Music Review 18

Елеганција преточена во грациозен виолински тон

Кон концертот на Филхармонијата „Романса“ одржан на 18 април 2019 година

Елеганција преточена во грациозен виолински тон

Кон концертот на Филхармонијата „Романса“ одржан на 18 април 2019 година

На сцената на Филхармонијата имавме можност да проследиме уште еден настап на врвен музичар со азиско потекло. Тоа беше виолинистката од Јужна Кореја, Сојанг Јун (Soyoung Yoon) школувана на Универзитетите во Сеул, Келн и Цирих (со Захар Брон) и наградувана на врвните меѓународни натпревари по виолина „Јехуди Мењухин“, „Давид Ојстрах“, „Хенрик Виењавски“ итн. Самоуверено и со полни гради таа го изведе Концертот за виолина и оркестар во D-dur од Јоханес Брамс. На програмата се најде и Симфонијата бр. 5 од Ралф Вон Вилијамс, а концертот се одржа под диригентското раководство на Михал Нестерович (Michał Nesterowicz) од Полска, во моментов главен гостин-диригент на Симфонискиот оркестар во Базел и Филхармонијата „Артур Рубинштајн“ во Лоѓ.

Виолинскиот концерт на Брамс e единствен во неговиот творечки опус, а компониран е во 1878 година, посветен на големиот виолинист Јозеф Јоаким, кој бил негов пријател. Изведувачката техника и интерпретацијата на Јун се доживува како нераскинлив дел од нејзиното уметничко битие, и целиот Концерт од почеток до крај беше изведен во еден здив, како една целина. Привидната леснотија со која звучеше секој тон го задржа вниманието на публиката до самиот крај. На лицата на публиката се читаше маѓепсаност и од нејзината убавина. Грациозноста која ја поседуваше, успеваше да ја пренесе врз секој тон, па можеби затоа публиката ја прими со толкаво воодушевување. За овој настап Јун ја користеше виолината Страдивари на Кралот Џорџ III од 1710 година (“King George” Stradivari), а на некои од нејзините светски настапи како за Натпреварот „Хенрик Виењавски“ на кој победува во 2011 година, користи виолина Гвадањини од 1773 година (G.B. Guadagnini ‘ex-Bückeburg’).

Првиот став, сонатното Allegro non tropo, во D-dur направи баланс помеѓу оркестарското и солистичкото музицирање. Оркестарот одлично се надополнуваше на тонот на Јун, а гудачите инспирирани од музиката и појавата на Јун ја следеа и како да го преземаа и продолжуваа нејзиното елегантно движење. Крајот на првиот став беше обележан со впечатливата солистичка каденца која претставува врв на целиот став. Вториот став, Adagio, кој претставува триделна форма, го започна обоата која во првиот дел ја донесува главната мелодија подложена на понатамошно развивање од страна на виолината и оркестарот. Потребно е да се истакне дека оркестарските музичари во овој став се прикажаа одлично, а тоа се почувствува во нивното взаемно дишење и поврзаноста која ја имаа со солистот. На крајот на ставот главната мелодија исполнета од солистот заедно со целиот оркестар прозвучи во умерена динамика за смирен завршеток кој беше подготовка пред финалниот став. Финалниот став со форма на рондо ја врати енергијата во салата и уште еднаш потврди дека инспирирани од добар солист и диригент оркестарските музичари звучат ниво повисоко од вообичаеното.

Настапот на Јун беше пропратен со громогласен аплауз по кој таа ја награди публиката со два биса. На првиот бис го изведе Каприсот бр. 7 оп. 10 “La Cadenza” од Хенрик Виењавски, за веднаш по него, да ја крене публиката на нозе со нестандардното дело Funk The String од руско-германскиот мулти-музичар Алексеј Игудесман (Aleksey Igudesman). Вообичаено виолинистите одбираат „покласични“ дела, но овој виртуозен ефектен бис се покажа како вистински избор за придобивање на симпатиите од публиката.

По паузата следеше Симфонијата бр. 5 од британскиот композитор Ралф Вон Вилијамс. Вон Вилијамс, кој е речиси непознат за нашата публика и ретко изведуван кај нас, е композитор кој во своето творештво брои дела од крупен формат, како опери, балети, симфонии, духовна и камерна музика, и не е сврзан со ниту еден конкретен правец заради различните стилови кои ги употребува при секоја негова композиција. Вон Вилијамс се вбројува во листата на најголемите британски симфоничари, а инспирација црпел од францускиот импресионист и негов (и од него помлад) учител Морис Равел, потоа од англиската народна музика, оттаму и употребата на модални хармонии како надоградување на романтичарската традиција, а многу често се обраќа на гласот, како на пример, вокалните симфонии. Четириставичната Петта симфонија е помеѓу најизведуваните од деветте симфонии на овој композитор. Најзабележително е што во сите четири ставови доминира гудачкиот корпус. Уште во првиот став, Preludio, акцентот ставен на првите виолини и целиот гудачки корпус ja насетува нивната доминација. Иако пишувана во периодот од 1938 до 1943 година, периодот на Втората светска војна, Симфонијата носи сталожено расположение, со моменти на поттиснати чувства и емотивен набој кој се провлекува низ сите четири ставови. Бидејќи Вон Вилијамс ја започнал оваа симфонија во моментот кога ја пишувал својата опера The Pilgrim’s Progress (на која работел речиси 30 години), таа содржи остатоци и музички мотиви од оваа опера, но не е програмска (како што многумина би претпоставиле). Во вториот став, Scherzo (Presto misterioso), оркестрантите имаа можност да ги покажат своите технички способности, па сериозно ја сфатија оваа улога и успешно ја одиграа до крајот на ставот. Третиот став, Romanza (Lento), нè стави во т.н. филмско расположение, со музиката која толку потсетуваше на музиката за филмското платно. Солистичките делници на англискиот рог, по кој следуваа солистички моменти на флејтата, обоата и кларинетот, пропратени со звукот на емотивните виолини претставуваше своевиден врв на симфониското патување. Финалниот став, Passacaglia, прозвуче како заокружување на целиот концерт.

Овој концерт претставуваше одлична можност за запознавање со ретко изведувани дела кај нас, кои се дел од светската музичка сцена, и кои со своето влијание постепено ги шират погледите на нашата домашна публика.

Емили Јањиќ Дачевиќ, 11 мај 2019 година