Music Review 21

Емотивна и интимна атмосфера испреплетена со музика, поезија и љубов

Кон „Вечерта на соло песни“

Емотивна и интимна атмосфера испреплетена со музика, поезија и љубов

Кон „Вечерта на соло песни“

Емотивна и интимна атмосфера овозможена од звуци на прекрасна музика ја исполни Камерната сала на Филхармонијата на концертот одржан на 22 април 2019 година во 20 часот. Нашата публика имаше ретка можност да ужива во камерното музицирање на двајца реномирани млади уметници – Милан Силјанов, бас-баритон со македонско потекло, кој живее во Швајцарија, и пијанистката Нино Чохонелидзе од Тбилиси, Грузија.

Станува збор за рециталско дуо со богато меѓународно искуство, голем број настапи во европските центри и освоени награди и признанија на врвни натпревари за соло рецитали и лидови, меѓу кои престижната прва награда на натпреварот за пејачи и пијанисти до 33 години во Вигмор Хол во Лондон (Wigmore Hall/Kohn Foundation International Song Competition) во 2015 година. Со подеднаков интензитет тие ги градат и своите поединечни кариери. Силјанов е подеднакво успешен оперски и концертен солист. Своето образование го започнал на Високата школа за уметности во Цирих, а понатаму се надоградувал во областа на оперското пеење во Школата за музика и драма „Гилдхол“ (Guildhall School of Music & Drama) во Лондон. Денес тој е солист во Баварската државна опера во Минхен и соработува со врвни диригентски имиња. За густината на неговите настапи доволно говори тоа што Силјанов истата оваа седмица е солист во Вердиевиот Реквием кој ќе се изведе на нашата сцена. Нино Чохонелидзе е префинет музичар која исто така зад себе има врвно образование кое `и овозможило понатаму да настапува како соло пијанист, камерен музичар и пијано соработник особено на вокални изведувачи. Дипломирала пијано во својот роден град, а со титулата магистер се стекнала на Универзитетот за уметности во Цирих.

Вечерта посветена на уметничката соло песна започна со изведба на вокалниот циклус Љубовта на поетот (Dichterliebe), оп. 48 од Роберт Шуман. Делото е напишано во 1840 година, и редовно е присутно на репертоарот на вокалните изведувачи. Се базира на поеми напишани од германскиот поет Хајнрих Хајне, дел од неговата збирка Лирско интермецо. Композиторот го создал делото во момент од животот кога бил разделен од својата љубов, пијанистката и композиторка Клара Шуман. Силјанов и Чохонелидзе го изведоа целиот циклус составен од 16 лидови испреплетени со различни емоции во кои што преовладува љубовта. Циклусот започнува со песната “Im wunderschönen Monat Mai” (Во прекрасниот месец мај), а публиката уште со првите нежни тактови на пијаното, во piano динамика, беше заробена во интимната атмосфера, и се чинеше како никој да не испушти здив сè до почнувањето на солистот. Беше фасцинатно да се следи секоја следна песна со своја мала приказна, секоја надоврзана на другата, во различен тоналитет, и со поинакви артикулациски и динамички финеси. Двајцата музичари ни го доловија циклусот со почитување на сите ознаки на композиторот, а истовремено во целата приказна доловија своја уникатна и искрена емоција. Кулминацијата на целиот циклус се почувствува во изведбата на седмата песна “Ich grolle nicht”, во која што поетот ни прикажува љубовен јад исполнет со лутина, експресивно изразен преку музиката на Шуман и тоа во навидум светол тоналитет C-dur. Особено дојдоа до израз деловите кои што во партитурата се означени со ritardando, и токму во тие делови со забавување на темпото се фокусира целата емоција на песната која што понатаму експресивно продолжува. Потребно е да се спомене и динамичкото нијансирање на солистот Силјанов, особено на еден тон кој што „лежи“ два такта, се разбира помогнат од страна на взаемното следење со пијанистката Чохонелидзе. Циклусот завршува со чувства од разочараност и тага по една љубов со последната песна “Die alten, bosen Lider” (Старите песни полни со гнев). Oва е можеби и најсложената песна во циклусот, проткаена со богат хармонски јазик, менување на темпа и низа модулации низ тоналитети со повеќе предзнаци, почнувајќи од основниот тоналитет cis-moll, па преку gis-moll и fis-moll, сè до последниот дел на песната во Des-dur тоналитет каде што почнува кратка кода доловена од пијанистката во piano динамика.

Вториот дел од концертот започна со Let us garlands bring оп. 18 од англискиот композитор Џералд Финзи, на стихови од најголемиот поет на сите времиња Вилијам Шекспир. Ова дело е циклус песни за баритон и пијано или гудачки оркестар, напишани во периодот помеѓу 1929 и 1942 година. Составен е од пет соло песни (“Come Away, Come Away, Death”, “Who is Silvia?”, “Fear No More Heat o’the Sun”, “O Mistress Mine” и последната, “It was a Lover and His Lass”, на стихови од комедијата Како што милувате). Преку изведбата на Силјанов беше доловен посебниот карактер на секоја од песните. Потребно е да се стави акцент на перфектната артикулација и дикција при звучењето на секој испеан англиски збор, што придонесе публиката да ужива и во текстуалниот дел, а не само во музичкиот.

После стиховите на германски и англиски јазик, следеа песни отпеани на француски јазик во изведбата на Дон Кихот и Дулчинеа (Don Quichotte à Dulcinée) од Морис Равел. Циклусот од три песни (“Chanson Romanesque”, “Chanson epique” и “Chanson a boire”) е компониран во периодот 1932/33 година, на текст од либретистот Пол Моран, инспириран од книжевното дело на Мигел де Сервантес. Равел со ова дело нè води низ три различни танци почнувајќи од guajira/гуариха (Куба), zortziko/зорцико (Баскија) и jotа/хота (Шпанија). Во третата песна “Chanson a boire”, дојдоа до израз актерските способности на Силјанов кој што ја играше улогата на опиениот Дон Кихот, пратен од програмската делница на пијаното во која се доловуваат звуци на отворање на пенливо вино.

Со последното дело на програмата Отпловена Русија (Отчалившая Русь) од Георгиј Свиридов, на стихови на Сергеј Есенин, имавме можност да слушнеме две песни од циклусот («Осень»/„Есен“ и «О родина, счастливый и неисходный час!»/„О, татковино, среќен и вечен час“). Иако е композитор кој главно компонира во неоромантичен лирски стил, во вокалното творештво Свиридов се инспирира од пеењето во Руската Православна црква, на овој настап пренесено преку гласот на Силјанов посебно во првата песна. Секој негов здив беше вешто пратен од пијаното на Чохонелидзе која што ја создаваше целата духовна атмосфера на песната со постепено динамичко нијансирање. Песните со својот смирен, но истовремено и драмски карактер го заокружија целиот концерт во сериозна атмосфера.

Најпрво беа овациите на публиката. Потоа пијанистката го отсвири препознатливиот вовед во кој се насетуваат почетните тактови на Финалето на Симфонијата бр. 6, „Патетична“, оп. 74, во h-moll од Чајковски. На оваа основа се надоврза полниот обликуван глас на Силјанов со „Марика мома убава“ (оп. 126). Напишана во последните години од животот на композиторот, оваа соло песна на Томислав Зографски претставува омаж за Чајковски чудесно испреплетен со истоимената македонска народна песна. Веројатно не ни можеше да има подобар начин како уметниците да ја заокружат прошетката низ различни поезии испеани на различни јазици.

Тамара Стојаноска, 25 април 2019 година