Music Review 29

Концерт на Македонската филхармонија со дурско начело

Кон концертот на Македонската филхармонија „Пет става во дур“ одржан на 28 февруари 2019 година

Концерт на Македонската филхармонија со дурско начело

Кон концертот на Македонската филхармонија „Пет става во дур“ одржан на 28 февруари 2019 година

На 28 февруари 2019 година се одржа целовечерен концерт на Македонската филхармонија под диригентско водство на Даниел Рајскин, а како солист на пијано настапи Андреј Гугнин од Русија. Концертот го носеше насловот „Пет става во дур“.

Концертот беше конципиран во два дела одделени со пауза. Во првиот дел, Филхармонијата го отвори концертот со премиерната изведба на Танците од Марошсек од Золтан Кодај, а потоа сцената беше препуштена на солистот кој го изведе Концертот за пијано и оркестар бр. 2 во A-dur, S.125 од Франц Лист. Во вториот дел од концертот прозвучи не многу често изведуваната Tрета симфонија во D-dur оп. 29, наречена „Полска“ на Петар Илич Чајковски.

Следејќи ги и претходните концерти на Македонската филхармонија многу лесно може да се забележи дека Филхармонијата одлично соработува и взаемно создава музика на сцена со маестро Рајскин. Како и во претходните заеднички концерти и во овој се забележа задоволството кај музичарите на сцена, вешто водени од страна на диригентот полн со позитивна енергија. Се истакна одличното динамичко нијансирање на оркестарот особено во делото на Кодај и симфонијата на Чајковски, додека во изведбата на Концертот за пијано и оркестар, оркестарот мошне солидно го следеше солистот во секој негов отсвирен тон. Сепак, неизбежен е впечатокот дека во нашиот оркестар сè уште недостасува заедничкотo дишење на изведувачитe во оркестарот и взаемнотo почнување на фразатa, односно претставата за еден механизам кој заедно дише во текот на целата изведбa на композицијата.

Делото на Золтан Кодај од 1927 година разработува шест мелодии собрани од поднебјето на унгарскиот град Марошсек, по кого и делото го има добиено своето име. Главна карактеристика на оваа композиција е колоритот на оркестарскиот звук и контрастот во оркестарските бои, нешто што диригентот успеа да го извлече од Македонската филхармонија на овој концерт. За почеток на концертот делото зазвучи во салата на Филхармонијата со својот карактеристичен танцов ритам.

На Концертот за пијано и оркестар бр. 2 Франц Лист започнал да работи во 1839 година, а го завршил во 1857 година, но последните ревизии на делото ги направил во 1863 година. Овој Kонцерт од проследувачите на музичката уметност многу често е опишуван и како симфониска поема за пијано, заради главната тема која доживува бројни трансформации и варијации, се развива постепено со доза на мистичност, смиреност и колаж од богати хармонии. Солистот го донесе концертот на свој начин, со огромна контрола врз инструментот. Гугнин свиреше со леснотија и публиката ја почувствува секоја завршена фраза, особено исклучителнатa piano динамика во која што се истакна секој отсвирен тон. Посебно интимна атмосфера се создаде во средниот дел од концертот наметната од нежниот дијалог помеѓу пијаното и соло виолончелото што овозможи целосна изразност на главната мисла во делото. Битно е да се истакне дека солистот долови успешна градација од почетокот до крајот на изведбата. Како изненадување за публиката, после завршувањето на Концертот, солистот го повика на сцената нашиот млад пијанист во подем Дино Имери и заедно во четири раце изведоа аранжман за пијано на староградската македонска песна „Елено ќерко, Елено“. Гугнин потоа отсвири уште едно дело на бис, третиот став од Сонатата бр. 7 од Сергеј Прокофјев.

Вториот дел од концертот беше посветен на музиката на Чајковски и неговата Tрета симфонија во D-dur оп. 29. Симфонијата Чајковски ja напишал во 1875 година, a својот наслов „Полска“ го добила од страна на диригентот Аугуст Манс. Ова е единствената симфонија на Чајковски компонирана во пет, наместо вообичаените четири става и многу често, во тој поглед, е споредуванa со Третата симфонија на Роберт Шуман. Многу критики оценуваат дека Симфонијата е повеќе академски градена, сo фокус на техничкото начело во композиторското мајсторство, односно композиторот во ова дело прави отстапки во формата како и начинот на кој вообичаено ја користи хармонијата, со што се губи познатиот манир на Чајковски. Во оваа изведба на Македонската филхармонија се почувствува динамичкотo нијансирање карактеристично за романтизмот и целосна склопеност на делниците, особено во гудачкиот оддел. До израз дојдоа и дувачите кои што најчесто се проблематични на концертите на Македонската филхармонија. Тука треба да се издвои соло тромбонот во третиот бавен став кој мошне успешно ја изнесе својата делница. При крајот на концертот се наметна впечатокот дека дојде до замор во изведбата и опаѓање на живиот карактер кој што го носи ова дело.

Тамара Стојаноска, 3 март 2019 година