Music Review 30

20. прелудиум на Шопен како оска

Кон рециталот на пијанистката Марија Ѓошевска

20. прелудиум на Шопен како оска

Кон рециталот на пијанистката Марија Ѓошевска

Пијанистката Марија Ѓошевска на 7 април 2026 година, во Камерната сала на Филхармонијата, одржа рецитал пред избрана публика, вљубеници во музичката уметност, колеги и бројни студенти од нејзината класа. Самата Ѓошевска во едно од своите медиумски претставувања, по повод концертот, вели: „Класичната музика е како куќа изградена на здрав темел. Наобразбата во класичната музика е секогаш она вистинското, понатаму е прашање на избор дали уметникот ќе се занимава со друг жанр, но класичната музика е основата од која се тргнува, и нејзиниот развој е долг повеќе од 600 години. Младите денес ќе се интересираат за класичната музика онолку колку што ние ќе им ја доближиме.“ Таа припаѓа на оние професори кои континуирано се залагаат младите да имаат непосреден контакт со класичната музика и почесто да присуствуваат на концертите.

Во тој контекст, неволно на ум доаѓа познатата сцена од претставата Амадеус на Питер Шафер, во која австрискиот император Јозеф II забележува дека во музиката на Моцарт има „премногу ноти.“ (Истата претстава, во извонредна режија на Александар Поповски, изведена од Словенско народно гледалишче од Марибор, скопската публика имаше можност да ја проследи минатата седмица.) Оваа вечна тема, кога некому му пречат „премногу ноти“, денес добива нова актуелност, во време кога ретко се слушаат рецитали со времетраење подолго од 90 минути, без паузата, и со низа бисеви. Првиот бис на Ѓошевска беше виртуозното дело Liebesfreud од Крајслер, во обработка на Рахмањинов, дело што со својата тежина и ефектност можеше да биде дел и од редовната програма.

Ѓошевска е меѓу ретките пијанисти кои можат да изнесат ваков обемен и концепциски јасен рецитал. На сцената дојдоа до израз нејзиното искуство и зрелоста во доживувањето на делата. Нејзината интерпретација се одликува со одмереност што произлегува од долгогодишно наталожување на репертоарот. Таа изгради цврсто и промислено видување на програмата, во знакот на Шопен. Поседува извонредна мемориска кондиција за ваков обем, а нејзината техника е сигурна, брза и чиста, со суптилно моделиран тон и прецизна рамнотежа меѓу рационалното и емоционалното. И покрај исклучителната тежина на програмата, не се почувствува ниту најмал знак на замор кај неа.

Програмата беше обликувана како драматуршки лак, со јасна оска во 20. прелудиум. Рециталот започна и заврши со интимниот, камерен Шопен (вториот бис – Мазурката во Це-дур, оп. 24 бр. 2). Во првиот концертен блок беа изведени 24-те прелудиуми, оп. 28 од Фредерик Шопен. Во вториот блок следеше избор од Варијациите, оп. 22 од Сергеј Рахмањинов, напишани врз темата на 20. прелудиум на Шопен – оној со акордски, ламентозен образец. Тука особено дојдоа до израз густата пијанистичка текстура, меланхоличниот набој и изразената полифонизација карактеристични за Рахмањинов.

Посебен сегмент, сместен меѓу двата блока, беше посветен на современото македонско творештво. Ѓошевска ја изведе композицијата Felem од Бете Илин, напишана специјално за неа, која исто така го следи варијацискиот принцип. По изведбата со оркестар пред две години во истата сала, овојпат беше претставена соло верзијата, со што концертот доби и премиерна димензија. Вклучувањето на современа македонска музика е континуирана определба на Ѓошевска, реализирана и овојпат со особена програмска промисленост.

И повторно, да се навратиме на 20. прелудиум. Во изминатиот период, меѓу другото, вниманието беше насочено и кон фестивалот Санремо, еден од најзначајните фестивали на популарна музика. Песната изведена од Челентано и Моранди во 2012 година ги содржи стиховите „Cambia il mondo, vedo oltre quel che c’è“ („Промени го светот, гледам подалеку од она што е таму“) и е изградена врз истата акордска прогресија како и 20. прелудиум на Шопен. Оваа асоцијација, која се наметнува надвор од самиот концертен контекст, потсетува дека еден класичен хармонски модел може да опстојува низ вековите и да се појавува и во популарните жанрови, па дури и во италијанската канцона. Но, идејата за „менување“ и „гледање подалеку“ може да се доведе во врска со заложбата на Ѓошевска класичната музика да им се доближи на младите, односно можноста преку познатото (еден ист хармонски образец) да се стигне до подлабоко, послоевито слушање.

Концертот на Марија Ѓошевска се потврди како високо уметничко остварување. Таа демонстрира зрелост, техничка сувереност и извонредна мемориска сигурност, но пред сè, способност да ја пренесе суштината на секое дело. Без разлика дали станува збор за романтичарски прелудиум, густ руски пијанизам или современа композиција со ритмичка енергија и асоцијации на аргентинско танго, нејзината изведба ја потврдува класичната музика како жив јазик, не како музејски експонат, туку како уметност што и понатаму комуницира.

Трена Јорданоска, 8 април 2026 година