Music Review 15

Катарзичен концерт исполнет со емоции на сцена и пренесен на гледалиште Березовски, Митревски, Филхармонија

Катарзичен концерт исполнет со емоции на сцена и пренесен на гледалиште Березовски, Митревски, Филхармонија

Во оваа сезона 2018/2019 на Филхармонијата на Северна Македонија љубителите на музичката уметност имаа можност да проследат два концерти на кои што настапи пијанистот Борис Березовски од Русија. После камерниот концерт на 29 мај во Камерната сала на Филхармонијата, следниот ден, на 30 мај, проследивме целовечерен концерт во големата сала со наслов „Кодот на Березовски“. Освен што програмата на Филхармонијата во текот на целата сезона е поддржана од Министерството за култура, овој концерт беше поддржан и од Клубот Дајнерс (Diners Club International). Ова беше претпоследниот концерт за оваа сезона одржан во салата на Филхармонијата, следат уште три концерти, од кои два ќе се одржат во Градскиот парк на Скопје.

Програмата на концертот беше конципирана во два дела. Во првиот дел Борис Березовски одлучи да си преземе двојна улога, па воедно беше и изведувач на пијано, и го координираше оркестарот без присуство на диригент, додека пак во вториот дел водач на оркестарот беше Виктор Митревски, млад диригент во подем, кој своите први диригентски чекори ги направил на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на Саша Николовски-Ѓумар, а понатаму се надоградувал во сферата на хорското и оркестарското диригирање на Универзитот за музика и изведувачки уметности во Виена. Митревски делува многу повеќе надвор од нашата држава и се надеваме на уште повеќе концерти кај нас со што секако би се збогатила нашата уметничка сцена.

Концертот започна со динамично дело во кое што се провлекуваат различни романтичарски чувства испреплетени со силна ритмика која што владее низ целата композиција. Низ самата музика може да се почувствува енергичност која што варира од сатира до гротеска па продолжува со меланхолија низ која се провлекува нежност која што остава без здив за потоа сè да заврши во енергично Allegro scherzando. Концертот за пијано и оркестар бр. 1 во Des-dur, оп. 10 во три става на рускиот композитор Сергеј Прокофјев, е завршен во 1912 година и е посветен на рускиот композитор и пијанист Николај Николаевич Черепин, негов професор по диригирање. Напишан е за време на студиите на Прокофјев на Конзерваториумот во Санкт Петербург и во него преовладува неговата младешка бунтовност и желба за експериментирање во музиката. Иако, концертот наликува на типичен концерт за пијано заради тоа што почнува и завршува со ставови во брзо темпо, а освен тоа има и јасна сонатна форма со јасно изразени теми, сепак тој знаел да ја шокира публиката најпрво со изборот на тоналитети, а потоа со диаболичните ритмички решенија, и воопшто со целосниот концепт на неговите дела. Но, историјата секојдневно ни покажува дека ваквите чекори напред во уметноста не секогаш се позитивно прифатени од широката публика и постарите колеги, во овој случај композитори.

Изведбата на Березовски не `и даде на публиката простор за одмор, бидејќи со секој отсвирен тон тој ја држеше целата сала „на врвот на своето столче“ носејќи ја до оптимален врв на концентрација кон самото дело кое што е замислено како една целина. Самата идеја на Прокофјев кој што очигледно не се фокусирал на мелодиското начело во овој концерт туку на самата ритмика, беше целосно истакната од солистот на вечерта. Се почувствува огромна концизност особено во првиот и третиот став каде што ритмичките делови се брзи и целосно изразени во пијаното. Додека пак, во вториот став со смирено темпо Andante assai модулативната тема која започнува во првите виолини con sordino, се пренесува во кларинетот со нежни украсни фигурации, за да заврши со удвоени хорна и први виолини, незабележливо вклучување на пијаното и солистичко повторување на темата. Понатаму се случува претопување на оркестарот и солистот до крајот на самиот став. Особено лебдеа во воздухот триолите и септолите во делницата на пијаното кои што беа изведени на тој начин да наликуваат на ветер во целата таа лирска роматичарска атмосфера.

Доколку навистина се навлезе во самата композиција, пијаното може преку метаморфоза да ни се причини и како удирачки инструмент кој што ги истакнува сите тие виртуозни ритмички фигурации и брзи нагорни стакато скали во третиот став. Големината на солистот се сфати и преку тоа што тој воедно го водеше низ музиката целиот оркестарски ансамбл, без нагли движења или некакви посебни знаци, туку едноставно со кратки погледи, а македонските филхармоничари покажаа концентрација и точност. Музиката беше присутна во сите изведувачи на сцената, па уметничката катарза беше неизбежна.

Ова беше вечер посветена на руски композитори. Следеше Концертот за пијано и оркестар бр. 2 во F-dur, оп. 102 од Дмитриј Шостакович. Концертот е напишан во 1957 година за деветнаесеттиот роденден на неговиот син Максим кој што и самиот бил пијанист и студент по пијано во тој период на Московскиот конзерваториум. Концертот е пишуван за помал изведувачки состав, а главната мисла ја има пијаното особено во вториот став. Делото започна со кратки стакато движења на фаготи на кои му се придружија обои и кларинети како краток вовед на пијаното кое започна во истиот манир свирејќи четвртини ноти кои што даваат соединување со стакато осминките во делницата на оркестарот. Целиот прв став е разигран и и во артикулациска и во динамичка смисла со што солистот имаше голем простор за развивање и давање свое лично видување на овие музички планови застапени во делото. Комуникацијата помеѓу оркестарот и солистот во овој став е мошне битна заради брзото преплетување на пијаното со оркестарскиот звук. Вториот став Andante воедно и најпознатитот став од концертот донесе голема емоција во салата на Филхармонијата уште од првите тактови кои што ги донесе оркестарот. Емотивниот набој се зголеми уште повеќе со доаѓањето на пијаното чиј звук Березовски го водеше на свој поетичен начин со фразирање и дозирање на динамичкиот план. Солистот како искусен музичар на завиден начин ја истакнуваше главната мелодиска мисла во десната рака без да ја покрие таа линија со левата рака или да дозволи да се изгуби во оркестарскиот попратен звук. Иако, често овој став знае да биде донесен од страна на изведувачите на меланхоличен начин, во оваа изведба се почувствува позитивна топлина која што сигурно длабоко допре до публиката. На вториот став му се надоврзува без пауза третиот став во 7/8 такт со танцувачки карактер со разиграно пијано. Березовски во овој став најмногу ја истакна својата виртуозност и концизност во брзите фигурации кои што прозвучеа како незапирлива река доловена и преку постепеното динамичко нијансирање кое што дава чувство на очекување на некаква кулминација која не го остава слушателот да здивне дури до крајот. За уште подобра изведба потребни се сигурни хорни во нашиот оркестар кој сигурно ќе зачекорат во своите кратки делници во Концертот.

По завршувањето на третиот став публиката го нетрпение го очекуваше бисот. Березовски и во оваа прилика покажа дека неговата изведба за таа вечер ја чувствува како колективно музицирање и заедно со македонските филхармоничари го повторија вториот став Andante од Концертот на Шостакович. Истата емоција зазвучи во салата, а Березовски не настојуваше да превладее целосно над оркестарскиот ансамбл.

После паузата се изведе Симфонијата бр. 2 во h-moll (Херојска) од Александар Бородин. Бородин како член на Руската петорка ја напишал оваа симфонија во 1876 година и низ неа се провејуваат идеите на оваа група и потенцираното народно начело. Периодот од 1869 до 1875 година во творештвото на Бородин го одбележува пишувањето на оваа симфонија и двете сценски дела – операта Принц Игор и балетот Млада. Постојат многу мелодиски сличности помеѓу нив, а најголемата сличност доаѓа од тоа што композиторот во тој период бил инспириран од номадските племиња со турско потекло Кумани или како што биле нарекувани во Русија – Половци. Диригентот Виктор Митревски ја продолжи занесената атмосфера во салата заедно со оркестарот уште со почетокот на првиот став каде што прозвучи првата тема на симфонијата во forte динамика. Во овој став имавме можност да слушнеме дувачи кои што несомнено се истакнаа со сигурност која што треба да продолжи и понатаму во следните изведби. Ставот преовладува со силна динамика, а диригентот е заслужен за водењето на оркестарот низ таа динамика со успешно претопување во контрастите особено во тие делови каде што силниот динамички звук потребно е да се смири и да донесе потивки динамички ознаки. Во вториот став Scherzo, Molto vivo се тежнее кон игра со темброт на инструментите и нивно преплетување, а хорните веднаш стапија во битна улога со постојана пулсирачка линија од која што понатаму се разви и во делниците на останатите дувачи. Третиот став Andante започна со соло кларинет нежно попратен од харфа на која што се надоврзува звук на соло хорна со изненадни орнаментални ознаки карактеристични за творештвото на Бородин. Брзото темпо од претходните ставови и големите динамички констрасти се смирија со овој став кој со својата нежност придонесена и од страна на харфата заврши емотивно како што и почна. Последниот став финалето ни претстави слика на голема прослава изведена преку танцувачки карактер во 3/4 такт, но нестандардно прикажан преку голема ритмичка разработка и синкопирани линии.

Тамара Стојаноска, 6 јуни 2019 година