Music Review 28

Светло, дурско и свечено

Кон концертот на Македонската филхармонија одржан на 28 февруари 2019 година

Светло, дурско и свечено

Кон концертот на Македонската филхармонија одржан на 28 февруари 2019 година

„Пет става во дур“, токму со овие зборови беше насловен концертот на Македонската филхармонија кој се одржа на 28 февруари 2019 година. Светло, дурско и свечено. Со овие атрибути можеме да го именуваме и целокупното расположение со кое беше пропратен овој концерт.

Диригент на концертот беше познатиот Даниел Рајскин кој со својата харизма и посветеност, несебично вложувајќи се, со својата замисла го водеше оркестарот на патување низ композициите.

Концертот започна со премиерната изведба на Tанците од Марошсек од Золтан Кодај кои ја отворија вечерта и донесоа игриво расположение, пропратено со фолклорните теми во духот на Кодај. Напишани во 1927 година за пијано, а подоцна оркестрирани, овие танци го отворија патувањето на кое се надоврзаа романтичарските дела.

По ова дело следеше една кратка пауза од неколку минути со цел да се подготви сцената за делото за пијано и оркестар кое следеше. Ова се чини не беше најумешното разместување на сцената, бидејќи членовите на оркестарот немаа каде да застанат, па половината од нив мораа да излезат надвор или да застанат до сцената. Оваа пракса ја среќававме на неколку настани; како просторот позади сцената да е недоволно голем за оркестрантите при промена на сцената. Ова за момент ја наруши атмосферата и сконцентрираноста на концертот, но сето тоа беше заборавено со излегувањето на солистот на вечерта.

Како солист и ѕвезда на вечерта со особено внимание од публиката беше проследен рускиот пијанист Андреј Гугнин, кој со извонредна техничка подготовка, чист тон и леснотија го изведе Kонцертот за пијано и оркестар бр. 2 во A-dur од Франц Лист. Театралноста и шармот со кој Гугнин заведуваше дополнително ја освои публиката која го награди со долг аплауз по кој следеа два биса. Првиот бис беше замислен како сувенир на концертот со заеднички настап на двајца водечки пијанисти од помладата генерација, воедно и пријатели: Гугнин заедно со нашиот пијанист Дино Имери изведоа (веројатно коавторска) обработка на македонската народна песна „Елено ќерко, Елено“ поставена во четирирачно пијано. Со вториот бис Гугнин повторно ја демонстрираше својата супериорна техничка подготвеност и “Precipitato” и енегрично `и го пренесе на публиката третиот став од Сонатата бр. 7 од Сергеј Прокофјев. Средишниот експресивен дел го изведе со голема самоконтрола, јасност и прецизност. Двата биса беа испратени со долг и гласен аплауз.

По паузата која следеше, на репертоарот се најде и Симфонијата бр. 3 во D-dur оп. 29 од Петар Илич Чајковски. Напишана во 1875 година, таа е единствената симфонија на Чајковски која е напишана во дурски тоналитет и која содржи пет става, оттаму и насловот на концертот, и од сите симфонии на Чајковски тоа е онаа која што најмалку се изведува – на концерти. Заради нагласеното танцово начело, поединечни ставови на делото најчесто се изведуваат како балетска музика. Бидејќи целата симфонија звучи светло, уште по завршетокот на првиот став од публиката беше изнуден силен аплауз. Тоа на момент ја наруши целината на делото, но благодарение на смирените завршетоци на останатите ставови, делото под вешто водство на искусниот Рајскин успеа да зазвучи целосно и непрекинато, како што и му доликува на едно симфониско дело на романтизмот со целата негова грандиозност во оркестрацијата, хармонијата, мелодичноста и времетраењето.

Доколку би ги сублимирале сите впечатоци од вечерта, секако резултатите кои произлегуваат на крајот се позитивни. Единствено останува да се размисли околу изборот и комбинирањето на не толку изведуван репертоар. Кога станува збор за премиерно изведени дела, изведувачите и публиката се секогаш поставени пред предизвик околу интерпретацијата и прифаќањето на делото, што од друга страна придонесува за збогатување на репертоарот и отворање на нови музички хоризонти.

Емили Јањиќ Дачевиќ, 2 март 2019 година