Во знакот на четири моќни музички женски лика
Ретко се случува во една музичка вечер да се спојат четири моќни музички исклучиво женски лика. Концертот насловен Волшебна музика на Камерниот оркестар Скопски солисти беше токму таков пример, со жени во водечките улоги на диригент(ка), солист(ка), концерт-мајстор(ка) и композитор(ка).
До 19 век, со исклучок на оперската сцена и домашното музицирање, музиката се смета за исклучиво машка професија. Од 19 век наваму, започнуваат да се појавуваат првите женски уметници кои заземаат свое место како композиторки и солистки и дури во 20 век музичкиот свет станува целосно рамноправен по ова прашање, односно присуството на женското авторство веќе не се смета за нешто необично или посебно.
Составот Скопски солисти, под водство на диригентката Бисера Чадловска, чија појава и диригентски почетен гест се доволно импресивни сами по себе, настапи со реномираната солистка пијанистката Марија Ѓошевска, која со својот префинет тон и виртуозност, на овој концерт ја истакнува својата посебна наклоност кон класичарскиот и раноромантичарскиот репертоар. Концерт-мајстор беше виолинскиот виртуоз Сихана Бадивуку, со долгогодишно искуство во водењето на оркестарските и камерните ансамбли во регионот, а доминацијата на женскиот принцип се заокружи со композиторката Бете Илин, со нова композиторска слика на остинато со мотивско напластување во серијата дела на народна тема.
Отворањето со Суитата бр. 1 од Хенри Персл му даде свечен тон на концертот со одек на барокните игри и начин на концертирање, а во Адаџото на Барбер ансамблот сѐ уште ги нивелираше своите сили за да се постигне комплетната емотивна длабочина на ова безвремено дело.
Композицијата на Илин, Деј-ги-ди внесе музичка новина во програмата, и ансамблот ја изведе со очигледна наклоност. Делото е инспирирано од познатата народна песна поставена на внимателно изработено „остинато“ во ниските регистри, и со постепено наслојување на мотиви и нивно полифоно испреплетување, нешто што е својствено за нејзиниот композиторски јазик.
Романсата на Шостакович беше тивко предвесие на главниот момент на вечерта – Концертот за пијано од Моцарт бр. 17 во G-dur К. 453, помалку познато негово дело, каде пијанистката Ѓошевска го пренесе центарот на вниманието кон нејзиниот кристално јасен и технички префинет израз. Во нејзината до совршенство изработена интерпретација на концертот уживавме во исклучителна техника и емотивен пристап, особено во прекрасните модулативни премини и каденцата од првиот став, како и во вториот став, кој е мирен, но сепак со цела низа случувања и богатство на нијансирања. Овој Моцартов концерт, познат по уникатната тема во третиот став, која се верува дека била инспирирана од омилената птица на Моцарт, во изведбата на Ѓошевска беше прикажан живописно и духовито, што придонесе оваа приказна низ варијациите асоцијативно до оживее во нашите мисли.
Следеше долг аплауз, со неколкукратни враќања на сцената, бидејќи публиката желно посакуваше уште музика во изведба на пијанистката Ѓошевска. Фелем во G тоналност на Илин беше првиот избор за бис, со внимателно полифоно обликување наслушнато во густината на фактурата. А „остинатото“ на G беше присутно и во Третиот прелудиум на Шопен, кој Ѓошевска го изведе со леснотија, како спонтан израз на нејзината виртуозност.
Уметничкиот раководител на Скопските солисти, реномираниот обоист Васил Атанасов, кој скоро четврт век го одржува овој ансамбл, и овојпат беше заслужен за организацијата и одржувањето на нивото на настанот. Програмската книшка нè информира и за неговите заложби за промоција на композиторското творештво со премиерната изведба на Деј-ги-ди за гудачки оркестар на Илин, најновото нејзино дело специјално напишано за овој ансамбл, како и за премиерната изведба на концертот на Моцарт.
Концерт-мајсторот Сихана Бадивуку внесе стабилност и сигурност во изведбата на оркестарот, успешно справувајќи се со разновидната програма. Во дувачката секција во Концертот за пијано на Моцарт, се издвои топлиот тон на обоата на Томе Атанасов и лиричниот звук на флејтата на Елена Дојчинова, додека фаготистите ги истакнаа своите завидни линии низ целиот концерт со голема прецизност. Диригентката Чадловска со својата впечатлива појава и прецизен гест уште еднаш потврди дека е универзална уметница способна да се справи со секоја програма и да донесе високо ниво на професионализам и емоционална длабочина во изведбата.
За крај, мораме да напоменеме дека дополнително четирите уметници кои го носеа овој концерт се и бирани музички педагози на универзитетско ниво и во музички училишта, секоја во својата специјалност. Ваквите концерти се инспирација за генерациите што се школуваат во нивните класи, затоа што ги гледаат своите професорки како постојано активни креаторки во оригиналните уметнички ликови.