Music Review 16

Камерен лирски пејзаж и овации за Березовски и солистите на Филхармонијата

Кон камерниот концерт одржан на 29 мај 2019 година

Камерен лирски пејзаж и овации за Березовски и солистите на Филхармонијата

Кон камерниот концерт одржан на 29 мај 2019 година

На сцената на Филхармонијата на Северна Македонија оваа недела имавме можност да слушнеме врвен музичар од светски ранг, кој бескомпромисно на публиката `и подарува нови искуства и репертоар кој низ неговата интерпретација продолжува да ги оживува салите. Ваквите концерти ја враќаат надежта во музичката уметност и ги испирираат младите генерации за усовршување и надоградување. Одржаниот концерт во Камерната сала на Филхармонијата беше само потврда на ова наше согледување.

Иако салата не беше исполнета до последното место, љубителите на камерното музицирање беа на вистинското место. Како солист на вечерта имавме можност да го чуеме Борис Березовски, реномираниот победник на Натпреварот „Чајковски“ во 1990 година. Љубителите на класичните концерти и оние кои сакаа уште еднаш да го проследат музицирањето на Березовски, следната вечер, на 30 мај, имаа уште една можност, овој пат во големата сала на Филхармонијата со концертот насловен како „Кодот на Березовски“.

Концертот започна со кратката најава за измена во програмата. Наместо композицијата Исламеј од Милиј Балакирјев, (со подеднакво воодушевување) имавме можност да ја проследиме Сонатата бр. 2, оп. 36 од Сергеј Рахмањинов. Самоуверено и брзо, преку првиот разложен акорд во надолно движење од првиот став Allegro agitato, звукот на основниот тоналитет b-moll ја исполни салата. Познатата Рахмањиновска акордска фактура со мелодијата од првата тема во левата рака течно го започна патот по кој Березовски чекореше, а во нашата глава создаде илузија како да музицира придружен од оркестар. Оваа соната во три става, напишана во 1913 година, очигледно Рахмањинов ја пишувал под импресиите од првите три концерти за пијано и оркестар. Затоа можеби во неа слушавме дел од елементите кои овој композитор и пијанист го прават препознатлив, најпрво впечаток на звучно пространство по сите димензии, доловено преку арпеџа распослани низ двете раце, надолни хроматски движења и нестабилни тонални центри, акорди за огромни дланки со сите прсти зафатени и кои многу често не ги собира во двете петтолинија, фактури со имитација на црковни ѕвона, корали, тематска поврзаност на ставовите, извирање на различни полифони линии од најнеочекувани места итн. Како интерпретатор на светските сцени, често можеме да го чуеме Березовски токму со делата од Рахмањинов, па затоа оваа промена не беше случајна. Вториот став од сонатата, Non allegro – Lento, донесе смирување и носталгична атмосфера. Ставот претставува мост помеѓу првиот и третиот став, а се служи со мотиви од првиот (кои звучно се препознаваат), но со латентен звучен набој. Третиот став Allegro molto започнува attacca subito и покрај двете теми, користи мотиви и од претходните два става. Нов бран на техничко мајсторство, брзина и вештина, и фортисимо, а сите присутни го очекуваа крајот за преку гласните аплаузи да му оддадат (страхо)почит и воодушевување на Березовски.

Следни на програмата беа Лирски пиеси, оп. 54 (книга 5) од Едвард Григ (1891). Секоја од шесте пиеси со сопствена приказна, во изведба на Березовски претставуваа вистинско уживање и на лицата на присутните се читаше видливо задоволство. Првата пиеса “Gjetergutt” (Малото овчарче) во g-moll, преку својата триделност донесе препознатлива мелодија, која на почетокот на првиот и третиот дел донесе единство и поврзување во формата (слично на Рахмањиновата соната). Навидум лесна од технички аспект, оваа пиеса како и останатите од овој опус, претставуваат предизвик за солистите, бидејќи вистинската тежина во овие дела се крие во начинот на интерпретирање и донесување на водечката линија. Втората пиеса “Gantag” (Норвешки марш), во C-dur, звучеше како увертира пред третата “Trolltog” (Маршот на џуџињата), која Березовски ја изведе со најголема леснотија и самоувереност, како вистински да маршираше низ клавијатурата. Кон оваа пиеса се почувствува и најпозитивната реакција од публиката. Но како вистински познавачи на класичните концертни манири, сепак аплаузот го зачуваа за крајот на целиот опус. Следеа и “Notturno”, “Scherzo” и “Klokkeklang” (Ѕвона). Секоја од пиесите на уникатен начин криеше некоја нова мисла, технички изведена до совршеност од Березовски, па на крајот заслужено имаше голем аплауз.

Уште едно изненадување надвор од програмата. Додека сите очекуваа солистички бис, на сцената заедно со Березовски излезе концертмајсторот на Филхармонијата, виолинистот Владимир Костов, и заедно го изведоа вториот став Allegretto espressivo alla Romanza од Сонатата бр. 3, оп. 45 за виолина и пијано од Едвард Григ (1887). Експресивно и романтично, Березовски го започна своето музицирање на пијаното, на кое се надоврза полниот виолински звук на Костов. Allegro Molto со поживо темпо го продолжи ставот со истиот жар, па преку пицикатото на Костов кој овој пат ја имаше улогата на придружба, му остави простор на Березовски во овој средишен дел да зазвучи во преден план, токму како солист. Più Tranquillo ја сталожи енергијата и повторно го врати спокојот во салата. Конечно бевме подготвени за камерното музицирање што следеше по паузата. Силните аплаузи ги испратија Костов и Березовски на одмор, а и нам ни требаше здив од бројните изненадувања во првиот дел.

По 15-минутната пауза, следеше ново поглавје. Квинтетот составен од гудачкиот квартет Анна Кодратенко (виолина), Владимир Костов (виолина), Бојан Талески (виола) и Александар Котевски (виолончело), и Борис Березовски (пијано), свечено излегоа на сцената, а на нивните лица се читаше возбудата од ова несекојдневно музицирање. На нашата сцена, поретки се концертите кога можеме да ги слушнеме оркестарските музичари да ја покажат својата друга страна и да застанат на помалата, но покомплексна камерно-солистичка сцена. Затоа Пијано квинтетот во Es-dur, oп. 44 од Роберт Шуман беше пропратен со најголема концентрација. Со своите четири става, започнувајќи од Allegro briliante, во кој веднаш на почетокот сите музичари заедно, со здружени сили ја изведуваат главната мелодија, а веднаш по изложувањето во пијаното, ја разработува првата виолина, по која следи изложување на мелодијата и во челото. Котевски со својата делница успеа длабоко да допре до публиката. Повторно заврзување, преплетување на делниците, репетиција и повторно започнување на ставот. Вториот (и најпознат) став, In Modo d’una Marcia – Un poco largamente со својот мотив: c c, c c, f as g c... c d es, d, c..., безброј пати повторен и изменет во сите инструменти, претставува база на овој став. На лицата на изведувачите преку насмевките се читаше задоволство. Scherzo – Molto vivace, третиот став, скоро целиот е базиран на нагорни и надолни скалични движења. Првото трио претставува канон на виолината и виолата, додека второто трио е со целосно непрекинато движење. Брзо, енергично како нагорни и надолни бесконечни скали по кои музичарите се искачуваат и симнуваат, за во четвртиот став конечно да се искачат на врвот (кулминацијата) на делото. Allegro, ma non troppo, финалниот став од квинтетот, во кодата вклучува фуга со комбинација на темите од првиот став и првата тема од последниот став. Напишан во 1842 година овој Квинтет од Шуман, претставува ремек-дело и е едно од најпрефинетите дела за камерно музицирање. Заслужено, на крајот музичарите беа наградени со долготрајни овации, а задоволството кај публиката заради овој несекојдневен настан се чувствува(ше) уште долго по концертот.

Емили Јањиќ Дачевиќ, 30 мај 2019 година