Music Review 10

Класичната гитара од различни поднебја

Кон Меѓународниот фестивал за класична гитара „Тремоло“ со посебен осврт на првата вечер

Класичната гитара од различни поднебја

Кон Меѓународниот фестивал за класична гитара „Тремоло“ со посебен осврт на првата вечер

Во периодот од 28 до 30 октомври имавме можност да го проследиме Меѓународниот фестивал за класична гитара „Тремоло“, кој веќе 15 години традиционално се организира од Детскиот културен центар „Карпош“. На фестивалот можат да се проследат ретки концерти на врвни солисти на овој инструмент. Покрај изведбите, уметниците и педагозите одржуваат работилници и семинари, наменети за учениците и студентите по гитара. Во првите изданија фестивалот имал натпреварувачки карактер, а промоцијата на млади талентирани изведувачи, обединети во заедницата на класични гитаристи и љубители на класичната гитара продолжува да биде цел и во следните изданија.

На 28 октомври 2024 година, во 19 часот, во салата на Музејот на македонската борба малубројната публика имаше можност да проследи дела за класична гитара инспирирани од богатството на приказните, обичаите и архитектурата на различни култури, од различни поднебја, со акцент на шпанската, кубанската, аргентинската и балканската традиција. Изведувачите вклучуваа класични гитаристи од помладата генерација, студенти и дипломирани гитаристи на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на еден од најеминентните македонски гитаристи, концертниот уметник и педагог Дарко Багески, кој воедно е уметнички директор на фестивалот. На отворањето на фестивалот се обрати директорката на ДКЦ „Карпош“, Билјана Лалчевска-Серафимовска, која се осврна на значењето на основачот Богдан Андријевски.

Кога ќе се средат впечатоците од организацијата, за жал, мораме да забележиме дека не можевме целосно да уживаме во настапите на младите уметници. Звучниот блиц на фотографот, кој непречено се движеше меѓу публиката за време на изведбите, и амплифицираната тарабука на „модернизираните питачи“, која беспрекорно пробиваше низ прозорите на Музејот, создадоа сериозни пречки. Камениот мост – симбол на главниот град – стана место за ова звучно нарушување, кое грубо ја загрозуваше концертната атмосфера. Уметниците кои се претставија со инструменти со тивок и деликатен звук, беа дополнително изложени на овие пропусти, а неопходна беше целосна тишина, како основа за нивната фокусираност и восприемање на изведбата. Дополнително, недостасуваше соодветен аплауз, кој е клучен за поддршка на младите уметници и нивниот труд.

Сето ова не нè обесхрабри и останавме целосно посветени на нашата цел – внимателно да го проследиме концертот. Како што споменавме, имавме можност да чуеме разновидни точки, вклучувајќи солистички настапи на најдобрите млади гитаристи од ФМУ во моментов. Внимателно избраниот репертоар овозможи врвно доживување и ја нагласи уметничката зрелост на младите музичари. Преку познати дела за класична гитара, со впечатливи многу едноставни, но магични мелодии (дела со акцент на ритмичноста или на мелодичноста), младите уметници ни ги демонстрираа разновидните техники, коoрдинацијата на прстите и рацете при извлекувањето на хармонската и полифона звучност, како и прецизноста во справувањето со ритмичкото шаренило и синкопите. Тие покажаа дека вешто ги надминуваат техничките предизвици што ги носи овој тежок за изучување инструмент, истрајност и големо трпение.

Прв настапи Георги Трајков, извонреден концертен уметник и наставник по гитара во ДКЦ „Карпош“, со три дела преку кои претстави три различни култури со специфични техники на свирење, кои ја нагласија културната длабочина на секое дело. Настапот го започна со композицијата Ден во ноември (Un día de Noviembre, 1972) од кубанскиот композитор и гитарист Лео Брауер (Leo Brouwer, 1939), напишана за истоимениот филм на Умберто Солас (Humberto Solás, 1941–2008). Тагата и загубата, како главни сижеа од филмот изразени во ова дело, Трајков ги пренесе онака како што е замислено – на многу едноставен начин, со доловување на сентименталноста во мелодијата поткрепена од суптилна хармонска придружба. После краткиот аплауз, во салата прозвучи препознатливиот мотив на припевот на песната Македонско девојче (создадена и испеана од народниот пејач Јонче Христовски), како подлога за појавата на самата песна, хармонски и полифоно разработена во оригинална композиција на гитаристот Мирослав Тадиќ (1959). Очекувана е наклонетоста на нашите гитаристи кон ова дело. Во својата интерпретација Трајков внесе смиреност и носталгичност, особено преку препознатливите ритмички елементи, како 7/8-от такт карактеристичен за македонскиот музички фолклор. Елегичниот момент беше прекратен со последното дело со кое се претстави Трајков, Tango en skai (1985) од францускиот гитарист и композитор Роланд Диенс (Roland Dyens, 1955–2016), внесувајќи динамична промена. Во неговата изведба беа јасно истакнати пасажните движења, синкопираната мелодија и акордската придружба со ритмичка пулсација како суштински елементи на аргентинското танго.

Емоционалните доживувања изразени во делата од различни поднебја продолжија со настапот на Вегим Кучи, кој донесе суптилност и префинета тонска боја во секоја интерпретација. Неговиот настап започна со Torre Bermeja (1898) од шпанскиот пијанист и композитор Исак Албениз (Isaac Albéniz, 1860–1909), дело чиј наслов се однесува на една од прочуените кули во Алхамбра, симболот на архитектурата на Маврите. Кучи, со развиената техника и чувствителниот пристап, ги пренесе ритмичките разновидности и експресивната мелодија на фламенкото како важен елемент од шпанската музичка култура. Следеше изведбата на Багатела бр. 3 Alla Cubana (1993) од англискиот композитор Вилијам Волтон (William Walton, 1902–1983), во која Кучи, со точната артикулација, синкопираниот ритам и акцентирањето на одредени акорди, ја истакна разиграноста и живиот карактер на делото. Последната негова точка беше изведба на Alba Nera (1993), повторно дело од Диенс, каде што прецизното штимање на гитарата придонесе за истакнувањето на мелодијата, која предизвика чувство на меланхоличност.

Првото дело со кое се претставија Дуо Балкан – Луна Пиљиќ и Матеј Детељ, беше Tango de Abril (2003) од аргентинскиот гитарист и композитор Максимо Диего Пујол (Máximo Diego Pujol, 1957). Инспирацијата за делото произлегла од аргентинската култура, воопшто и од тангото како еден карактеристичен сегмент на аргентинското културно наследство. Интерпретацијата на Пиљиќ и Детељ, кои и сценски се надополнуваа еден со друг во форма на дијалог, создаде атмосфера на пролетна свежина и чувство на радост и безгрижност. Настапот потоа доби поинакво расположение со делото Agua en Vinho (1972) од бразилскиот композитор Егберто Гисмонти (Egberto Gismonti, 1947), во кое се спојуваат елементи од бразилската народна музика, класичната музика и џезот. Младите уметници успеаја да доловат меланхолија преку мелодијата и вешто го истакнаа лирскиот карактер на делото, создавајќи пријатен и богат звук.

Вечерта ја заокружи дуото Вулнет Незири на обоа и Јетмир Мехмеди на гитара, кој повеќе години се бави со педагошка дејност во Музичкото училиште „Тодор Скаловски Тетоец“. Тие ја започнаа својата изведба со Соната во e-moll за обоа и гитара од австрискиот композитор Фердинант Рибај (Ferdinand Rebay, 1880–1953). Незири, со својот светол и назален тон на обоата, ја изложи првата тема со драмски карактер, придружена со прецизните акорди на гитарата на Мехмеди, додека втората тема внесе топли, пријатни чувства кај публиката. Нивната фокусирана интеракција создаде дијалог помеѓу инструментите и придонесе за препознавање на хармонскиот јазик и мелодијата збогатена со класичарски, романтичарски и фолклорни елементи. За крај, дуото ја изведе албанската народна песна Asaman во аранжман на Незири, чија лирска мелодија предизвика спектар од емоции, „отсликувајќи“ пејсажи од природни убавини.

Фестивалските вечери што следеа беа резервирани за гостите виртуози на инструментот, чии изведби ги исполнија концертните простори на Филхармонијата и Музејот на македонската борба, најпрво со автентичниот дух на фламенкото на концертот насловен El Sonido De La Vida (Звукот на животот) на истоименото фламенко трио предводено од гитаристот Карлос Санчез (Carlos Sánchez) во впечатлива синергија на танчарката/bailaora Лусиа Серано/Lucía Serrano, кахонот (cajón) на Дани Пења/Dani Peña, фламенко гитарата и интензивните емоции. Настанот беше дел од програмата за одбележување на 30 години дипломатски односи и културна соработка меѓу Шпанија и РС Македонија, за што шпанскиот амбасадор истакна дека „музиката е нешто што ги спојува културите“. Во оваа смисла, третата вечер ги спои Далечниот исток и Западот преку уникатните изведби на двајца престижни уметници, поддржувани од познатата компанија за изработка на жици за инструменти, Savarez – тајванскиот гитарист Џими Лиу (Jimmy Liu) и француската гитаристка Кеси Мартан (Cassie Martin). Лиу го отвори концертот со изведба на “Evocacion” од Suite del Recuerdo од аргентинскиот композитор и гитарист Хозе Луис Мерлин (José Luis Merlín, 1952), по што следеше музика за гитара од разновидни поднебја со доминантна инспирација од тајванската музичка култура. Изведбите беа придружени со воведни коментари, нешто што беше преземено и од Мартан. Таа, пак, направи мал историски преглед со изведба на класични форми од 18 и 19 век (соната, концертно рондо, ноктурно), централното место во нејзиниот настап го зазема композицијата Junto al Generalife на Хоакин Родриго (Joaquín Rodrigo, 1901–1999) со препознатливото тремоло, за на крајот да проследиме транскрипции за гитара на француски шансони од Шарл Азнавур и Едит Пјаф.

Гитарата отсекогаш била извор на инспирација во ликовната уметност, од делата на Вермер, мајсторите на барокот и рококото, па сè до импресионистите и модернистите како Хуан Грис, Жорж Брак и Пикасо. Оваа инспирација продолжува и во поново време, со сликата Гитаристот на австриската уметница Ева Храдил, која ги поздравуваше посетителите од ќошето на изложбениот простор во Даут Пашин Амам на отворањето на изложбата „Австриска уметност после 1945“. Истовремено, во Музејот на македонската борба се одржуваше завршниот концерт на фестивалот „Тремоло“. Оваа визуелна присутност на гитарата во уметноста создаде мост и кон следниот концертен настап што го проследивме во Даут Пашиниот Амам, пренесувајќи нè во еден друг музички свет.

Милена Наумовска, 3 ноември 2024 година