Ентузијазам во полупразна сала
Во четвртокот, во својот редовен термин, Македонската филхармонија одржа концерт со наслов „Да танцуваме“. Веројатно организаторите инспирирани од насловите на делата кои беа на програмата сметале дека овој наслов ќе биде соодветен, но за жал на повикот за танц не се одзва поширок круг на публика.
На овој концерт на Македонската филхармонија за првпат после подолго време акцентот беше ставен на оркестарските музичари. На програмата беа Словенските танци (избор од) оп. 46 од Антонин Дворжак и Симфониските танци оп. 45 од Сергеј Рахмањинов. Ентузијазмот со кој оркестрантите пристапија кон изведбата на овие дела можеше да се забележи уште во првите ставови од Дворжак, но особено дојде до израз во исполнувањето на оркестарската свита танци на Рахмањинов. Ентузијазмот се чувствуваше и во начинот на кој гостинот диригент Габриел Бебешелеа од Романија го водеше оркестарот, инспириран од филхармоничарите во чиј состав за овој концерт беа вклучени повеќе млади музичари. Со секој нареден концерт во оркестарот забележуваме сè повеќе студенти што секако би го оцениле како своевидна пракса (толку потребна за студентите по музика, која кај нас заради ограничениот број оркестарски ансамбли речиси ја нема) и позитивна можност идните дипломирани музичари да ја искусат сцената во нивните студентски денови. Укажаната прилика во овој случај да настапат со талентиран и наградуван оркестарски и оперски диригент кој веќе има свое место помеѓу диригентите на денешнината, претставува дополнителен поттик за ентузијазмот кај нив да не стивнува.
Во првиот дел на концертот со Словенските танци оп. 46 од Дворжак, изборот на ставовите (танците) кои беа изведени беше направен мудро и внимателно за времетраењето на делото да се прилагоди на концентрацијата на публиката. Концертот започна моќно и енергично, а сето тоа се одрази и врз публиката која како и вообичаено даде аплауз после првиот став. Но тоа овде би го протолкувале како позитивна реакција и поттик кон оркестрантите и Бебешелеа. Понатамошниот тек на ставовите се одвиваше смирено, а најголема кохезија помеѓу дрвените дувачи и гудачите се почувствува во танцот “Sousedská” бр. 6 во која тие музицираа, се спротивставуваа и надополнуваа, за изведбата со последниот став “Furiant” бр. 8 да заврши светло и енергично.
По кратката пауза следуваа Симфониските танци оп. 45, последното дело на Рахмањинов. Во ова дело покрај колективното музицирање, оркестрантите имаа можност да се докажат и преку солистичките делници, па мотивирани од тоа беа комплетно вложени и фокусирани во исполнувањето на задачата. Флејтата, обоата, англискиот рог, кларинетот, саксофонот и фаготот одлично се надополнуваа, секој чекајќи го својот момент за изразување. Со особено уживање и внимателност оркестарот го свиреше вториот став во темпо на валцер. Во ставот и изразот, гудачите, понесени од музиката и виртуозноста со која се напишани нивните делници, наизглед делуваа како солисти, но звукот покажуваше сплотеност на силите и заедничко музицирање.
Целокупниот впечаток од концертот останува позитивен, но како голема забелешка веќе ја споменавме полупразната сала. Се чини дека најчесто посетени се концертите на Филхармонијата во кои имаме солист гостин од странство. Покрај ова, и на овој концерт како и на претходниот, најголемиот дел од публиката беа студентите по музика. Затоа би го поставиле прашањето: за кој вид на публика се наменети овие концерти и зошто посетеноста не е во поголем број? Зашто за танц сепак се потребни двајца.