Music Review 23

Хронологија на стиловите со азиско толкување Запознавање со пијанистот Хају Жанг

Хронологија на стиловите со азиско толкување Запознавање со пијанистот Хају Жанг

Во петокот, на 5 април 2019 година, во Камерната сала на Филхармонијата имавме ретка можност да присуствуваме на целовечерен рецитал на пијано на гостинот со интернационална кариера Хају Жанг (Haiou Zhang / Zhang Hai’ou) од Кина. За пијанистот Хају Жанг нашата музичка јавност беше информирана пред неколку месеци, кога тој настапи како солист во Концертот за пијано и оркестар бр. 1 во b-moll од Петар Илич Чајковски под диригентство на Јерухам Шаровски од Израел, на турнејата на Филхармонијата во Кина. Беа одржани седум заеднички концерти во исто толку концертни сали и градови на оваа најнаселена земја во светот (Хохот, Таијуан, Тангшан, Женгжу, Хенгшуи, Хефеи и Донгуан), во интензивен период од 10 дена на преминот од старата во новата (европска) година, со пропатувани илјадници возбудливи километри по копнен и воздушен пат. Деби-рециталот во Скопје беше плод на успешната соработка на уметниците кои говорат со универзалниот јазик на музиката и изразена взаемна благодарност помеѓу Хају Жанг и Филхармонијата.

На репертоарот таа вечер се најдоа дела од три епохи кои хронолошки следеа, класицизам, романтизам и импресионизам. Преку нив Хају Жанг го прикажа својот поглед кон интерпретацијата на делата и истите ги изведе на мошне нестандарден начин.

Иако во програмата беа поставени со обратен редослед, рециталот започна со Сонатата за пијано бр. 21 оп. 53 во C-dur, „Валдштајн“, од Лудвиг ван Бетовен, која беше изведена брзо, енергично и прецизно. Adagio molto донесе едно поинакво расположение, смиреност и одмереност во звукот. Хају Жанг врз секој тон стапнуваше самоуверено, како целата енергија да ја насочува кон него. Rondo, како реминисценција на првиот став (Allegro con brio), повторно ја врати главната тема на сонатата и ведриот дух во салата, потсетувајќи дека солистот музицира пред сè за да воспостави контакт и разбирање со публиката.

Второто дело од доцнокласичниот период повторно беше соната за пијано од Бетовен од неговите последни опуси, Сонатата бр. 30 оп. 109 во E-dur. Се чини дека при изборот на темпото за оваа соната солистот отишол понапред, па низ сонатата не го чувствувавме вообичаеното „дишење“, толку потребно при изведбата на едно вакво дело.

По кратката пауза, ова несекојдневно патување продолжи во нов стил, овој пат низ блокот дела од Фредерик Шопен. Прво во овој дел на програмата се најде денес можеби најизведуваното Ноктурно во cis-moll, напишано во 1830 година, а објавено во постхумниот опус на композиторот, во 1870 година. Ова Ноктурно со својата тага како да ја маѓепсува публиката со секоја негова изведба, па пијанистите на светските сцени често го исполнуваат на своите солистички рецитали или како бис на концертите. Хају Жанг го изведе делото во еден невообичаен манир, со рубато на подолгите надолни пасажи во десната рака и контрастна динамика, и бидејќи слободата во играње со динамичкиот план и темпото е препознатлива алатка на романтизмот, не бевме изненадени од ваквата слободна интерпретација.

Следеше нежниот ситно дождлив Прелудиум бр. 15 оп. 28 во Des-dur, воедно и најдолгиот од 24-те Прелудиуми на Шопен, чија задача беше да го разложи густиот набој на емоции што се почувствува при слушањето на второто грациозно и во ритам на валс ноктурно кое следеше на програмата, Ноктурното бр. 2 оп. 9 во Es-dur.

Импресионистичкиот блок започна со прелудиумот „Бријер“ (Bruyères) од втората книга Прелудиуми од Клод Дебиси, на кој се надоврза „Девојката со ленена коса“ (La fille aux cheveux de lin), осмиот прелудиум од првата книга, кој носи едноставност, топлина и лиричност во изведбата. Во двата прелудиума преовладува пентатоничната скала која комбинирана со дијатонските хармонии и модалните каденци придонесува за своевиден фолклорен призвук. Блокот композиции од Дебиси беше заокружен со Етидата бр. 11 (Étude pour les arpèges composés) која се смета за едно од неговите доцни ремек-дела, компонирана 1915 година. Со ова дело Хају Жанг уште еднаш ја демонстрираше својата техничка подготвеност и владеењето со ритамот, импресионистички боејќи низ клавијатурата преку пасажите. Преку оваа своевидна увертира ја насетивме енергијата која следеше во финалето и врвот на рециталот.

La Valse од Морил Равел, едно од најмаркантните симфониски дела во поглед на мајсторството на распишување на оркестарската партитура, создадено во 1920 година, го наоѓа својот пат на концертната сцена и преку транскрипцијата за пијано направена од самиот Равел. Како бисер на рециталот, ова дело, поретко изведувано на нашата сцена, во изведбата на Хају Жанг прозвуче како танц помеѓу пијаното и солистот.

Крајот на концертот разбирливо беше награден со голем аплауз, а Хају Жанг ја почести публиката со изведување на два биса, „Лебедот“ (Le cygne) од Карневалот на животните од Камиј Сен-Санс во транскрипцијата за пијано на Леополд Годовски, и композицијата Реката Лиујанг (Liu Yang He) од кинескиот композитор Ванг Јијанжонг (Wang Jianzhong), базирана на истоимената кинеска традиционална песна разработена во импресионистички манир со виртуозни фигурации, арпеџа и пасажи, која побуди носталгија и воздишки кај азискиот дел од публиката.

Салата беше исполнета речиси до последното место, а веќе неколку дена пред концертот се бараше место повеќе за да се доживее ова стилски хронолошко и музички несекојдневно патување во кое нè поведе Хају Жанг, и кое заврши со успех и овации.

P.S.

Рециталот на Хају Жанг одржан во Скопје, насловен “Fingerprints Recital”, беше поврзан со неговиот CD-албум Fingerprints издаден во 2017 година, а на програмата на рециталот се најдоа дури четири дела од албумот. Со изборот на програмата, пред сè заради делото од кинескиот автор Ванг, Хају Жанг се обидува да остави свој отпечаток во музичката историја, промовирајќи космополитизам и ширење на својата култура насекаде во светот.

Преку изведбите на делото Реката Лиујанг, тој истакнува дека неговата цел е да ја претстави кинеската музика пред што поразлична публика. Фактот што во публиката имаше гости од азиско потекло придонесе ова домашно дело од Кина да ја омекне атмосферата во салата, а инстантниот одговор од публиката беше неизбежен.

За концептот на рециталот, самиот Хају Жанг вели дека репертоарот беше поделен во две дијаметрално спротивни компоненти, интензивен прв дел и légère втор дел, меѓудругото и со композиции во кои Дебиси користи азиски музички елементи. Првата половина од рециталот беше посветена на Бетовен, чие творештво го изведува со посебно задоволство, а покрај ова ја има во предвид и 250-годишнината од раѓањето на Бетовен која се ближи во 2020 година, па тој со своите рецитали сака да ја започне прославата малку порано.

Емили Јањиќ Дачевиќ, 9 април 2019 година