Music Review 20

Млади ентузијасти со емоционална ангажираност и силна желба за музицирање

Кон концертот на Камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“

Млади ентузијасти со емоционална ангажираност и силна желба за музицирање

Кон концертот на Камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“

Младите ентузијасти од Камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“ одржаа концерт во Камерната сала на Филхармонијата на РСМ на 23 април 2019 година со почеток во 20 часот. Концертот беше раководен од маестро Борјан Цанев, професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, воедно и водач на оркестарот. Оркестарот е основан во 1999 година по иницијатива на Велко Тодевски, долгогодишен професор по контрабас на ФМУ, како сцена за стекнување искуства и усовршување на идните изведувачи инструменталисти во камерниот израз, истовремено и како понуда за збогатување на образовната програма на ФМУ. Камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“ од тогаш континуирано остварува настапи со студентите од гудачкиот оддел од Факултетот за музичка уметност во Скопје во рамките на годишните концерти, како и во одбележувањето на други пригоди.

Увертира во концертот беше изведбата на Дивертименто К. V. 136 во D-dur од Волфганг Амадеус Моцарт, напишано во 1772 година, во младешките години на композиторот поминати во Салцбург. Делото се вбројува во циклус со уште две дивертименти (К. V. 137 во B-dur и К. V. 138 во F-dur) кои што Моцарт ги пишувал како пригодна музика која што се изведувала на тогашните забави, најчесто на отворен простор, со камерен оркестар, со помал број изведувачи. Оркестарот „Солисти на ФМУ“ ги изведе трите става (Allegro, Andante и Presto) во генерално побавни темпа од зададените, но тоа воопшто не влијаеше на позитивниот впечаток од изведбата на младите музичари. Впечатливо беше взаемното следење на првите и вторите виолини во делниците што се надоврзуваат една на друга создавајќи една компактна целина на делото.

Како прв солист на вечерта се претстави Илза Бафтиари Балата на виола, студент во класата на проф. Фросина Балова, со изведба на Еврејска суита (Suite Hébraïque) oд 1950 година на Ернeст Блох. Делото може да се најде и во изведба на виолина заедно со оркестар или само на пијано. Базирано e на мотиви од еврејската музика, сo симулaции на звукот на традиционалниот инструмент во еврејската култура – шофар. Бафтиари со прецизност и сигурност нè водеше низ музиката на Блох, истакнувајќи ги во првиот став карактеристичните фрагменти од молитвата Ne’ilah со една емотивна набиеност. Младата виолистка се претстави со фокусирана емоција и чист интонативен израз. Многу поретко се среќаваме со концерти каде што главниот музички израз го има виолата како инструмент, така што секогаш ефектот e позитивен кога на публиката `и се прикажува виолата во нејзиниот уникатен израз.

Ени Вучидолова на виолина, студент во класата на проф. Олег Кондратенко, се претстави со изведба на „Зима“ (“Invierno Porteño”) од Годишните времиња во Буенос Аирес (Cuatro Estaciones Porteñas) на Астор Пјацола, напишани во периодот 1965–1970 година, во ритамот на тангото. Tранскрипцијата за виолина и гудачки оркестар на Леонид Десјатников e направена во 1990-тите за концертите на Гидон Кремер, и во неа се појавуваат цитати и референци кон (европските) Годишни времиња на Вивалди, со што делото е подигнатo на едно поинакво уметничко ниво. Ставот „Зима“ го почна оркестарот со мал вовед во тивка динамика кој водеше кон експлозивното прво јавување на виолината. Ова е едно мошне интересно дело во кое што оркестарот фокусирано го следи солистот и начинот на фразирање, затоа што солистот е во преден план и ja има слободата да си игра со темпото додека ги изведува брзите и нагласено ритмизирани пасажи. Сликата на „зима во Аргентина“ `и беше доловена на публиката со изведбата на Вучидолова која технички и естетски ја имаше усвоено композицијата и мошне лесно преминуваше од една емотивна состојба во друга, со нежност во изразено мелодиските делови и темпераментност во брзите, играјќи си со динамичкиот и артикулацискиот план на делото, доловувајќи го ритмичкиот импулс и прикажувајќи ги различните виолински техники кои ја прават оваа транскрипција посебно атрактивна. Солистката влегуваше во визуелен и звучен дијалог со концерт мајсторот и виолончелото кое се јавува во овој став со свое соло, како надопoлнa на солистот на виолина. Да напоменеме дека концерт мајсторот Димитар Михајловски и водачот на виолончелата Маја Михајловска се дипломирани во класите на проф. Љубиша Кировски и проф. Живко Фирфов и од неодамна се дел од оркестарот на Филхармонијата на РСМ. Виолончелистката Михајловска со својата занесена изведба, и постојано будниот и расположен концерт мајстор Михајловски заслужуваат подеднакви пофалби за техничката и емотивна изведба на своите делници во севкупниот ангажман на концертот.

Публиката беше задржана во емотивната атмосфера со настапот на Андреј Ѓорѓевски на виолина, студент во класата на проф. Владимир Костов, со изведбата на „Сеќавања“ од музиката за филмот Шиндлеровата листа од американскиот композитор на филмска музика Џон Вилијамс. Музиката за филмот е напишана во 1993 година и оттогаш многу често се изведувани одредени парчиња како солистички композиции, особено на виолина. Публиката слушаше изведба на делото во оркестрација на диригентот на концертот, Борјан Цанев. Ѓорѓевски, иако на моменти звучно покриен од страна на оркестарот, се наметна со емотивниот пристап кон делото кое што својата кулминација ја достигна на самиот крај со појавата на познатата музичка тема од филмот во која што се претопи целата емоција на солистот во тивка динамика.

Концертот продолжи со Серенада за гудачи оп. 20 во e-moll од 1892 година на англискиот композитор Едвард Елгар. Камерниот оркестар ги изведе сите три ставa (Allegro piacevolе, Larghetto и Allegretto) надополнувајќи ја позитивната атмосфера иницирана од страна на диригентот, кој во текот на целиот концерт зрачеше со задоволство и гордост на своите студенти. Виолите сигурно го почнаа првиот став во 6/8 такт со прикажување на карактеристичниот мотив кој подоцна се претопува во звукот на останатите инструменти и повторно се јавува како еден контраст помеѓу делницата на виолите и останатиот дел од оркестарот. Во вториот став се издвоија вторите виолини кои што имаат прилично комплексна делница, која што мошне нежно и прецизно се надоврзува на водечката линија на првите виолини. Ставот преовладува со ситни динамички нијансирања кои што вешто беа алудирани од страна на диригентот.

Последните солисти за вечерта беа Диана Мирчевска и Марија Јанчулеска на виолина, студентки во класата на проф. Љубиша Кировски. Се изведе уште една композиција од Пјацола – Обливион. Оваа композиција е напишана во 1982 година, и можат да се најдат изведби за различни инструменти меѓу кои хармоника, виолина и виола со камерен оркестар, обоа и оркестар, клезмер кларинет и оркестар или две виолини со камерен оркестар. Познатиот композитор на тангото го напишал ова дело базирајќи го на чиста танго музика без мешање на други музички стилови, бидејќи многу често знаел да вклучи џез карактеристики или нишки од современата популарна музика во своите дела, развивајќи го стилот танго нуево. Уште од првите тактови отсвирени од страна на оркестарот, публиката се внесе во меланхоличната емотивно набиена атмосфера која што беше вовед за виолината на Диана Мирчевска. Мирчевска нежно и кршливо ја започна својата делница, што на моменти се чинеше дека преминува во премногу piano динамика, но сето тоа само придонесе за нејзината експресија и вадење на вистинската емоција. Главната тема вториот пат ја започна Јанчулеска која што ја однесе композицијата на уште повисоко емотивно ниво пропратено со чист интонативен израз. Очигледно беше одличното фунционирање и надополнување на двете виолинистки на сцена, соодветно поткрепени од оркестарот кој прецизно ги збогатуваше во потивка динамика и им остави да ја донесат главната мелодиска линија на композицијата до полн израз.

После Пјацола и експресивната изведба на двете виолинистки, диригентот Цанев презентираше како овој оркестар може да свири и без гудала. Концертот заврши со изведбата на вториот став „Пицикато“ (Playful Pizzicato) од Едноставна симфонија oп. 4 на Бенџамин Бритн. Ставот се базира на две теми кои Бритн ги напишал многу млад, и како што кажува насловот, се карактеризираат со игрива структура изведена само со употреба на избраната техника. Младите ентузијасти го изведоа делото во еден здив, а кулминацијата ја донесе изведбата на средишниот дел на ставот, каде што виолончелата и контрабасот се јавија со техниката на влечење на жиците, како еден вид strumming на гитара.

За крај на нашите впечатоци од концертот, маестро Цанев успеал да ангажира еден мошне солиден тим, неговиот префинет допир во сè што e негова активност дојде до израз и во неговата работа со оваа генерација студенти. Во Камерната сала на Филхармонијата овој оркестар прозвучи со еден мек и култивиран тон. Диригентот Цанев заедно со студентите од гудачкиот оддел на ФМУ и професорите по гудачки инструменти, и самите концертни изведувачи, презентираа програма прилагодена на вкусовите и преференциите на новите генерации музичари, кои очигледно дека менуваат и редефинираат што треба да се најде како доминантна програма за концерт за гудачки оркестар. Солистите на вечерта, Вучидолова, Ѓорѓески, Мирчевска и Јанчулеска своите изведби ги донесоа од нивните места во оркестарот со што ја подвлекоа компактноста на камерниот музички израз. Публиката со аплауз ја награди нивната интерпретација која е на патот на освојување на концертните сцени.

Тамара Стојаноска, 27 април 2019 година