Music Review 09

Музиката на Бах преточена во чиста пасија

Кон концертот Музичка приказна Јохан Себастијан Бах

Музиката на Бах преточена во чиста пасија

Кон концертот Музичка приказна Јохан Себастијан Бах

Ноември започна во духот на Баховото музичко творештво. Во петокот, на 1 ноември 2024 година, со почеток во 20 часот, се одржа концертот Музичка приказна Јохан Себастијан Бах, на кој беа изведени арии и дуети од монументалните дела на Бах, меѓу кои Пасијата по Матеј, Мисата во h-moll и кантатата Jesu der du meine Seele, а во средината на концертот ја чувме Токататa во e-moll. Местото на настанот беше Националната уметничка галерија Даут Пашин Амам, препознатлива по живописната архитектура и самата местоположба на објектот. Избраниот простор се покажа како идеален за изведба на Баховото вокално творештво, благодарение на изворедните акустички особености кои ги поседува.

Настапија Марија Ташевска – сопран и Мариана Бошковска – алт, млади уметници кои покажуваат извонредна умешност во изведба на разновиден пејачки репертоар, од камерни сцени до настапи со оркестар. Двете дипломираа неодамна на Факултетот за музичка уметност во Скопје, a нивните настапи привлекуваа големо внимание на концертите Musica Viva организирани од ФМУ, како и на годишните концерти „Во чест на Коста Трпков“, каде што студентите по соло пеење настапуваат со оркестарот на Националната опера и балет. Во биографиите се нижат настапи на „Скопско лето“, „Охридско лето“, „Романсијада“, Ташевска го има одржано концертот „Кој што ме чуе да пеам“, а еден од првите значајни настапи на Бошковска е како дел од квартетот солисти во изведбата на ставот „Охрид“ на истоимениот ораториум на Димитрије Бужаровски, на свеченоста по повод одбележувањето на 70-годишнината од основањето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. (Овој настан е рецензиран и објавен во 2019 година на истово мрежно место.) Разноликоста и богатството на гласовите на Ташевска и Бошковска посебно доаѓаат до израз во нивните музички и емоционални толкувања на народните песни од фолклорните колекции, вклучени во проектот Мултимедијален корпус на македонски народни песни (MCMFS) во рамките на Buzarovski Archive (BuzAr). Овој концерт ја обележа и нивната соработка со пијанистката Мимоза Ќека, универзален концертен пијанист и доктор по пијанистичка интерпретација од ФМУ. Ќека повеќепати имаат настапувано со нив двете во улогата на уметнички соработник на предметот Вокално студио во класата на диригентката Бисера Чадловска.

Концертот започна по краткиот говор на Ќека, која ја најави програмата, најпрво со аријата “Blute nur, mein liebes Herz” за сопран од Пасија по Матеј BWV 244 (1727). Уште со првите тактови, Ќека преку пијаното ја воведе публиката во светот на Баховата музика, оживувајќи го нејзиниот духовен карактер и библиската тематика, кои својата полна димензија и раскош ги достигнаа со дејствителноста на изведбата на Ташевска. Со чиста пасија таа го раскажа страдањето на Исус Христос, пренесувајќи ја неговата болка и жртва.

Во дуетот “So ist mein Jesus nun gefangen” за сопран и алт, која го претставува моментот на заробувањето на Христос, пијанистката го долови чувството на тага и беспомошност преку суптилно дозирано динамичко нијансирање, а обраќањето исполнето со милост на Ташевска и Бошковска внесе дополнителна интензивност во емоцијата.

На овие две изведби се надоврза следната арија за сопран “Aus Liebe will mein Heiland sterben”. Чистиот и продорен глас на Ташевска кој се ширеше во просторот и нејзиното длабоко соживување со делото, ја отслика љубовта на Христос и неговото жртвување за човештвото.

После ариите што ја понесоа публиката во духовниот свет, следуваше изведба на Ќека на воведната импровизација, Un poco allegro и Adagio од Токатата во e-moll BWV 914 (1710), во која пијаното, поткрепено од акустиката на просторот, прозвучи како оргули со што уште повеќе се продлабочи духовниот амбиент.

Кореспонденцијата на гласовите на Ташевска и Бошковска, нивната кохезија и умешност во пренесувањето на текстот во дуетот “Et in unum Dominum” од Мисата во h-moll BWV 232 (1749), создадоа хармонско богатство што го долови духот на Бах, ја оживеа пораката на текстот и ја нагласи поврзаноста меѓу Христос и верникот.

Исклучителниот глас на Бошковска, со темен и богат тембр, интонациската чистина, држаните тонови и прецизната артикулација во аријата „Agnus Dei“ за алт, беа клучни за постигнувањето на чувството на мир и целосно восприемање на духовноста. Овие нејзини особини, совршено усогласени со полифоните линии во пијаното, доведоа до јасен израз на молитвата за милост и моментот на смирение.

Последното дело со кое се претставија беше полетниот дует “Wir eilen mit schwachen, doch emsigen Schritten” за сопран и алт од кантатата Jesu, der du meine Seele BWV 78 (1724), дует со специфична тежина, во кој испреплетените линии во гласовите и пијаното, кое ја заменува оркестарската придружба, се изведуваат по подинамично темпо. Делото е напишано во Лајпциг во периодот кога Бах станал кантор во црквата Св. Тома, каде се одржала и првата изведба на ова дело. Видливо беше дека трите уметници уживаа во изведбата, за што доказ беа нивните насмевки кои ја украсија вечерта.

Своевидна уметничка синтеза на овој настан создадоа сликите и другите уметнички дела изложени во просторот, како дел од изложбата Австриска модерна уметност после 1945 година. Експресионизмот и плурализмот, како клучни карактеристики на визуелната уметност по 1945 година, ја одразуваат интенцијата за личен уметнички израз. На изложбата беа претставени дела со интензивни бои, експресивни линии и изобличени форми, типични за минимализмот, кои ја прикажуваа многустраноста на повоениот и современ живот. Музичките симболи беа присутни и визуелно, преку сликата на музичарот, која ја издвоивме во претходната рецензија. Баховата музика, чистината на двата гласа и пијаното, заедно со овие уметнички ликовни дела придонесуваа за посебен спој на духовноста од епохата на барокот со приказот на човекот и неговата душевност во пост-модернистичкото време. Сето ова се случуваше во уникатниот простор на османлиската архитектура од 15 век, замислен како место не само за прочистување на телото, туку и на емоциите, умот и духот.

Милена Наумовска, 12 ноември 2024 година