Music Review 12

Звукот на идната генерација

Кон концертот на Џеврие Туле – пијано и Симеон Гошев – виолина и Весна Ангелова-Христов – пијано во рамките на циклусот Подиум на млади

Звукот на идната генерација

Кон концертот на Џеврие Туле – пијано и Симеон Гошев – виолина и Весна Ангелова-Христов – пијано во рамките на циклусот Подиум на млади

Филхармонијата на РСМ преку циклусот концерти Подиум на млади им овозможува на младите музички уметници кои се на почеток на концертната кариера, престижен концертен подиум за претставување на нивните уметнички вештини и талент. На концертот одржан на 24 октомври 2024 година во камерната сала на Филхармонијата, ги проследивме настапите на младите изведувачи Џеврие Туле – пијано, која е ученик во четврта година во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје и Симеон Гошев – виолина, кој студира на Музичката академија во Љубљана. Концертот беше во форма на полурецитал, нешто што е стандардно за првите концертни претставувања на млади уметници, а на програмата проследивме дела на Лудвиг ван Бетовен, Франц Лист, Томислав Зографски и Николо Паганини. Пијанистката и педагог Весна Ангелова-Христов на овој концерт се јави во двојна улога, како наставник по пијано на Туле и како уметнички соработник на виолинистот Гошев.

Концертот се отвори со изведба на Сонатата бр. 23 во f-moll, оп. 57 – Appassionata (1804-06) од Лудвиг ван Бетовен, во која пијанистката Туле ја покажа својата техничка подготвеност, изведувајќи ја на мошне солидно ниво, имајќи ја предвид сложеноста на музичките елементи – промената на темпото и ритамот, динамичките контрасти, арпеџата, специфичната педализација, сето во служба на доловување на емоционалната атмосфера. Истакнувањето на драмскиот карактер на делото беше посебно евидентно во појавите на темите, а тишината која настапи по првиот став, Туле ја обои преку интерпретациите на темата на вториот став. Варијациите јасно го доловуваа лирскиот момент во кој секоја фраза беше внимателно артикулирана. Драматичноста, пасажите и разложени акорди од третиот став го држеа вниманието на публиката до последниот тон.

Легендата бр. 2 (1863) од Франц Лист, композиција заснована на преданието за Св. Фрањо од Паола (кој го преминал Месинскиот теснец), Туле ја пренесе со бурните пасажи во нискиот регистар на пијаното што потсетуваа на брановите и непредвидливиот пат по морето. Во последниот дел, беше доловен контрастот, односно духовниот карактер на композицијата. Она што посебно понесе беа тремолата и Листовските арпеџа кои придонесоа кон кулминативното заокружување на делото.

После долгиот аплауз за Туле, настапи Гошев со Песна оп. 101 (1982/83) за соло виолина од Томислав Зографски, дело изградено врз теми со фолклорен карактер, усогласени со неокласичарски елементи. Со нежното тремоло, контрасната динамика и разновидните украси, Гошев го долови чувството на носталгија, а со секое повторување на темата, сè повеќе превладуваше имагинарна слика на „виолина која опејува приказна“.

Следеше Сонатата за виолина и пијано бр. 1 во D-dur, оп. 12 (1797) од Лудвиг ван Бетовен. Во првиот став, двата инструменти, низ разиграните мелодии изградија „дијалог“, пренесувајќи го неговиот весел карактер. Во секоја варијација на темата од вториот став, Гошев со голема страст ги исполнуваше експресивните мелодиски линии. Разиграноста и живиот карактер на третиот став, во форма на рондо, прозвуче уште со првата појава на рефренот во пијанистичката делница на Ангелова-Христов. Во натамошниот тек на делото, светлите тонови на виолината со изразено staccato, „танцуваа“ врз хармонската придружба на пијаното.

Последното дело со кое се претставија Гошев и Ангелова-Христов беше Мојсеј фантазија MS 23 (1818) од Николо Паганини, заснована врз увертирата од операта Мојсеј од Египет (1818) од Џоакино Росини. Додека виолинистот ја „раскажуваше“ библиската приказна за Мојсеј, пијанистката преку разложените акорди го „пресликуваше“ емотивниот пејсаж. Најголеми импресии кај слушателот оставија варијациите каде Гошев умешно ја појавуваше темата во еден вид монолог претставен со контрастната динамика и низ разновидните гудачки техники (полното легато, флажолетите, sul ponticello итн.), додека Ангелова-Христов во текот на целото дело ја одржуваше ритмичката стабилност и хармонската основа.

За крај, следуваше бис на двајцата млади солисти, кои настапија како дуо со изведба на третиот став, Гавота, од Класичната симфонија (бр. 1 оп. 25, 1917) од Сергеј Прокофјев. Силниот аплауз беше поддршка за младите изведувачи низ кои несомнено прозвучи звукот на идната генерација.

Милена Наумовска, 27 октомври 2024 година