Лет во височините на книжевноста, науката и уметноста
На 21 мај 2019 година, во Kонцертната сала на Филхармонијата, се одржа Свечената академија по повод 70-годишнината од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Настанот претставуваше плод на сите досегашни залагања за знаење, напредок и меѓусебна соработка помеѓу факултетите при Универзитетот формиран на 26 јануари 1949 година.
И по седум децении, оваа установа полека и сигурно напредува, овозможувајќи им на студентите да ги надградуваат своите знаења, вештини, лидерски, тимски и хумани способности. Студентите како столб на оваа установа и оваа вечер бликнаа со својата енергија, свежина, убавина и креативност, водени од своите ментори, професорите, со што оваа вечер претставуваше заокружување на неколку децениското работење на Универзитетот.
Настанот започна со интонирање на Државната химна, Свечената химна на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Студентската химна „Гаудеамус“ кои беа изведени од хорот „Драган Шуплевски“ и Симфонискиот оркестар при Факултетот за музичка уметност – Скопје, под диригентското раководство на проф. м-р Сашо Татарчевски. Потоа во затемнетата сала следеше проекцијата на 30-минутниот документарен филм за 70-годишниот развој на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во продукција на Македонската Радио Телевизија. Голема чест и благодарност до присутните изразија и Ректорот на Универзитетот, проф. д-р Никола Јанкуловски, како и претседателот на Владата на Република Северна Македонија г. Зоран Заев, по што следеше музичко-поетскиот перформанс.
Музичко-поетскиот перформанс беше конципиран во неколку етапи, спојувајќи го минатото, сегашноста и иднината на македонската култура, образование и уметност. Го обликуваше проф. д-р Димитрије Бужаровски од Факултетот за музичка уметност. Проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ му помогна при изборот на поезијата, а рецитаторите ги подготви доц. м-р Никола Настоски од Факултетот за драмски уметности. На програмата се најдоа дела од творештвата на истакнати македонски професори и декани на факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје: Блаже Конески, Властимир Николовски, Гане Тодоровски, Томислав Зографски, Димитрије Бужаровски и Гоце Коларовски. Со својата работа и заложба, овие професори зад себе оставиле генерации млади студенти подготвени да летнат во височините на книжевноста, науката, уметноста.
Хронолошки, започнувајќи од своите рани почетоци, во чест на првиот декан на Факултетот за музичка уметност, Властимир Николовски, Камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“ ги изведе двата става: (вториот дел од) IV„Рондо“ и VII „Музета“ (оркестрација според композициите на барокните мајстори Јохан Каспар Фердинанд Фишер и Јохан Себастијан Бах) од неговото дело Стари Танци напишано во 1970 година. На чело на оркестарот стоеше диригентот проф. м-р Борјан Цанев. Топлиот виолински звук со кој концерт-мајсторот Ева Богоевска го започна солото во „Рондото“ ја претвори салата во своевидна „соба“ во која оркестарот се најде лице в лице со публиката. Останатите камерни музичари одлично ја следеа и во пијанисимо динамика го полнеа звукот на салата за постепено да го зголемуваат и преку унисоно да ја достигнат кулминацијата на ставот. Завршната репризна соло-реченица на виолината го заокружи ставот и го врати на почетокот, во смирена пијано динамика. Следуваше живиот и краток став од само триесетина секунди, насловен „Музета“. Карактерот на ставот се насетуваше уште при самиот наслов. Брз, енергичен, разговорлив, токму како женската фигура отсликана во него.
„Има нешто многу просто и тоа е тишина“, гласно одекна во салата. Тишината како метафора за гласните пораки кои бликаа цела вечер и се читаа во очите на присутните, јасно проговори за жарот помеѓу уметниците и публиката. Со рефлексивната поезија на Блаже Конески, младата рецитаторка Јована Спасиќ (втора година на ФДУ) ја пренесе моќната порака за тишината и спокојството.
Нов период. Преродба. Повторно се најдовме на мостот помеѓу поезијата и музиката, овој пат преку четвртиот став од ораториумот на Димитрије Бужаровски Охрид, напишан во неоромантичарски манир, според истоимената песна на Рајко Жинзифов. Оваа година одбележуваме 30 години од создавањето на ораториумот, кој е изведен и награден по повод 40-годишнината на УКИМ во 1989 година. Солистите Јаворка Витанова (сопран), Мариана Бошковска (алт), Исмет Весели (тенор) и вонр. проф. д-р Горан Начевски (баритон), заедно со Симфонискиот оркестар и Хорот „Драган Шуплевски“ и диригентот Сашо Татарчевски ги соединија своите сили, за што пореално да ја отсликаат замислата на композиторот за возживување на текстот на Жинзифов, за Климентова школа во славниот Охрид – центарот на словенската писменот и слободниот дух на народот. Со изложувањето на главната мелодија во сопранската делница, на која се надоврзаа останатите солисти и меѓусебно хармонски се преплетуваа, и низ впечатливата унисоно хорска градација ни беше прикажана историјата на нашата писменост, која поминала низ трнлив испреплетен пат, за конечно да го најде своето течение, и да се претопи токму во она што денес го одбележуваме.
Повторно спокојство. Стиховите на Блаже Конески преку Дете заспано крај езеро ја враќаат тивката и мистична атмосфера во салата. Но сепак, ја наговестуваат и следната Арс Поетика пренесена од рецитаторот Бранко Атанасов (втора година на ФДУ), која ја буди свеста на присутните и ги подготвува за уште еден хронолошки премин кон следната етапа.
Стари дедо овци пасе, експресивното дело за бас или баритон, мешан хор и симфониски оркестар (напишано на почетокот на 1970-тите) од Томислав Зографски, еден од најзначајните македонски композитори кому со овој концерт ја прославуваме 85-годишнината од раѓањето, претставува мост кон Илинденскиот период. Диригентот Сашо Татарчевски уште еднаш ги водеше Хорот „Драган Шуплевски“ заедно со извонредниот солист Горан Начевски на патување низ композицијата која блика со гордост и патриотизам. „Де е Гоце, де е Јане нашите другари? Знамето ни да развеат низ Македонија,“ здружените гласови ја исполнуваа салата. Солистот говореше, а хорот го поткрепуваа повторувајќи делови од народната мелодија. Крајот на делото смирено обликуван од оркестарот, го заврши ова Илинденско патување.
Битово-социјалните елементи, опеани во Нашинска од Гане Тодоровски, ги отвораат вратите кон еден нов правец. Рецитаторот Бранко Атанасов преку зборовите на поетот порачува: „Колку сме, толку сме, токму сме!“
Насетуваме кулминација, не сме сигурни дали наскоро ќе се случи; но ја очекуваме, се надеваме. На сцената излегуваат младите дами, студенти, полни со жар и младешка енергија. Го започнуваат танцот инспирирани од мистичниот звук на флејтата и ги истакнуваат своите флуиди со лесните движења, како млади нимфи маѓепсани од звукот на кавалот. Сам – Езгија (1997) од Гоце Коларовски, композиторот, професор и декан на Факултетот за музичка уметност во Скопје, кому оваа година ја славиме 60-годишнината од раѓањето, инспириран од можеби една од најубавите фолклорни музички форми – кавалската езгија, го пронаоѓа соодветниот призвук во флејтата, во интерпретација на Јана Каевска (студент од втора година). Заедно со неа, на сцената се наоѓаа и младите „нимфи“: Христина Ангеловска, Марија Ристеска, Ана Марковска, Тања Василевска, Ивана Димкоска, Медина Јусуфовиќ, Меланија Гоцевска, Ева Џингова и Јана Петровска, студенти на програмата за современ танц. Се движат на самата ивица на авансценот, веднаш пред првите пултеви, тука се составуваат во најкомплексни пози и поддршки во симболично подигнување, па се растураат по целата должина на сцената, а публиката е занемена. За оваа минуциозно обмислена танцова композиција се погрижи вонр. проф. д-р Искра Шукарова.
И Љубовна од Гане Тодоровски, ја продолжи претходно споменатата симболика за младост, љубов и жар, движечките сили на самиот универзитет. Јована Спасиќ и Бранко Атанасов, лице в лице, ја изразија моќта на зборот искажан со љубов и внимание, па се чини дека дотогаш од публиката изнудија најсилен аплауз.
И низ краткиот трет став од Техносимф (1997) на Димитрије Бужаровски, ја проследивме истата симболика, но овој пат преку стилски „измиксани“ музички мотиви/семпли изведени од Камерниот оркестар раководен од професорот Борјан Цанев.
Перформансот беше заокружен со избрани фрагменти (декламации, хорови кластери, испишана алеаторика, остри дисонанци, неокласични блокови, сонорни пијанистички камбани, политоналност и канонска имитација) од Ораториумот на Томислав Зографски Похвала Кирилу и Методију (1969). Точно половина век од неговата прва изведба, со што честа да се изведува се чини беше двојно поголема (покрај 85-годишнината од раѓањето на Зографски) и 70-годишнината на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ симболично го заврши овој свечен настан, исполнет со многу емоции и реминисцентно навраќање кон почетоците и корените на создавањето на старословенската писменост, која претставува и темел врз кој денес чекориме кон освојување на нови хоризонти.