Колебливо патување низ различни музички стилови со Камерниот оркестар „Скопски солисти“ Попатна станица: Kонцертниот контрабас на Драган Трајковски
Во средата (17 април 2019 година) во 20 часот во Камерната сала на Филхармонијата на РСМ се одржа концерт на Камерниот оркестар „Скопски солисти“ со наслов „Концертен контрабас“. Уметнички раководител и основач на оркестарот е познатиот македонски обоист и професор Васил Атанасов. Водењето на оркестарот беше препуштено на диригентката Бисера Чадловска, а како солист на вечерта на контрабас настапи Драган Трајковски. Трајковски е еден од најталентираните контрабасисти од Македонија, студирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, потоа на Високата школа за музика во Келн, денес е контрабасист во Симфонискиот оркестар во Инсбрук (Tiroler Symphonieorchester Innsbruck), Австрија, каде редовно настапува и како џез музичар. Чадловска е водечки и носечки диригент на македонската музичка сцена, долгогодишен диригент во Националната опера и балет, и во моментов е уметнички раководител на Операта.
Публиката имаше можност да присуствува на концерт во кој преовладуваа изведби на познати дела во историјата на музиката, но и несекојдневен репертоар испреплетен со различни стилови, а освен тоа концертот донесе и уште една премиера на дело на македонски автор. Во изведбата на Камерниот оркестар константно се чувствуваше една несигурност особено во полето на интонацијата, но и во взаемното музицирање на инструменталистите. Тоа можеби е резултат на пребрзата подготовка на програмата или пак на недоволното познавање на музичарите меѓусебно.
Концертот започна во духот на италијанскиот барок, најпрво со творештво на композиторот Арканџело Корели. Иако не беше прецизно наведено во програмата за публиката, потребно е да се истакне дека се изведоа три става од Сонатите за виолина на Корели, оп. 5: Сарабанда (Sarabande), која што е трет став од Сонатата за виолина, бр. 7 во d-moll, потоа Жига (Gigue), втор став од Сонатата за виолина, бр. 9 во a-moll, и Бадинери (Badinerie), четврт став од Сонатата за виолина, бр. 11 во E-dur. Овие ставови од различни сонати на Корели беа изведени како споен циклус направен од страна на виолинистот, диригент и композитор Еторе Пинели (Ettore Pinelli, 1843–1915). Сарабандата со својот бавен, достоинствен карактер носи елегичен звук пропратен со голем емотивен набој кој за почеток на изведбата не беше донесен од страна на оркестарот. Лебдеше несигурност во воздухот која оневозможи да се истакне посакуваната емоција. Со вториот и третиот став оркестарот успеа да нè внесе во една позитивна атмосфера својствена на Жигата и Бадинери кои ги имаат игривоста, шеговитоста и живоста во својот карактер, и да нè подготви за следното дело, исто од барокен мајстор, Антонио Вивалди.
Се изведе неговата Увертира (Sinfonia) за гудачи во C-dur, RV. 116, со распоред на ставовите – брз, бавен и повторно брз став, карактеристично за италијанските увертири. Концертите кои вклучуваат дела од барокните мајстори секогаш треба да бидат забележани, зашто станува збор за репертоар кој не е многу често изведуван кај нас. Во изведбата на барокните композиции потребно е да се пристапи од еден друг агол што ќе опфати доловување на овој стил со сета негова сигурност во звукот и моторичноста, техничка подготвеност, интонативна изостреност и целосно увежбување на делниците на гудачкиот оркестар за да се дојде до ефект на взаемно дишење и почнување на фразите во ист момент.
Концертот не продолжи по започнатиот временски редослед на композициите, туку нè однесе во романтизмот со изведба на вториот став, Andante cantabile од Гудачкиот квартет бр. 1, оп. 11, во D-dur, на Петар Илич Чајковски. Заради убавината на овој став и впечатокот кој го оставил уште при прватa изведба на Квартетот во 1871 година, Чајковски подоцна направил повеќе оркестрации, меѓу кои и за гудачки оркестар во 1881 година. Главен столб на ставот е карактеристичната тема која се базира на народна песна од областа Каменка во Русија која што Чајковски ја слушнал во детството, а подоцна му станала инспирација за компонирање на овој мошне меланхоличен став полн со копнеж кон минатото. Диригентката Бисера Чадловска со очигледен емотивен пристап го водеше оркестарот низ музиката на Чајковски како едно смирување на атмосферата и вовед кон настапот на солистот на контрабас.
Солистот на вечерта Драган Трајковски премиерно го изведе делото на својот татко Љупчо Трајковски-Фис, Концертот за контрабас и гудачки оркестар со наслов Inspiration. Концертот се покажа како еден хибрид на различни стилови споени во едно парче. Солистот настапи на контрабас oд фирмата Pöllmann, специјален орнаментиран модел Salzburg, со карактеристична изрезбарена глава на лав наместо полжав на горниот дел од инструментот, налик на орнаментите што се користеле во изработките на виола да гамба. Трите става на делото беа изведени како во еден здив, а солистот покажа исклучителна техничка подготвеност пропратена со чист продорен тон.
Последното изведено дело за вечерта беше Симфонијата бр. 45, „Проштална“, во fis-moll на Јозеф Хајдн. За изведбата на оваа симфонија на камерниот гудачки оркестар му се придружија две хорни и две обои (во изворниот состав предвиден е и фагот). Првиот став е брз и тензичен, a тензијата ја зголемува и изборот на тоналитет кој што не бил многу често употребуван во XVIII век. Вториот став е бавен, во 3/8 такт, во сонатна форма, и се карактеризира со повторувачки мотив кој што се јавува во виолините. Во овој став дојдоа до израз обоите со својот чист тон, а беа придружувани од страна на хорните кои несигурно ги почнуваа своите делници. Во третиот став недостасуваше поголемо динамичко нијансирање за посилно да се подвлече грациозниот, елегантен карактер на менуетот. Особено треба да се внимава на деловите кога на гудачкиот оркестар му се придружуваат дувачите и од тивка piano динамика се преминува во forte. Во овој став голем удел имаат и хорните кои што сè уште беа пропратени од истата несигурност што се почувствува и во претходниот став. Финалето е во виорно Presto темпо во основниот тоналитет и се карактеризира со ритмичка напнатост постигната меѓудругото и со користење на техниката bariolage, што од друга страна придонесе и за игра со темброт на оркестарот. Ставот завршува со кода во бавно темпо каде што до крајот на делото изведувачите се простуваат со публиката и еден по еден излегуваат од сцената, сè додека не останат само две виолини за да ги отсвират последните завршни тактови на Симфонијата con sordino, во pianissimo.
На крајот, останува само уште потсетувањето на приказната за продолжениот престој на принцот Миклош во дворецот Естерхаза во ноември 1772 година, апелот на дворскиот оркестар за заминување дома, и досетливиот капелмајстор Хајдн.