Спој на класичната музика и џезот во рециталот на дуото Соколов и Кабранова-Филипова
Во саботата, 19 октомври 2024 година, во густината на разновидни културни настани (Скопскот џез фестивал, повеќе концерти на популарна музика, театарскиот фестивал „Рута“ и претстава во Младинскиот културен центар), продолжија концертните настапи на македонските музички уметници во рамките на фестивалот „Златна лира“. Овој фестивал во организација на Сојузот на музичките уметници на Македонија, оваа година се одржува по 18. пат, во салата на Музејот на македонската борба, во редовниот термин, со почеток во 20 часот. Петтиот концерт во овогодинешната серија беше рециталот на камерното дуо Лазар Соколов – саксофон и Емилија Кабранова-Филипова – пијано.
Лазар Соколов, како кларинетист, дипломирал и магистрирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, под водство на реномираниот професор Стојан Димов, доајен на инструментите кларинет и саксофон во Македонија и прв професор по саксофон со класа на ФМУ од 1998 година. Покрај кларинетот, Соколов одлучил да го совлада и саксофонот, па од 2021 година студира во класата на истакнатиот саксофонист и концертен уметник во меѓународни рамки, проф. Нинослав Димов. Паралелно со студиите, Соколов има веќе десетгодишна концертна активност со солистички, камерни и оркестарски настапи, како и педагошко искуство како наставник по кларинет во Музичкото училиште „Лазо Мицев – Рале“ во Кавадарци. Пијанистката Емилија Кабранова-Филипова исто така е многу посветен концертен уметник со значајни настапи на повеќето концертни сцени во Македонија. И таа паралелно се бави со педагошка дејност, била наставник по пијано и корепетитор во музичките училишта во Тетово и Скопје, соработува со училиштето во Кавадарци како корепетитор, а од 2011 година е наставник по пијано во Музичкото училиште „Владимир Арсовски“ во Неготино. Дипломирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на истакнатата пијанистка и педагог, проф. Стела Слејанска. Ова не е прв пат Соколов и Кабранова-Филипова да настапуваат заедно. Нивната соработка, видлива на концертите организирани од Факултетот за музичка уметност, се оформува во препознатливо дуо на македонската музичка сцена.
На програмата на овој рецитал се најдоа дела создадени по втората половина на 20 век, во кои се испреплетуваат елементи од класичната музика и џезот и сите со програмски наслови. Програмата ги вклучуваше делата Le Papillon од Клод Болинг, Зојкиниот стан оп. 31b од Димитрије Бужаровски и Aragon од Анри Бусер за алт саксофон и пијано, како и делата Dreamy dawn од Роберто Молинели и Memorias од Педро Итуралде за сопран саксофон и пијано. Преку овој репертоар, Соколов ги претстави звуковните разлики помеѓу алт и сопран саксофонот, а со тоа и примената на овие инструменти во т.н. third stream жанр што претставува соединување на елементи од класичната музика со џезот. Одредени дела од избраниот репертоар за концертот оригинално се напишани за поинакви изведувачки состави, но почесто се изведуваат во верзијата за саксофон и пијано. Дополнително, Aragon на Бусер и Memorias на Итуралде, се со можности за изведба на двата сродни инструменти, кларинет и саксофон. Во средиштето на програмата, како своевиден премин од делата за алт кон делата за сопран саксофон, Кабранова-Филипова имаше солистички настап со композицијата Ever од Илија Пејовски.
Концертот започна со делото Le Papillon (1975) од францускиот џез пијанист и композитор Клод Болинг (Claude Bolling, 1930–2020). Карактерот на делото е отсликан во неговиот наслов (Пеперутка), кој беше присутен и во изведбата. Соколов вешто ги долови движењата на замислената пеперутка и нејзината нежност преку разиграните мелодии и меките тонови на алт саксофонот, додека Кабранова-Филипова суптилно го следеше летот на пеперутката преку акордите со карактеристична боја во синкопиран ритам.
Рафинираниот мек тон продолжи да се рефлектира и во второто дело, односно суитата Зојкиниот стан оп. 31b (1986/89/94) од композиторот Димитрије Бужаровски (ова е едно од делата за кои Бужаровски има направено повеќе верзии за различни изведувачки состави). Суитата е составена од три контрастни става, секој со своја емоционална атмосфера, која е резултат првенствено на хармонската и ритмичката компонента. Како што e наведено во книгата Солистичка и камерна музика (2022) од уникатниот автомузиколошки проект на Бужаровски, во кој тој го анализира сопственото композиторско творештво, првиот и третиот став се преземени од музиката за драмата Зојкиниот стан (1924–26) од рускиот писател Михаил Булгаков, поставена во Драмскиот театар во Скопје, во режија на Стојан Стојановски. Оттаму, при изведбата на ова дело треба да се има предвид потеклото на музичките материјали, чија оригинална замисла била со цел да се поддржи драмското дејствие, но и да се вметне временската компонента. Преку синкопираниот бас и акордите со структура својствена за џезот, Кабранова-Филипова елегантно го водеше ритамот на валцер карактеристичен за 1920-тите години во Русија. Суштината на делото ја долови Соколов преку фразирањето на алт саксофонот кое треба да асоцира на периодот. Вториот став, кој е преземен од музиката на Бужаровски за телевизиската драма Марка од Васе Манчев, исто така во режија на Стојановски, започнува со основниот мотив – водилка кон основен тон во пунктиран ритам преку кој се пренесува меланхоличниот карактер на самиот став. Изведувачите доведоа до кулминацијата на ставот преку експресивната мелодиска линија на саксофонот, потенцирана со виртуозни нагорни пасажи и разновидни бои кои се надополнуваа во дијалог со пијанистичката фактура. Во третиот став, Кабранова-Филипова ја внесе публиката во танцот на фокстрот преку синкопираниот ритам и разиграниот бас. Кулминативниот момент беше достигнат со виртуозните пасажи каде дојде до израз изведувачката техника на Соколов. Неговата изведба ја надополнија пасажните движења во пијаното што дополнително ја потенцираа колоритноста на ставот преку кој се заокружи целината на суитата на Бужаровски.
По оваа изведба, која наиде на многу ведар прием кај публиката, следуваше изведбата на Aragon оп. 91 од францускиот композитор Анри Бусер (Henri Büsser, 1872–1973), дело инспирирано од поезијата на францускиот надреалист Луј Арагон (Louis Aragon, 1897–1982). Делото било оригинално напишано (1934) за кларинет и пијано. Соколов и Кабранова-Филипова го извлекоа лиризмот на делото преку меката мелодија во саксофонот и акордските склопови кои даваа специфична боја на пијаното. Убавината на композицијата беше истакната во соло делницата за саксофонот каде Соколов со голема експресивност ги отсвири пасажите.
Чувство на смиреност и топол амбиент донесе изведбата на делото Ever (2012) за пијано од композиторот Илија Пејовски. Оваа композиција е дел од експерименталното творештво на Пејовски во кое доминираат импровизацијата, мотивскиот развој и необичниот хармонски јазик. Во оваа изведба, Кабранова-Филипова со леснотија ја изведуваше повторувачката тематска линија, како основна оска врз која се гради делото. Покрај варијациите и комбинациите на мелодиските компоненти, таа умешно ја издвојуваше пунктираната басова линија која придонесуваше за контрастност.
Оваа композиција ја најави атмосферата на следното дело од програмата – “Dreamy Dawn”. Станува збор за првиот став од суитата Four Pictures from New York (2001), оригинално напишана за сопран саксофон и симфониски оркестар, од италијанскиот композитор и диригент Роберто Молинели (Roberto Molinelli, 1963). Уште од самиот почеток, Кабранова-Филипова преку legato-фразите и нежните арпеџа го исполни концертниот простор со една пријатна сонливост која го продлабочи чувството на спокој. Соколов се вклучи со мека мелодија со полн тон истакнувајќи ги лирските можности на сопран саксофонот.
Последното дело што го изведоа Соколов и Кабранова-Филипова беше Memorias (tríptico) (1998) од шпанскиот композитор Педро Итуралде (Pedro Iturralde, 1929–2020). Насловот Memorias (Спомени) укажува на емотивната приврзаност на композиторот со шпанската култура. Со оваа композиција на најдобар можен начин се заокружи концертот, нудејќи ѝ на публиката звучен амбиент од зрелиот период на џезот. Преку темните тембри произлезени од октавните скокови во нискиот регистар на пијаното, Кабранова-Филипова го долови чувството на празнина и носталгија, додека Соколов уште со првата отсвирена фраза на сопран саксофонот го потенцира лирскиот момент. Изведувачите со својата вештина ја исполнија салата со звуците на свинг музиката, дополнети со кулминативни виорни движења и мелодии со носталгичен карактер, уште еднаш потврдувајќи дека саксофонот претставува точка каде се спојуваат класичната музика со џезот и популарната музика.