Music Review 19

Емотивно и духовно патешествие со Реквиемот на Џузепе Верди

Емотивно и духовно патешествие со Реквиемот на Џузепе Верди

Вердиевиот Реквием зазвучи во салата на Филхармонијата на Северна Македонија на 25 април 2019 година со почеток во 20 часот, во пресрет на прославата на големиот христијански празник Велигден. Овој најпознат и најизведуван реквием во историјата на музиката (одма после Реквиемот во d-moll, К. 626 на Волфганг Амадеус Моцарт) се изведе под водство на Емил Табаков, гостинот диригент од Бугарија. Табаков често соработува со нашата Филхармонија во заеднички изведби кои секогаш наидуваат на позитивен прием кај публиката. За оваа изведба на Реквиемот беше избрана интернационална група солисти составена од Весна Ѓиновска-Илкова – првенка во Националната Опера, професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје и една од најдобрите македонски сопрани; Елени Матос – американски мецосопран со грчко потекло, со завидна оперска кариера и освоени дури 34 први места на врвни натпревари по пеење; Дејвид Јунгхон Ким – тенор школуван на Универзитетот во Сеул, кој во досегашната кариера, покрај низа оперски улоги, има и поголем број остварувања на натпревари за пеење во Европа и Јужна Кореја; и во најдлабоката гласовна делница – швајцарскиот бас-баритон со македонско потекло, Милан Силјанов, кој периодов веќе еднаш го проследивме на нашата сцена со рецитал. Величенствените хорски нумери во ова дело ги изведе Хорот на Националната Опера и Балет, подготвен од хор-мајсторот Ѓурѓица Дашиќ.

Реквием е дело со духовна конотација, миса во слава на починатите, со инспирација од богослужбата на Католичката црква, базиран врз духовни напеви на латински текст. Првата идеја и иницијатива на Верди да се создаде вакво дело се должи на неговата желба за достојно одбележување на годишнината од смртта на Џоакино Росини во 1868 година. Верди заедно со уште 12 италијански композитори ги напишале ставовите од Messa per Rossini и ја подготвиле за изведба во 1869 година. Но заради разидувања при подготовката на премиерата, таа не се извела. Веста за смртта на Алесандро Манцони во 1873 година, италијански херој-поет, драматург, писател и пријател на Верди, била причината тој да замине во Париз и таму да го создаде ова капитално дело, користејќи делови од веќе напишаниот став “Libera me”. Messa da Requiem со голем успех ја имала првата изведба во Милано, во катедралната црква Свети Марко на 22 мај 1874 година, на денот на одбележувањето на првата годишнина од смртта на Манцини. Верди бил агностик и често бил нарекуван атеист, но со ова величенствено дело ја изразил големината на загубата на својот пријател, но и загубата за цела Италија.

Реквиемот на Верди денес редовно се изведува на концертните сцени, што беше случај и со оваа изведба на оркестарот на Филхармонијата, солистите и Хорот на Националната Опера и Балет.

Првиот став “Introit; Kyrie” започна во галежен манир донесен во piano pianissimo од групата на виолончелaтa, поткрепен од останатите гудачи на кои што им се надоврза хорот исто во тивка динамика и sotto voce. После првото претставување на хорот, солистот Јунгхон Ким се појави со чист продорен тенорски глас на кој одлично се надоврза гласот на Силјанов, кој во текот на целиот став даваше цврсти темели во изведбата. Машките гласови направија вовед кон сопранот и мецосопранот за понатаму солистите, хорот и оркестарот да се спојат во взаемна хармонија.

Најексплозивниот втор став “Dies Irae”, кој се состои од 10 дела (Dies irae, Tuba mirum, Mors stupebit, Liber scriptus, Quid sum miser, Rex tremendae, Recordare, Ingemisco, Confutatis Maledictis, Lacrymosa) го започнаа оркестарот и хорот во forte fortissimo динамика со налети на мошне виртуозни делници во оркестарот, кој покажа соединетост и увежбаност во својата изведба. Потоа следеше Tuba mirum, со почетната најава на трубите која се развиваше до потресна кулминација во која што се вклучи и хорот. Во третиот дел, Mors stupebit, како солист се јави бас-баритонот Силјанов адекватно и прецизно пратен од страна на оркестарот во тивка динамика која што овозможи целосно негово истакнување. При крајот на делот, Силјанов завладеа со публиката во салата со емотивно испеаниот збор mors кој што се повторува. Во делот што следи, Liber scriptus, ни се прикажа мецосопранот Матос, која што во текот на целиот Реквием во себе носеше силна емоција, иако на моменти се чинеше како нејзиниот глас да се губи во целиот ансамбл, односно да биде потивка од останатите солисти. Во деловите Quid sum miser и Rex tremendae брилираше сопранот Весна Ѓиновска-Илкова со својот карактеристичен драмски глас, кој одлично се вклопуваше со останатите солисти, водејќи ја главната мелодиска линија со изострена интонација до високото c (salva me). Делот Ingemisco беше во сјајот на ариозото на тенорот со извонредна интонација и гласовна спремност, но пропратени со еден вид механичка емоција. Вториот став заврши со Lacrymosa каде што Елени Матос со емотивна вознемиреност ги отпеа стиховите кои што го понесоа и Силјанов да врати со иста емоција, која пак понатаму се пренесе и на останатите солисти. Хорот и оркестарот во овој дел доследно го следеа квартетот солисти овозможувајќи им ја главната улога доверена со замислата на композиторот.

Во третиот став “Offertorio” кој се состои од деловите Domine Jesu Christe и Hostias, главниот збор беше даден на солистите кои ги испреплетуваа своите гласовни бои доловувајќи ја музиката на Верди. Особено дојде до израз вклопувањето на гласот на Ѓиновска со гласот на Матос, а крајниот производ беше топла боја која што даваше ефект на сплотеност и соединетост.

Во ставот “Sanctus” хорот се пoдели на два дела, односно во осум гласови, заради изведбата на фугата со две теми, што на почетокот беше најавена со фанфарски звуци од лимените дувачи. Кога зборуваме за целосната слика на хорот потребно е да го истакнеме нивното точно интонирање и мошне добро следење на диригентот Табаков, но во нивната изведба на моменти се чувствуваше непожелното издвојување и истакнување на одредени гласови, особено во сопраните, со што се губеше ефектот на хорот како целина. Гласовната воедначеност како императив во хорското музицирање и едно од главните барања на уметничкото исполнување во оваа изведба не беше во целост испочитувано. Дикцијата и изговорот на стиховите од Реквиемот беа добро артикулирани, но понекогаш недостасуваше усогласеност во дикцијата и изговорот на латинскиот текст (на пример, зборот Requiem, почетниот збор во молитвата Requiem aeternam dona eis, Domine/Вечен покој дај Господи, беше многупати изговорен на различен начин и со различен нагласок, односно не се следеше изговорот на солистите). Освен тоа, вклучениот голем број хористи во изведбата на Реквиемот предизвика вртењето на страниците од партитурата некогаш да изгледа како да е дел од композицијата; создадениот шум беше пресилен и на моменти пречеше.

“Agnus Dei”, петтиот став од Реквиемот започна со сопранот и мецосопранот а капела. Во овој став се потврди сигурноста во интонацијата на солистките кои што ја донесоа едноставната и возвишена лирска мелодија во емотивен и придушен манир кој посебно ја допре публиката. Ставот е во дурски тоналитет, во овој случај најсветлиот C-dur, кој во врвната изведба звучеше потресно и крајно емотивно. Солистките пееја во паралелни октави со концентрирано следење, усогласени и во мелодиските украси. Донесувањето на кантилената унисоно и химнично е препознатлив оперски манир на Верди, а во овој случај тој прави алузија на средновековното монодиско пеење. Мелодијата понатаму беше повторена во хорот и оркестарот, кои во натамошниот развој на ставот подеднакво придонесуваа за доловување на нежноста во звукот.

Следниот став “Lux Aeterna” ни долови терцет во коj мецосопранот, тенорот и бас-баритонот се надополнуваа, мелодијата се префрлаше од еден во друг глас, а на крајот гласовите се споија како да се претопени еден во друг. Во овој дел Силјанов со секогаш прецизна артикулација и дикција, обоена во неговиот чист, карактеристичен бас-баритонски глас, повторно даваше цврста подлога во целиот став.

Последниот став “Libera me” е разделен на четири отсеци (Libera me, Dies Irae, Requiem aeternam и повторно Libera me). Во првото Libera me сопранот се јави со потресно молење означено со ознаката senza misura што `и дава слобода во интерпретацијата. Декламацијата подоцна се пренесe и на хорот, но во потивка динамичка експресија. Во овој став особено се истакна оперскиот манир во кој што е напишанo целото дело, со своевидно „воскреснување“ и обединување на главните тематски материјали од предходните ставови, и вклучување на монументална, интонациски и модулативно посебно сложена хорска фуга во завршното Libera me (првата тема од “Sanctus” и темата на ова фуга се поставени инверзно). Концертот заврши траурно во сплотена тивка динамика донесена од страна на целиот изведувачки состав.

Диригентот Емил Табаков диригираше без користење на партитура пред себе, со што покажа со каква енергија и длабочина ги разработил седумте става од композицијата. Диригирајќи напамет, комплетно се внесе во изведбата и успеа мајсторски да го води големиот изведувачки состав низ комплексното дело, полно со контрасни ставови, со многу финеси и значења; ова беше ретка можност да се следи секој негов потег и точно давање на секој знак на сите музичари вклучени во изведбата.

Филхармонијата со изведбата на Реквиемот на Верди ни подари достоен уметнички чин, а публиката имаше можност да проследи концерт во кој што прозвучи дело кое што во себе носи длабока емотивност со духовна конотација испреплетена во размислувањата и оперските естетски начела на композиторскиот јазик на Верди.

Тамара Стојаноска, 1 мај 2019 година