оркестарското музицирање. Споредено со виолината, за која е потребен развиен слух и мускулна меморија, мандолината е полесна за изучување, бидејќи звукот се произведува со притискање на праговите и трзање по жиците. Ова ја прави особено погодна за младински оркестри со аматерска основа, каде што можноста сите изведувачи да произведат ист тон е значително поедноставена. Оттаму, целта на мандолинскиот оркестар, сочинет од мандолини, мандоли, гитари и контрабас, не е да се покаже виртуозност, туку да ги сплоти аматерите во нивната посветеност кон инструментот и заедничките настапи, тие да допрат до различни дела и да се воведат во различни музички стилови.
На 12 ноември 2024 година во Музејот на македонската борба, имавме можност да чуеме млади аматери со голема наклоност кон заедничкото музицирање преку мандолинскиот звук. Со почеток во 20 часот, се одржа концерт по повод 23 години од постоењето на Мандолинскиот оркестар „Скопје“ под раководство на диригентите Рамадан Шукри и Ерхан Шукри, кои неуморно ја продолжуваат мисијата за одржување и унапредување на мандолинското творештво.
Двајцата диригенти се истакнати имиња во областа на педагогијата и диригирањето. Рамадан Шукри, педагог, диригент и контрабасист, во македонската музичка култура се издвојува како основач на Мандолинскиот оркестар при Младинскиот културен центар во 1981 година, со кој работел до 2001 година. Ерхан Шукри, покрај тоа што примарно е виолинист и наставник по виолина во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, се потврдува како успешен диригент и музички организатор на Гудачкиот оркестар „Арко“ и Мандолинскиот оркестар „Скопје“, ансамбли кои ги има основано.
Вечерта беше исполнета со разновидна програма, која опфати дела од барокните мајстори, современото творештво и популаризирани aранжмани од различни жанрови, нешто што е карактеристично за настапите на Мандолинскиот оркестар „Скопје“. Посебно место на репертоарот имаа делата на македонски композитори, при што ансамблот се приклучи кон одбележувањето на годишнините од раѓањето на Стојче Тошевски и Гоце Коларовски.
Концертот започна со избор на ставови (Andante Moderato, Lento и Allegro) од Суита Рустикана од композиторот и хорски диригент Таки Хрисик (1920–1983), изведени под диригентската палка на Рамадан Шукри. Веднаш дојде до израз талентот на овој ансамбл и неговиот диригент, како и желбата за колективна изведба. По завршувањето на изведбата, Ерхан Шукри истакна дека делото, инспирирано од македонскиот музички фолклор со разновидни неправилни метри, традиционално се изведува секоја година како значаен дел од репертоарот на оркестарот.
Од фолклорните теми, младите ентузијасти нè пренесоа во светот на барокната музика со изведбата на првиот став од Концертот за виолина и гудачки оркестар во a-moll, BWV 1041 од Јохан Себастијан Бах. Делниците на оригиналните инструменти беа заменети со инструментите на мандолинскиот ансамбл, вклучувајќи ја солистичката делница во интерпретација на Лазар Саздов, кој повеќе години е концерт-мајстор на ансамблот. Соло мандолината на Саздов демонстрираше сигурност и техничка прецизност. Оркестарското тремоло го збогатуваше неговиот звук и придонесуваше за хомогеност во звучната слика која беше финализирана со прецизното водство на диригентот Ерхан Шукри.
Следеше композиција која е стандардна за овој мандолински оркестар, а која може да се најде на плочата Песни без зборови на Мандолинскиот оркестар на Домот на младите „25 Мај“ од 1986 година. Станува збор за главната тема на вториот став од Концертот за гитара Аранхуез на Хоакин Родриго, во преработка за мандолински оркестар од диригентот и композитор Александар Џамбазов. Оваа преработка секогаш кога ја изведува овој ансамбл се најавува како да станува збор за љубовна тема (моја драга Аранхуез/Аранхуез, љубов моја). Делото пробудува чувство на носталгија и копнеж уште со првите разложени акорди во гитарите што ја придружуваат длабоко емотивната мелодија поставена унисоно во мандолините, со придружни полифони линии во мандолите.
Стилската разновидност продолжи со првиот став од Концертот за виолина во a-moll оп. 3 бр. 6 од Антонио Вивалди, каде како солист настапи деветгодишната Дина Атанасовска, ученик по виолина во класата на Ерхан Шукри. Таа ја покажа својата музикалност и умешност, успевајќи да одржи ритмичка и интонациска координираност со оркестарот. Во нејзиниот настап особено важна улога имаше диригентот, кој покрај тоа што го водеше оркестарот, постојано влеваше сигурност во нејзината изведба.
По подолго време, овој ансамбл ја изведе суитата Скици за портрети (1998) од композиторот Гоце Коларовски (1959–2006). Пред изведбата на ова дело на сцената беше повикана професорката и музиколог Викторија Коларовска-Гмирја, која се осврна на поширокото образовно и културно значење на настанот. Таа нагласи дека мандолинските оркестри долго време биле задолжителни во основните и средните училишта, и зборуваше за нивото на наставниците што ги воделе овие оркестри. Со оглед на тоа што Скиците биле напишани за Фестивалот на мандолински оркестри во Прилеп, беше истакната неговата огромна улога во негувањето на музичкиот аматеризам. Таа потсети дека без аматеризмот нема професионализам и дека многу аматерски музички организации станале основа за развојот на професионалните музички институции.
Во својот говор професорката Коларовска-Гмирја ја воведе публиката во значењето на секој од четирите ставови („Бетовен“, „Мусоргски“, „Чајковски“ и „Прокофјев-Прокопиев“) и ја раскажа интенцијата на авторот зошто се одлучил да напише дело за детски мандолински оркестар. Таа ја истакна важноста на процесот на пишување за деца, напоменувајќи дека тоа мора да биде уште поуспешно отколку пишувањето за возрасни. Откривајќи ги стилизациите и пародиите, професорката ги објасни техники на компонирање на суитата, во која композиторот со свои средства ја пресоздава музиката од други автори. Во првиот став, изведувачите го пренесуваа судбинскиот мотив од Симфонијата бр. 5 во c-moll од Бетовен, следуваше ставот „Мусоргски“ со користење на темата на Променадата од Слики од изложбата, третиот став, инспириран од валцерите во манирот на Чајковски, донесе елеганција и хармонија, а во четвртиот став се насетија енергичните мотиви типични за Прокофјев, испреплетени со народната песна Димитрије вино пие, користена во Кумановка бр. 3 од Трајко Прокопиев. Суитата се заокружи со повторување на судбинскиот мотив од првиот став „Бетовен“. Диригентот Ерхан Шукри ја пренесуваше својата ангажираност на младите ентузијасти преку јасни и прецизни диригентски гестови.
Според зацртаниот редослед на изведбите, следеше аранжманот на популарната љубовна тема Sultan од турскиот композитор и пијанист Фахир Атакоглу (Fahir Atakoğlu), која се користи и како филмска музика во историската драмска серија Величенствениот (Muhteşem Yüzyıl). Широката мелодиска линија доби ново изразно ниво преку мандолинските тремола, а диригентот Ерхан Шукри во своето обраќање нагласи дека одлучил да направи аранжман за ваков ансамбл уште кога првпат ја слушнал.
Потоа повторно настапи диригентот Рамадан Шукри со уште дело кое редовно се наоѓа на репертоарот на ансамблите што ги раководи – споменатата плоча на Мандолинскиот оркестар од 1986 година веројатно е насловена по ова дело. Станува збор за суитата Песни без зборови од композиторот Стојче Тошевски (1944–2008), оригинално напишана за гудачки оркестар. На овој настап, Рамадан Шукри се потруди да го извлече тонот од мандолината, со што се истакнуваше автентичноста и емоцијата на македонските народни песни (Ај, пиле пее, Синоќ ми билбил пропеал и Чудо стана). Во најавата, Ерхан Шукри потсети на долгогодишната соработка на неговиот татко со многу осмолетки во Скопје и со бројни мандолински оркестри и посебен поздрав беше упатен кон наставникот Ѓоре Димоски во публиката, кој долги години го водел еден од најдобрите мандолински оркестри од основното училише „Љубен Лапе“. Беше откриено и дека концерт-мајсторот и еден од мандолистите од Мандолинскиот оркестар „Скопје“, потекнуваат од неговиот школски оркестар.
Потоа мандолинскиот оркестар се претстави со суитата Музика за свирење/играње (Music for Play, 1976), во интегрална изведба (Entrada, Canzona и Ritmico), од италијанскиот композитор и изведувач на повеќе инструменти, меѓу кои контрабасот, Клаудио Мандонико (Claudio Mandonico). Неговото творештво во значителна мера е насочено кон дувачките и мандолинските оркестри (оваа суита првично била напишана за дувачки оркестар, но музички живее преку мандолинскиот). Диригентот и младите ентузијасти настапија со жар и ритам. Во првиот став оркестарот ги покажа своите квалитети преку динамичките промени и енергичниот ритам. Вториот став, со ламент бас, контрастираше со претходниот по својот карактер, а динамиката и хомогеноста на звукот на мандолините и мандолите ја изнесуваа меланхоличната мелодија. Сето тоа беше заокружено со игривиот трет став, каде што се истакнуваа синкопираните елементи.
Пред изведбата на следното дело, проследивме кратко видео со плакати и програми дизајнирани од Тони Најдов, долгогодишен пријател на оркестарот, а Ерхан Шукри искористи прилика да изјави дека овогодинешниот концерт е посветен на него. Симболично, следеше Темата на Третиот човек, односно Темата на Хери Лајм (го глуми Орсон Велс), од музиката за истоимениот филм од 1949 година на Керол Рид. Автор на оваа мелодија е австрискиот изведувач на цитра Антон Карас (Anton Karas), додека аранжманот за мандолински оркестар повторно е на диригентот. Мандолините го имитираа звукот на цитрата, додека останатите инструменти од оркестарот имаа улога на придружба. При изведбата, два члена од ансамблот стануваа и седнуваа на своите места следејќи ја мелодијата, како своевиден сценски ефект. Во еден момент настана генерал-пауза, при што целиот ансамбл се навали во синхронизирана поза и остана така во тишина, ставајќи ги присутните во исчекување. Пресвртот се случи кога диригентот избра дете од публиката да застане на неговото место и да продолжи со диригирање, што публиката го поддржа со ритмизирано аплаудирање.
Во продолжение, мандолинскиот оркестар се претстави со Latin Groove (1996) од германскиот гитарист и композитор Дитер Крајдлер (Dieter Kreidler), каде ансамблот беше фокусиран на синкопираните елементи и контртаните. Делото е карактеристично и по звучните ефекти од удиралките маракас и клавеси, а посебно впечатлив беше бамбусовиот rainstick, кој создава звуци што асоцираат на дожд и на чекорење по песок.
Ерхан Шукри во најавата на последното дело на програмата рече дека веќе трета година, оркестарот соработува со „Нула Отпад ДОО Скопје“, и публиката, наместо билет, е повикувана да остави електронски отпад (потрошени батерии, стар ситен електронски отпад, телефони, кабли, монитори, компјутери) за да се подигне еко свеста. Со ваквиот голем одзив, покрај тоа што се долгогодишни културни амбасадори на Македонија, веќе трета година се и еко амбасадори. Затоа концертот беше отворен со пораката: „Ја користиме обединувачката моќ на музиката да нè сплоти во единствена цел – чиста и здрава животна средина“, упатена од самите свирачи.
Концертот беше заокружен со звукот на Медитеранот, со Tarantella del ʼ600 од анонимен автор, во аранжман на Серџо Зиџоти (Sergio Zigiotti). Како што најави диригентот, оваа композиција ансамблот ја има прогласено за своја еко химна. На игривиот 6/8 ритам, придружен со дајре, публиката беше повикувана ритмизирано да плеска со рацете, што на крајот се претопи во бурен аплауз.
За крај, сакаме да напоменеме дека со аматерските ансамбли најчесто работат професионалци, за да го достигнат нивото на концертирање по кое е препознатлив звукот на мандолинскиот ансамбл. На овие настапи, Ерхан Шукри, единствен, со широка насмевка, мотивира цела гарда млади ентузијасти до различни генерации, кои се вклучуваат без разлика на разликите во годините, а најдобрите од нив настапуваат како солисти со оркестарот. Тој во својот пост на Фејсбук вели: „И овојпат се споија младоста и искуството од шестемина од т.н. „постарок“ кои дадоа дополнителен ветер во грб на веќе етаблираната и поставена програма од уметничките раководители.“
Посветеноста и неверојатниот ентузијазам на Ерхан Шукри беше видлив во секој момент. Тој, покрај тоа што го носеше музички целиот настан, ги штимаше инструментите, ја контролираше целата организација и придонесуваше дополнително за пријатната атмосфера. Не дозволуваше никој да остане без внимание, дури и меѓу присутните во публиката. А во преполниот простор немаше место за целата публика, која беше подеднакво разновидна како и програмата, составена од возрасни (амбасадори, наставници, колеги уметници, поранешни членови на оркестарот, денес претставници од сите можни професии), млади (ученици и студенти) и цели семејства.
Ерхан Шукри вели: „Посетителите кои го впиваат звукот, како физички така и сетилно ни даваат дополнителна енергија правејќи ја секоја вечер навистина посебна.“ Многумина ја проследоа двочасовната програма со стоење, и што е најважно ова беше концерт без зјапање во телефоните. Од најмалиот до најстариот, со посебно внимание го следеа секој момент, до самиот крај. Во салата стана навистина многу топло, па диригентот на крајот упати убава порака – на овој начин да се грееме во студените зимски вечери, обединети околу заедничкото музицирање.
Милена Наумовска, 26 ноември 2024 година