Бура од емоции и контрасти
Изминатиот четврток во салата на Македонската филхармонија се одржа мошне интересен концерт во кој беа спротивставени повеќе елементи, џез удиралки и кинеска пентатоника, австриски виолинист, комична опера и врвна виолинска француска школа, шкотски народни мелодии и ритми во раноромантичарски оркестарски звук. Под раководството на холандскиот диригент Конрад ван Алфен, македонскиот филхармониски оркестар зазвуче со една поинаква боја во која преовладуваше посебна топлина. Можеби тоа се должеше на фактот што како прво дело на програмата беше премиерата на Jasmine Flowers and Red Chestnuts од Владимир Николов, дело кое се базираше на џез хармонии и ритам, и пентатонични мотиви. Во делото посебен ефект направија делниците на удирачките инструменти одлично подготвени од страна на филхармоничарите од оваа група, а тоа очекувано придонесе за позитивна атмосфера во салата и голем аплауз. Веројатно, честа да се изведува премиера се покажа пресудна во мотивацијата и вложеноста на оркестрантите.
Како второ дело на програмата се изведе Концертот за виолина и оркестар бр. 5 во а-moll, оп. 37 од Анри Виетан, во чиј втор став се користи неофицијалната химна на Кралството Франција, „Каде може да е подобро отколку во семејството?”, која прв пат се појавува како дел од комичната опера Лусил на Андре Модест Гретри. Интересно е да се спомене и тоа дека овој концерт по неговото објавување во 1861 година, бил речиси заборавен, но Виетан верувал дека делото со текот на времето ќе добие свое место во виолинскиот репертоар што и се случило. Оваа вечер делото имаше свое место и на нашата сцена, а како солист настапи австрискиот виолинист Бенџамин Шмид. Овој виолинист покрај тоа што владее со класичниот репертоар, важи и за мајстор во изведувањето на репертоарот за виолина на ХХ век, но е и одличен џез импровизатор. Неговата умешност во изведувањето и полноста во звукот на виолината, која звучеше речиси како виола, латентно постави паралела помеѓу романтизмот и импровизацијата. Шмид го изведе делото со суверено водење на солистичката линија и со умерена експресивност и смиреност со која ги освои симпатиите на публиката.
Третото дело, повторно од Виетан, по кое беше насловен и самиот концерт, Фантазија апасионата оп. 35, исто така премиерно прозвуче на нашата сцена. Како и Концертот, и ова дело на Виетан се состои од три става. Првиот став (Allegro moderato), беше изведен со впечатлив и енергичен почеток, во кој солистот Шмид ја демонстрираше својата техника претопена во емотивните солистички делници, одлично надополнувајќи се со оркестарот. Во вториот став Largo, донесе поинаква сталожена атмосфера, која потсетуваше на своевидно збогување, за на крајот да нè доведе до финалето (Saltarella – Allegro vivace) во кое целото дело се заокружува преку класичен завршеток.
По кратката пауза следуваше Симфонијата бр. 3 „Шкотска“ во a-moll, oп. 56 од Феликс Менделсон. Оваа симфонија која се состои од четири става, Менделсон ја напишал при неговото патување во Шкотска, инспириран од тамошната народна музика. Ставовите во Симфонијата се надоврзуваат еден на друг, без пауза, нетипично за изведбите на симфониите. Филхармонискиот оркестар добро се справи со звукот на Симфонијата, која претставува бура од емоции и контрасти, и во која секој од ставовите носи поинакво расположение. Диригентот ван Алфен успеа до крај да ја спроведе својата замисла во која оркестрантите внимателно го следеа од почеток до крај.